Собирачи на перја (филм)

Собирачи на перја (српски: Skupljači perja) — југословенски филм од 1967 година, во режија на Александар Петровиќ, кој е автор и на сценариото. Главните улоги ги играат: Беким Фехмиу, Бата Живоиновиќ, Гордана Јовановиќ, Оливера Вучо, Мија Алексиќ.[1] Во 1996 година, српската Академија за филмска уметност и наука (АФУН) го ставила филмот на второто место на списокот на најдобри српски филмови во периодот 1947 – 1995.[2] На Канскиот фестивал во 1967 година, филмот освоил две награди, а бил номииран и за „Златната палма“. Истата година, на Пулскиот фестивал, филмот ја освоил „Златната арена“ и уште две награди. Во 1968 година бил југословенски кандидат за „Оскар“, а следната година бил номиниран и за „Златен глобус“. Вкупно, филмот освоил седум награди и имал уште четири номинации.[3]

Синопсис

уреди

Бора (го игра Фехмиу) е Циган од Сомбор, кој се занимава со трговија со гускини перја. Често, неговите зделки се неуспешни, а тој, пак, заработените пари ги троши на комар и во кафеаната во која пее Ленче (ја игра Вучо). За да ја избегне нелојалната конкуренција, тој склучува договор за соработка со својот конкурент Мирта (го игра Живоиновиќ). Паштерката на Мирта, Тиса (ја игра Јовановиќ) се мажи за малолетен маж кого го напушта веднаш по свадбата. Бора бара согласност од Мирта за да се ожени со Тиса, но тој одбива. Сепак, Бора ја наоѓа Тиса и се жени со неа, иако веќе има жена и деца. За време на еден селски панаѓур, Мирта се обидува да го убие Бора, но не успева во намерата. Првата жена на Бора ѝ дава пари на Тиса за да замине во Белград во потрага по подобар живот, но таму ја чека само разочарување. Таа стопира еден камион со намера да се врати дома, а патем, едниот возач има сексуален однос со неа, а другиот ја претепува и ја фрла крај патот. Бора тргнува во потрага по Тиса и оди кај Мирта, мислејќи дека таа е таму, при што го убива. Филмот завршува така што милицијата го бара Бора, кој е обвинет за убиството на Мирта, но од него нема ниту трага.[4]

Наводи

уреди