Хип-хоп Македонија

(Пренасочено од Хип Хоп Македонија)

Хип-хоп Македонија — првата македонска организација која се залага за заштита на оригиналната хип-хоп култура, преку предавања, концерти, книги, филм, музика, списание и промовирање на хип-хоп културата во високообразовни инститиции и културни центри. Организацијата е формирана во 1999 година во Скопје, како резултат на зголемената потреба за поединечен интелектуален развој на македонските хип-хопери.

Графит Хип-хоп Македонија

Дејност

уреди

Паралелно со развојот на рап-музиката во Македонија, се јави и потреба за вистинска литературна еманципација на лицата кои се дел од македонската хип-хоп генерација, а кои изворите ги добиваа делумно од најразлични извори. Хип Хоп Македонија се залага за надминување на негативниот став кон хип-хопот (насилство, дрога, расни проблеми), преку различни активности, промовирајќи ги позитивните вредности коишто оваа култура ги прокламира: учење, знаење, самодисциплина, критички однос кон општествените појави.[1]

Во досегашното дејствување, како членови на организацијата се јавиле повеќе македонски хип-хоп активисти, кои со својата дејност значително придонеле за заживување, одржување и промовирање на македонската хип-хоп култура како во земјата, така и во странство.[2]

Книги

уреди

во 2005 година Александар Ковилоски и Славчо Ковилоски ја издаваат книгата „Аспекти на македонската урбана култура – Хип Хоп Македонија“ – првиот вистински улично и научно критички издржан и прифатен андерграунд медиум. Книгата, издадена во тираж од 1 000 примероци, беше комплетно распродадена преку книжарниците и преку бутлег кампања. Се состои од два дела: првиот е дипломскиот труд на А. Ковилоски додека, вториот е истражување на мак-рап историјата спроведено од С. Ковилоски. Книгата денес важи за едно од најдобро продаваните хип-хоп изданија во Македонија, без разлика дали станува збор за носач на звук (ЦД, винил, касета) или пишан збор (книга, списание).[3]

Поради големиот интерес на урбаната младина за хип-хоп културата, во следните години истите автори објавија уште две книги: „Хип-хоп книга“ (2007)[4] и „Хип-хоп речник“ (2008)[5]. Се работи за дела кои се надградба на правата книга и кои опфаќаат теми од широк опсег, продирајќи подлабоко во идеите кои ги носат урбаните поткултури. Во 2013 година беше објавена и книгата „Осознавање на афроамериканската култура преку уметнички форми во ХХ-от век“. Книгата ги елаборира културните и уметничките правци на афроамериканската популација во ХХ-от век, кои имаат придонесено за појавата, развојот и одржувањето на афроамериканската култура.[6]

Музичка дејност

уреди

Во рамките на активностите на Хип Хоп Македонија влегува и дејствувањето на групите Клан Исток и Браќа по крв.

Клан Исток е македонска андерграунд хип-хоп група активна на почетокот од 21-от век. Формирана во Скопје во 2000 година, групата постави нови стандарди во создавањето на рап музика во Македонија. Нивниот хит „Рапери во криза“ е дел од антологијата на македонскиот андерграунд рап. Клан Исток досега има издадено два албума: Првиот Удар (2005) и Отворена сезона (2013). Групата има одржано повеќе успешни концерти на групата, а ја делеа сцената и со членови од Wu-Tang Clan, Jeru Da Damaja, Busta Rhymes, Guru итн.[7]

Главна тема во нивните песни се хардкор рап актови и социјалниот активизам, иако не се изоставени и други теми. Групата често повикуваше на промена на македонскиот политички систем, опишувајќи го како кревок, кршлив, лажен и корумпиран. Покрај песните кои во себе имаа социјална нитка, во некои песни интерес на членовите на групата се и забавите и друштвениот живот.[8]

Музиката и видео продукцијата се работат во склоп на студиото Arena Records.

Хип-хоп трибини

уреди

Идејата за организирање на хип-хоп трибини се јави од потребата за дискусија, во живо, меѓу македонските хип-хопери. Дотогашните искуства од дискусии преку интернет форуми немаа голем ефект, бидејќи не беа сфатени сериозно – секој можеше да го напише своето мислење, без да биде демантиран во живо, со аргументи. Спојувањето на критична маса од луѓе на едно место, кои можеа да разговараат за насоките и проблемите во хип-хоп културата се покажа како добар потег и многу млади лица се едуцираа токму преку овие трибини, кои исто така имаа за цел и охрабрување на поединците да го кренат својот глас и пред поголема маса да го кажат своето мислење за одредена тема.

 
Хип-хоп предавање во American Corner, Skopje, 2008

Од почетокот на 2006 година до денес, Хип-хоп Македонија има реализирано преку 50 трибини ширум Македонија и во странство, на најразлични теми. Најголем дел од трибините се одржуваа во Скопје (во Американскиот културен центар – American Corner, во Културниот центар Точка, во Кинотеката на Македонија, во гимназиите Јосип Броз Тито и Орце Николов итн.), но беа организирани и во Битола (во неколку наврати), Велес, Прилеп, Струга, како и во Хрватска, Србија, Бугарија и САД (во Њујорк) итн.[9][10]

Своите размислувања за хип-хоп културата, членовите на Хип-хоп Македонија имаа можност да ги истакнат и во неколку високо образовни и научни институции, како на пример: во Големиот амфитеатар на Филозофскиот факултет во Скопје, на Културолошките студии во Институтот за македонска книжевност во Скопје, на Факултетот за музичка уметност во Скопје, и последната, можеби и најзначајната, во Македонската академија на науките и уметностите, кога во рамките на меѓународната научна конференизија „Популарна култура-поглед одоздола“, беше прочитан реферат за комерцијализацијата на хип-хоп културата.[11]

Со ваквите активности, екипата на Хип-хоп Македонија го потенцираше значењето и влијанието кое хип-хопот го има во секојдневниот живот. Истовремено, предавањата во научните институции претставуваа можност за запознавање со оваа култура и на повисоко, академско ниво.[12]

Хип-хоп магазин (телевизиска емисија)

уреди

Во периодот од 2007 до 2010 година, на Првиот канал од Македонска Радио-Телевизија се емитуваше емисијата Хип-хоп магазин. Можноста на визуелен начин да се долови културниот аспект на хип-хопот беше дотолку позначајна не само поради тоа што за првпат на еден јавен сервис беше пласирана емисија која обработува теми од областа на поткултурите, туку и поради слободниот начин на кој тие теми беа пласирани. „Хип-Хоп Магазин“ беше динамична емисија исполнета со многубројни содржини кои беа внимателно одбрани и професионално реализирани за да го задржат вниманието на почитувачите на андерграундот. Темите презентирани во неа имаа широк опсег, но секогаш беа поврзани со хип-хопот, давајќи и’ ја онаа тежина на критичка издржаност која секогаш е проблем да му се даде на хип-хопот кога се презентира подалеку од маалските кругови. Се обработуваа најразлични теми - од Црните Пантери и Малком Екс и нивната револуционерна борба, теми за гетото и уличните банди, теми за графити и скречување, за хип-хоп облека и рецензии на рап албуми.[13]

Хип-хоп Македонија на интернет

уреди

Во 2008 година, активностите се насочија кон создавање на мрежно место кое ќе ја опфати дејноста на целокупната мак-рап сцена и кој ќе ги информира хип-хоперите за сите журки и настани кои се случуваат во Македонија и во соседните држави. Во април 2009 година беше промовиран hiphopmacedonia.com, мрежно место кое ја исполни целта за која било создадено. За првпат во македонскиот рап се пласираа хип-хоп колумни на одредени теми, се објавуваа статии, се работеа ексклузивни интервјуа со легендите на светската (Kool G Rap, Delinquent Habits, R. A. The Rugged Man и други) и на домашната сцена, се објавуваа снимки од журки кои екипата ги посетуваше, се презентираа најновите песни, се промовираа млади рап артисти.

Магазин „4“ (хип-хоп списание)

уреди

Во 2010 година како дел од мрежното место се појави и специјализираното семрежно списание за хип-хоп – Магазин „4“, чие име доаѓа од четирите елементи на хип-хоп културата. Во „4“ се обработуваа уште подлабоки теми на кои дотогаш не им беше овозможено да го видат светлото на денот, што уште повеќе доведе до популаризација на мрежното место дури и кај оние кои не беа приврзаници на хип-хопот.

Македонски хип-хоп награди

уреди

Бидејќи потенцијалот на македонскиот хип-хоп го достигнуваше својот врв, во 2009 година Хип-Хоп Македонија реши да ги организира Првите македонски хип-хоп награди. Целта на овој настан беше да се прослави постоењето на хип-хоп културата на овие простори. На настанот наречен Први Македонски Хип-Хоп Награди 2009, учествуваа скоро сите групи и артисти кои оставиле белег на домашната сцена, а истовремено беа промовирани и многу млади артисти. Промоцијата се состоеше во номинирањето на артисти во повеќе категории на успешност во 2009 година, со што интересот меѓу хип-хоп обожавателите уште повеќе се зголеми. Настанот беше организиран на 24.12.2009 година во клубот Кастро. Концептот на наградите беше задржување на андерграунд содржината, преку организација на битбокс двобои, брејкденс, и рап настапи на најактивните мак-рап артисти во преполната сала, а помеѓу настапите беа доделени и наградите за најдобрите во таа година. Следната година беа организирани и Вторите Македонски Хип Хоп Награди 2010, по истиот концепт. Следните години немаше организација на таков настан поради фактот што дел од рап артистите не соработуваа меѓу себе и не сакаа повторно да се појавуваат на ист настан и да делат иста сцена. Во отсуство на добра волја од страна на постарите македонски рапери, кои требаше да бидат носители на прогресот на македонската хип-хоп култура, се изгуби смислата за ваков вид манфиестација. Македонските Хип-Хоп награди се значајна алка во развојот на македонската урбана култура.[14][15]

Документарни филмови

уреди

Во 2015 година екипа на Хип Хоп Македонија го реализираше македонскиот хип-хоп документарец Сложувалка. Филмот не е класичен хип-хоп документарец, туку е колаж од гледишта, искуства и идеи на поединци од македонската хип-хоп сцена, вклучувајќи интервјуа со скоро сите позначајни артисти и групи од почетокот на макрап сцената до денес. Филмот не ја документира историјата на македонскиот хип-хоп, туку на експериментален начин поттикнува прашања и отвора дискусија за сегашноста на оваа култура, споредувајќи ја со сложувалките, кај кои доаѓањето до финалната слика е процес на трпеливост, интелигенција и креативност. Премиерното прикажување се случи на скопскиот филмски фестивал Cinedays. Од страна на медиумите Сложувалка е опишан како „филм кој се стреми кон култен статус“, и како „одлична визуелизација на една култура“.[16][17]

Филмот се однесува на видувањето на еден претставник на хип-хопот од Македонија, кој решава да ги посети најзначајните места во Њујорк, а кои се однесуваат на хип-хопот. Филмот започнува со сцени од македонската хип-хоп и урбаната култура во Скопје и скопските клубови, а понатаму се одвива на улиците на Квинс, Харлем, Шпански Харлем, Бронкс и Бруклин. Главна цел е да се направи паралела помеѓу развојот на хип-хопот во САД и во Европа, поточно во Македонија, каде што хип-хопот се појави на почетокот од 90-тите. Овој документарец исполнет со музика од златното време на хип-хопот и слики од гетата и местата каде што се развиваше оваа култура, даваат личен приказ за градот што го доживеал авторот на филмот, кој пораснал со хип-хоп културата. Филмот е реализиран во 2020 година.[18]

Проектот Hip Hop Made in Macedonia

уреди

Целта на проектот, чија идеја се роди од тв емисијата „Хип-хоп магазин“ беше да ја презентира хип-хоп културата во Македонија. Со проектот првпат во македонската музичка историја, македонскиот хип-хоп ќе може да се слушне во Њујорк, градот од каде потекнува оваа урбана култура.[19]

Презентирани беа трите македонски хип-хоп книги, документарниот филм „Сложувалка“, одржано беше предавање за македонската урбана култура, изложба на кавери на албуми од македонски хип-хоп артисти и групи. Со настапот во живо на групата Клан Исток заврши овој проект на екипата од Хип Хоп Македонија, донесен во Галеријата „ЕмСи“ од кураторот Јане Теохаревски, а поддржан од Министерството за култура.[2]

Научна трибина на Институтот за македонска книжевност

уреди

Членови на Хип Хоп Македонија задоа учество во организирање на трибина којашто се одржа на 8 мај 2019 година во просториите на Институт за македонска книжевност (Културолошки студии). На трибината учестуваа: д-р Маја Јакимовска-Тошиќ со воведно обраќање, д-р Антоанела Петковска, д-р Славчо Ковилоски, д-р Ристо Солунчев, д-р Дејан Методијески, д-р Вангел Ноневски и м-р Александар Ковилоски. На трибината како гости учествуваа повеќе македонски хип-хопери од сите генерации, кои по завршувањето на трибината имаа можност да земат учество во планираната дискусија. Со организирањето на оваа трибина, Институтот за македонска книжевност ја вклучува нашата Република во редот на земјите каде што хип-хоп културата се изучува на највисоко академско ниво, обработувајќи најразлични аспекти: поврзаноста со религијата, социологијата, философијата, политиката, револуцијата, моралот и етиката, феминизмот и родот итн.[20]

Хип-хоп Македонија поетри слем

уреди

Во организација на Хип-хоп Македонија, на 14 мај во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје бил одржан првиот македонски „Хип-хоп поетри слем“. На него учество зеле: Профо (Славчо Ковилоски), С.А.М. (Никола Трпески), Мартикс (Мартин Милев), Кацар (Александар Кацарски), Нешо (Ненад Ставровски), Братот Алек (Александар Ковилоски), како и слемерите Елена Пренџова и Цвета Колева. Покрај нив, на предвидениот „отворен микрофон“ (Open mic) свое учество зеле и група заинтересирани настапувачи.[21]

Наводи

уреди
  1. Ковилоски, Славчо; Ковилоски, Александар (2005). Аспекти на македонската урбана култура - Хип-хоп Македонија. Скопје: Современост. стр. 8–9. ISBN 9989-2428-4-4.
  2. 2,0 2,1 „Gallery MC » Hip-Hop Made in Macedonia“. Посетено на 2018-12-17.
  3. Ковилоски, Славчо; Ковилоски, Александар (2005). Аспекти на македонската урбана култура – Хип Хоп Македонија. Скопје: Современост. ISBN 9989-2428-4-4.
  4. Ковилоски, Славчо; Ковилоски, Александар (2007). Хип-хоп книга. Скопје: Просветно дело. ISBN 978-9989-30-779-9.
  5. Ковилоски, Славчо; Ковилоски, Александар; Ковилоска, Емилија (2008). Хип-хоп речник - Hip hop dictionary. Скопје: Современост.
  6. Koviloski, Aleksandar. Creation of African-American culture through art expression in XXth century (Macedonian) (англиски).
  7. „Хип-хоп журка со Клан Исток“. Вечер. Архивирано од изворникот на 2016-08-20. Посетено на 2018-12-17.
  8. Петровски, Димитар (24 јуни 2005). „Првиот удар на хип-хоп културата“. Антена. 367.
  9. „Предавање за хип-хоп во Битола“. Вечер. Посетено на 2018-12-17.[мртва врска]
  10. „Промоција на македонскиот хип-хоп во Њујорк“. МКД.мк. Архивирано од изворникот на 2019-02-04. Посетено на 2018-12-17.
  11. Koviloski, Slavcho (2016). Hip-Hop: From Underground To Commercial, во: Popular Culture: Reading From Below. Skopje: Institute of Macedonian Literature. стр. 651–657. ISBN 978-608-4744-05-4.
  12. Иванова, Тина (20 ноември 2005). „Скопје не е Њујорк, ама има хип-хоп култура“. Утрински весник.
  13. „Презентација на македонската хип-хоп култура пред публиката во Њујорк“. Радио МОФ (англиски). 2018-08-23. Посетено на 2018-12-17.
  14. „Први македонски хип-хоп награди“. Вечер. Посетено на 2018-12-17.[мртва врска]
  15. „Кајгана ве води на македонските хип-хоп награди“. time.mk. Посетено на 2018-12-17.[мртва врска]
  16. „Македонски хип-хоп документарец на Синедејс“. Off. Посетено на 2018-12-17.
  17. Vlatko (2016-06-29). „Македонскиот хип-хоп филм „Сложувалка" со интернационална награда“. А1он (англиски). Посетено на 2018-12-17.[мртва врска]
  18. „Њујорк: Аџилак“. Архивирано од изворникот на 2021-01-28. Посетено на 2021-02-18.
  19. „„Hip Hop Made in Macedonia" во Њујорк“. Посетено на 2018-12-17.
  20. „Трибина „Хип-хоп култура (40 години уметнички перформанс)". iml.edu.mk. Архивирано од изворникот на 2019-06-17. Посетено на 2019-06-17.
  21. Макфакс (2019-05-10). „Хип-хоп поетри слем во Скопје“. МАКФАКС. Посетено на 2019-06-17.