Цивилизација (филм од 1916)
Цивилизација (англиски: Civilization) - американски филм од 1916 година, во режија на Томас Х. Инс, Реџиналд Баркер и Рејмонд Б. Вест. Главните улоги ги толкуваат: Хауард Ц. Хикман, Хершел Мајал, Џорџ Фишер, Енид Марки и Џ. Френк Бурк. Во 1999 година, филмот бил внесен во Националниот филмски регистар на САД.[1]
Синопсис
уредиВо едно мирно кралство, луѓето живеат среќен, идиличен живот, кој наеднаш е прекинат кога избувнува војна. Во парламентот се води остра дебата, а единствено Лутер Ролф (го игра Бурк) агитира против војната. Сепак, поттикнат од офицерите, кралот (го игра Мајал) одлучува да ја потпише одлуката за објавување на војната, а луѓето воодушевено заминуваат во борба. Притоа, кралот го ангажира грофот Фердинанд да направи модерна подморница која ќе му помогне да победи во војната. Во меѓувреме, жените се организираат во пацифистичко движење, а меѓу нив се наоѓа и свршеницата на Фердинанд (ја игра Марки). Таа го моли да не ја прифати воената служба, но тој оди во војната, во име на верноста кон кралот и татковината. Меѓутоа, како заповедник на подморницата, Фердинанд добива наредба да потпопи брод полн со цивили. Тој си ја замислува глетката на потпопениот брод и ја одбива наредбата. Притоа, Фердинанд се бори со морнарите и ја потопува подморницата, а неговото тело го извлекуваат од морето. Фердинанд се наоѓа на прагот на смртта, а неговата душа го среќава Исус (го игра Фишер) во чистилиштето. Исус му кажува дека преку неговото тело ќе се врати на земјата за да агитира за мир. Така, неочекувано, Фердинанд оживува и пред кралската палата држи говор против војната. Некои луѓе го поддржуваат, но други го каменуваат. На кралот му соопштуваат дека Фердинанд станал предавник и тој го осудува на смртна казна. Додека се наоѓа во затворот, него го осветлува божествен зрак кого го забележуваат и калуѓерките, кои им се придружуваат на насобраните жени пред кралската палата. Фердинанд умира во затворот, а кога го посетува, кралот го гледа Исус Христос. Притоа, душата на кралот се одделува од телото и Исус му ги покажува страдањата во војната, кажувајќи му дека неговото име е запишано со крвава трага во книгата на заслугите и гревовите. Кралот е силно потресен и го потпишува мировниот договор, а во неговата земја повторно владее мирот.[2]
Наводи
уреди- ↑ Library of Congress (16 ноември 1999). "Librarian of Congress Names 25 More Films to National Film Registry". Соопштение за печат. посет. 29 септември 2009 г
- ↑ IMDb, Civilization (1915)(пристапено на 1.4.2019)