Русизми, во лингвистиката, се зборови кои се позајмуваат или се преточуваат од рускиот јазик во некој друг јазик.
Бидејќи рускиот јазик е дел од словенските јазици и поголем број на русизми се среќаваат токму кај оваа група на јазици. Покрај русизми, во словенските јазици познат е терминот славизми или словенизми. Сепак, постојат одредени зборови кои исклучиво потекнуваат од стариот руски јазик.
Интересно е да се забележи дека русизми нема само во словенските јазици, туку и во некои западноевропски и несловенски јазици, како што се англискиот, францускиот, финскиот, шведскиот јазик и други јазици. На пример, во италијанскиот јазик русизмите се наоѓаат на петтото или шестото место во однос на другите странски зборови во тој јазик. Во украинскиот јазик се забележуваат русизми кои ги заменуваат староукраинските зборови, како часи наместо годинник (за часовник), ковьор наместо килим (за тепих), празнувати наместо святкувати (за празнување) и други.

Настанување на русизмите

уреди

Постојат три начини по кои настануваат русизмите:
1. како чисти руски зборови кои целосно ја задржале својата форма од рускиот во некој друг јазик;
2. како руски зборови кои делумно или целосно ја загубиле формата од рускиот јазик, со цел да се усогласат со фонетиката и лексиката на новиот јазик; и
3. како зборови чиј јазик-посредник е рускиот јазик, односно тоа се неруски зборови преточени во рускиот јазик, а подоцна позајмени од истиот.

Русизмите во разговорен и книжевен стил

уреди

Во јазиците кои се зборуваат во или околу областа на руското говорно подрачје, бројот на русизми во разговорниот говор е повисок од оној кој би го дозволила лексиката. Вакви јазици се татарскиот, казашкиот, украинскиот, молдавскиот, латвискиот, естонскиот, како и полскиот јазик.
Кај овој вид јазици, русизмите се често пати единствениот можен начин да се пренесе значењето на оригиналниот збор, кој некогаш не ни постоел пред појавата на рускиот јазик.
Од друга страна, пак, кај јазиците чии говорници имаат исклучително ретки контакти со руски говорители, се забележува дека русизмите имаат многу формален, книжевен и специфичен карактер и се појавуваат во литературата како егзотични зборови или историцизми, а ретко се употребуваат во секојдневниот говор. Вакви јазици се англискиот, францускиот, германскиот и други.
Кај јазиците од оваа втора група, русизмите се ретко застапени и помалку познати затоа што вообичаено имаат лексички еквиваленти во тамошниот вокабулар.

Историја на русизмите

уреди

Раните русизми се појавуваат од X до XIII век и се распространуваат низ балтичките јазици (естонскиот, литванскиот, латвијскиот јазик) и угрофинските јазици (фински и унгарски јазик). Со германската инвазија на Балтикот овој процес се прекинува.
Доцните русизми се развиваат периодот меѓу XIII и XV век, кога стабилноста на руската држава се поткопува, делумно и со зајакнувањето на државноста на други народи (Турците на Балканот, Монголците во Азија и Германците на Балтикот). Настанува таква политичка, општествена и културна промена со која застапеноста на русизмите нагло опаѓа, а дури и рускиот јазик прима одредени зборови од отоманскиот јазик.
Кон крајот на XVIII век започнува зголемување на влијанието на рускиот јазик врз другите словенски јазици. Руската Империја подолг период останува независна словенска држава, па затоа рускиот јазик станува важен лексички извор за т.н. групи-будилници кои сакаат да ги заживеат културно-јазичните словенски одлики кај Словените кои се борат за независност од Австроунгарското Царство. Во советскиот и постсоветскиот период широко се распространуваат русизмите од третата група, кои се зборови од неруско потекло кои преку рускиот пристигнале до други јазици.

Русизми во македонскиот јазик

уреди

Еден од јазиците кои содржи русизми е и македонскиот јазик, токму поради истата јазична група (словенски јазици).
Одредени руски зборови се пренеле во македонскиот јазик без никакви промени, како: безработица, владение, производство, работа, работник, ставка, труд, бабушка, каша, округ, доход, приход, расход, цена, долг, наем, договор и слично.
Некои зборови, пак, претрпеле одредена промена поради различната фонетика и разликите во македонската азбука и руската азбука. Такви зборови се: сделка > зделка, покривитель > покровител, предприятие > претпријатие, производитель > производител, собственность > сопственост, способность > способност, степь > степа, мамонт > мамут, вотка > вотка, чернозём > чернозем (црница), область > област, край > крај, банкротство > банкрот, распределение > распределба, самоуправление > самоуправување, счетоводство > сметководство, срок > рок, заработок > заработка, продажа > продажба, распродажа > распродажба, торговля > трговија.
Други зборови или групи на зборови се пренеле во македонскиот јазик со малку поголеми промени. Таков пример се производственные силы, кои преминале во производствени сили.
Зборот „завод“ е стар руски поим кој претежно се користел во периодот на стара Југославија. Органите на државната управа во Република Македонија претрпеле организациски промени. Така, престанале да постојат заводи, а како замена се вовел модерниот европски термин „агенција“. Такви примери се: Завод за вработување на Република Македонија > Агенција за вработување на Република Македонија, Државен завод за геодетски работи > Агенција за катастар и недвижности.

Поврзано

уреди

Извори

уреди

„Лексиката во преводите од англиски на македонски јазик на научна и стручна литература од економско-финансиската област“, м-р Милена Саздовска – Пигуловска, докторска дисертација (Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје, Филолошки факултет „Блаже Конески“), Скопје, 2014 година