Самсон и Далила (филм од 1949)

Самсон и Далила (англиски: Samson and Delilah) — американски филм од 1949 година, во режија на Сесил Б. Демил по сценариото на Џеси Ласки и Фредрик М. Френк, во соработка со Владимир Јаботински (засновано врз неговиот роман). Главните улоги ги толкуваат: Виктор Матјур, Хеди Ламар, Џорџ Сандерс, Анџела Ленсбери, Хенри Вилкоксон, Олив Диринг, Рас Темблин, Феј Холден, Џулија Феј, Вилијам Фарнам, Лејн Чендлер, Морони Олсен и Френсис Мекдоналд. Филмот, којшто се смета за еден од најголемите историски спектакли на сите времиња, освоил две награди „Оскар“ (за сценографија и за костимографија), а бил номиниран и во категориите за најдобра фотографија, за специјални ефекти и за музика. Интересно е тоа што, за потребите на костумите на Ламар, режисерот порачал вистинско перје од паун.[1]

Постер Самсон и Далила од 1949 година

Содржина уреди

Дејството се одвива во 1000 година п.н.е., кога еврејските племиња го трпат ужасот на владетелите Филистејци, кои со помош на строгите закони и моќната војска веќе четири децении го тормозат населението. Во селото Зора израснува момчето Самсон за кого сите, па дури и неговата пријателка Миријам, знаат дека еден ден ќе стане воин и водач. Дваесет години подоцна, Самсон (го игра Матјур) е веќе силен маж кој, наспроти волјата на мајка му, наместо мирната и добродушна Мирјам (ја игра Диринг) срцето ѝ го подарува на убавата Филистејка Семадар (ја игра Лемсбери) во која е вљубен и филистејскиот принц Ахтур (го игра Вилкоксон). Сепак, неговата љубовна среќа со Семадар нема да трае долго, зашто во него се вљубува Далила (ја игра Ламар), помладата сестра на Семадар. На почетокот, се чини дека никој не може да застане на патот меѓу Самсон и Семадар, но на денот на свадбата, Далила успева да ја поттикне борбата меѓу Самсон и Ахтур и Филистејците. Во борбата гине Семадар, а Самсон се колне дека ќе ја одмазди. Тој успева да избега и се крие кај родителите на Миријам, но го откриваат филистејските војници. Сепак, Самсон ги заробува и ги става во синџири. Во меѓувреме, Далила се подготвува да му се одмазди на Самсон, а за таа цел се здружува со кралот Саран од Газа (го игра Сандерс)...[1]

Наводи уреди