Тарас Буљба
„Тарас Буљба“ (руски: Тарас Бульба) — новела на рускиот писател Н. В. Гогољ, првобитно објавена како дел од збирката „Миргород“ од 1835 година. Гогољ долго време го дотерувал делото, а дефинитивната редакција, објавена во собраните дела на Гогољ од 1842 година, во голема мера се разликува од верзијата во „Миргород“ и делува како речиси целосно ново дело. Така, последната редакција е двапати подолга од онаа во „Миргород“, но карактерот на делото не е многу изменет.[1]
Илустрација на романот Пјотор Соколов, 1861 | |
Автор | Николај Гогољ |
---|---|
Јазик | Руски јазик |
Жанр | Историски роман, роман |
Издадена | 1835 |
Содржина
уредиОсврт кон делото
уредиОсновната тема на „Тарас Буљба“ е земена од историјата на Украина - борбата против полското ропство во 16 и во 17 век во која главните носители биле козаците. Сепак, делото не е историско во вистинската смисла на зборот. Иако Гогољ грижливо го проучувал историскиот материјал од тој период на историјата на Украина, неговата цел не била да прикаже одредени историски личности или појави. Така, според некои детаљи во делото, дејството би можело да се одигрува во 15 век, додека според други детаљи, тоа може да се поврзе со 16 или дури и со 17 век. Делото обилува со национален романтизам и содржи многу фолклорни елементи, а во него се видливи влијанијата на украинската народна поезија од која зел одредени мотиви и хиперболизмот во стилот, како и на англискиот романтичар Валтер Скот од кого ја позајмил шемата на сижето. Гогољ му дал на делото патетичен и свечен стил, но главните учесници (украинските селани и полското благородништво) ги прикажал вистинито. Токму во таа смисла може да се зборува за определна доза реализам во делото. Навистина, Гогољ ја слика со занес борбата на украинскиот народ, но ги истакнал и лошите постапки, па дури и ѕверствата на козаците.[2] Славниот руски критичар Белински го опишал делото како епизода од големата епопеја на еден народ, оценувајќи го како прототип, пример и идеал за хомеровска епопеја во нашето време. Според него, нема нешто што недостасува во делото, туку тоа е целосно и во него пулсира животот.[3]
Изданија на македонски јазик
уредиДелото „Тарас Буљба“ е објавено на македонски јазик во повеќе наврати.
Издание на „Култура“ од 1966 година
уредиВо 1966 година, издавачката куќа Култура го објавила второто издание на „Тарас Буљба“ во рамките на библиотеката „Лебедови крила“, а во превод на Лидија Ежова. Книгата има 180 страници, со тврди корици и не е каталогизирана, ниту пак ја поседува меѓународната ознака ISBN. Ликовното уредување на книгата го извршил Љубиша Оџаклиевски. Книгата била ипечатена во Графичкиот завод „Гоце Делчев“ од Скопје, во тираж од 10.000 примероци.
Наводи
уреди- ↑ Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXVIII.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXVII-XXVIII.
- ↑ Радован Лалић, „Предговор“ во: Николај Васиљевич Гогољ, Мртве душе (поема). Београд: Просвета, 1966, стр. XXVIII.