Иван Серафимов Аговски (Дебар, 24 јуни 1887Софија, 1925[1]) — македонски просветен и револуционерен деец, публицист.

Животопис уреди

Роден е во Дебар. По завршувањето на основното образование во родниот град, учењето го продолжува на Педагошкото училиште во Скопје, од кое е отстранет во декември 1905 година поради пројавената активност во ученичкиот социјалистички кружок. Сепак успева да заврши вишо образование. Во 1908 година станува учител во Кичево и активно учествува во учителскиот бунт од истата година.

Во овој период бил член прво на Бугарската социјалдемократска работничка партија, а потоа и на Скопската социјалдемократска група.[2] Соработува со скопскиот весник „Социјалистичка зора“.

Крајот на Првата светска војна го дочекува во Дебар. Во 1919 година заминува во Скопје, каде што се вклучува во делувањето на КПЈ. Во 1921 година е уапсен и протеран во Бугарија. Таму тој во периодот од 1921-1925 година ја разгорува својата публицистичка дејност и борбата за национални права на македонскиот народ. Меѓу другото, од почетокот на март 1923 година е главен уредник на весникот „Советска Македонија“, од кои излегуваат вкупно шест броја. Убиен е од бугарската полиција во првата половина на 1925 година.

Наводи уреди

  1. „Македонска енциклопедија“, МАНУ, 13 стр.
  2. Бане Чадиковски „Прилог кон биографијата и дејноста на македонскиот социјалист, револуционер и публицист Иван Серафимов Аговски“ во „Гласник на ИНИ“, 1967/1, 83-84 стр.