Уста полна со земја

Уста полна со земја (српски: Уста пуна земље) - краток роман на српскиот писател Бранимир Шќепановиќ од 1974 година.

Содржина

уреди

Една августовска ноќ, по многу години, еден триесет и седумгодишен човек се враќа во Црна Гора, со намера да умре во родниот крај. Меѓутоа, тој слегува од возот на една непозната станица и продолжува пеш по планината. Таму, тој случајно налетува на двајца кампери (раскажувачот и Јаков), но веднаш бега од нив. Претходниот ден, тој избегал од една болница во Белград, каде дознал дека е тешко болен и дека му остануваат само неколку месеци од животот. Без никаква причина, двајцата пријатели почнуваат да трчаат по него. Човекот бега во шумата, а на гонителите им се придружува еден овчар, а потоа и шумарот. Во шумата, во човекот се раѓа желбата за живот и ја отрфла мислата да умре. Потоа излегува од шумата, а кон потерата се приклучуваат уште повеќе луѓе, сите исполнети со бесмислена омраза кон него. Паралелно со гонителите, се појавува група жени во црнина, жалејќи го бегалецот. На висорамнината, тој застанува и се враќа назад кон запрепастените гонители, но потоа неочекувано пак почнуав да бега. Тогаш, се присетува на својот предедо Јоксим и набрзина почнува да ги јаде тревките околу него, надевајќи се дека тие ќе го излечат. Така легнува во тревата и успева да им се скрие на гонителите. Среќен поради тоа што ја пронашол смислата на животот, тој се качува на една карпа и почнува да пее од радост, но сфаќа дека не може да избега од смртта. Во меѓувреме, сите гонители си заминуваат, но двајцата пријатели (Јаков и раскажувачот) слушаат силен лелек и дури тогаш ја забележуваат карпата. Кога пристигнуваат таму, го наоѓаат мртвиот човек, сосема гол и со устата полна со земја.[1]

За романот

уреди

Романот „Уста полна со земја“ е преведен на 30 јазици и доживеал бројни изданија - 23 изданија на француски јазик, девет изданија на грчки јазик и повеќе изданија во САД, Русија и Јапонија. Притоа, романот е пордаден во над 100 000 примероци. Исто така, тој бил дел од антологијата на 700 најважни книжевни дела која ја објавила Француската енциклопедија под насловот „Идеална библиотека“. Во Модерниот театар во Лил успешно била изведувана истоимената претстава. За овој роман, Шќепановиќ ја добил Октомвриската награда на Белград.[2]

Романот „Уста полна со земја“ е ингениозно дело за двете суштини на човековото постоење, полно со животни контрасти и внатрешни преиспитувања, кое може да се чита со истото задоволство и занес кои може да се сретнат кај Борхес и кај Хуан Рулф. Според Le Magazine Littéraire, романот „е чисто ремек-дело! Тоа е величествена поема на животот... Роман кој со својата длабочина, големината на темата и убавината на зборот се воздигнува до нивото на најголемите книжевни дела“; Le Matricule des Anges го нарекол „голем, голем споменик на книжевноста“; а според весникот „Политика“, „со оваа книга, која е „Старецот и морето на Шќепановиќ“, секогаш ќе може да се гордее современата српската книжевност.[3]

Наводи

уреди
  1. Branimir Šćepanović, Usta puna zemlje – Smrt gospodina Goluže. Beograd: Dereta, 2019, стр. 5-77.
  2. Branimir Šćepanović, Usta puna zemlje – Smrt gospodina Goluže. Beograd: Dereta, 2019, стр. 121-122.
  3. Branimir Šćepanović, Usta puna zemlje – Smrt gospodina Goluže. Beograd: Dereta, 2019.