Стефан Богориди
Стефан Богориди (бугарски: Стефан Богориди, грчки: Στέφανος Βογορίδης, турски: Stefanaki Bey), роден како Стојко Цонков Стојков (бугарски: Стойко Цонков Стойков; 1775 — август 1859) бил висок османлиски државник со бугарско потекло, внук на Софрониј Врачански и татко на Александар Богориди и Николај Вогорид. Стефан и неговиот брат Атанас го добиле името Богориди по Борис I, првиот христијански владетел на Бугарија.[1]
Биографија
уредиРоден е во 1775 во Котел. Студирал грчки јазик во Букурешт, Влашка, каде го променил своето бугарско име Стојко за грчко Стефан.[2] По завршувањето на студиите, Богориди се придружил на османската морнарица како Драгоман и под заповедништво на Мустафа-паша (идниот султан Мустафа IV) учествувал во втората битка кај Абукир против Наполеон I Бонапарт во Египет.[3]
Во 1812 Богориди заминал во Молдавија со кнезот Скарлат Калимахи кој го назначил за гувернер на Галац (1812—1819).[3] Во 1821, за време на влашкото востание на Тудор Владимиреску и инвазијата на Филики Етерија како дел од грчката војна за независност, Богориди бил кајмакам на Влашко. Следната година, после опсежната офанзива на Александар Ипсилантис, бил кајмакам на Молдавија, а потоа повторно бил драгоман во османската флота.[2] Помеѓу 1825 и 1828 бил испратен во егзил во Анадолија.
После Руско-турската војна од 1828-1829 и Одринскиот договор, бил советник на Махмуд II, кој му ја доделил титулата бег и го назначил за управител на островот Самос. Островот го посетил само еднаш во 1839 и го управувал од Цариград. Богориди, кој го преименувал главниот град на островот во Стефанополис по себе си, бил омразен од локалното грчко население поради своеволното владеење. Жителите на Самос се побуниле против него во 1849 година, а султанот го заменил во 1850. година.[3]
За време на султанот Абдул Меџид I, Богориди бил член на Танзиматскиот совет и империски советник. Добил дозвола од Абдул Меџид за изградба на бугарска православна црква во Цариград и ја поклонил својата куќа во Фанар во 1849. На тоа место подоцна била подигната познатата Железна црква, која во негов спомен била наречена Свети Стефан. Починал во август 1859 во Истанбул.[2]
Надворешни врски
уреди- ↑ Ghika
- ↑ 2,0 2,1 2,2 „Stefan Bogoridi“. prabook.com (англиски). Посетено на 2021-04-11.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 „Стефан Богориди“. Община Котел (англиски). Посетено на 2021-04-11.