Сергеј Мисирков
Д-р Сергеј Крстев Мисирков (роден во Одеса, денешна Украина во 1906 г. - починал во Софија, Бугарија во 1960 г.) — лекар, публицист и општественик, син на македонскиот писател и просветител Крсте Петков Мисирков и на Екатерина Михајлова Мисиркова. Тој е роден во Одеса, денешна Украина но се образувал во бугарската престолнина Софија. Завршил медицина. Во периодот 1946-1947 г. бил пратеник во Бугарското народно собрание.
Сергеј Мисирков | |
---|---|
Потрет на Сергеј Крстев Мисирков | |
Роден(а) | 1906 г. Одеса, Руска Империја ((денешна Украина) |
Националност | Македонец |
Познат(а) по | син на Крсте П. Мисирков |
Животопис
уредиСергеј Крстев Мисирков е роден во Одеса, Руско Царство во 1906 г. Тој е син на Крсте Петков Мисирков и Екатерина Михајлова Мисиркова. Како малолетен живеел во Софија, Бугарија каде што завршил медицински факултет и работел како лекар во градот. Во 1935 г. Сергеј Мисирков бил прогонуван од новите про-фашистички власти во Бугарија и бил приведен во врска со случај каде што се сметал за приврзаник на ВМРО (Обединета).
На 18 мај 1940 г. во Софија престојувал македонскиот поет и комунист Коле Неделковски. Тој под иницијатива на претходна средба со Екатерина Мисиркова испратил писмо до Сергеј Мисирков. По оваа писмо Мисирков се поврзал со Неделковски и други македонски национални дејци како Никола Вапцаров од Софискиот македонски литературен кружок и застанал во борбата против германските и бугарските фашисти. Според една преписка помеѓу Мисирков и Неделковски, кружокот неофицијално се претставувал како продолжение на Македонското научно-литературно друштво „Свети Климент“ - Санкт Петербург, кое било основано од Крсте Петков Мисирков.
Како општественик се истакнал во периодот од 1946 до 1947 година кога бил избран за пратеник во Бугарското народно собрание. Во 1956 година ја предал целата архива на Крсте Петков Мисирков во Државниот архив на Република Македонија, две години откако се формирала институцијата. Сергеј Крстев Мисирков починал во 1960 година во Софија, Бугарија. Сергеј бил погребан на софиските гробишта каде што се наоѓаат и гробовите на неговиот татко и неговата мајка.
Во една прилика Сергеј Крстев Мисирков за својот татко Крсте Петков Мисирков истакнал:
„Taтко ми упорно тврдеше дека има македонска национална култура и македонска национална историја, различна од онаа на Србите и на Бугарите“.