Рудник „Демир Хисар“

рудник на железна руда во Македонија
(Пренасочено од Рудник „Жван“)

Демир Хисар, познат и како Жван — рудник на железна руда во областа Железник во југозападниот дел на Македонија. Наоѓалиштето е сместено на сртот Ставракова, од североисточната страна на селото Сопотница и на неколку километри од селото Жван. Рудникот е дел од западно-македонската металогенетска зона, која се протега од Шар Планина преку Тајмиште, Малковец, Јудово, Свињиште, Козица и Железнец до Демир Хисар.

Поглед на рудникот „Демир Хисар“

Со истражувањата спроведени во 1939 и 1940 година, како и по Втората светска војна, било утврдено присуството на сидеритно-шамозитна руда со околу 40% железо, што спаѓа во групата на руди со среден квалитет.[1] Вкупното количество на резерви било проценето дека изнесва околу 10 милиони тони.[2] Производството на руда започнало во ноември 1964 година.[3]

Рудникот бил еден од првите рудници во состав на работната организација „Рудници и железарници Скопје“ кој ја обезбедувал со руда и заедно со другите рудници претставувал главна суровинска база на претпријатието „Железарница“ од Скопје.[4]

Историја

уреди
 
Активност во рудникот „Демир Хисар“

Првите обиди за истражување на железна руда се направени во 1939 и 1940 година од страна на Михајловиќ и Тирингер. Направени биле мали раскопи на рудните тела Јосифово и Мајданиште, но останатите рудни тела не им биле познати на истражувачите, па затоа наоѓалиштето било напуштено. Првото геолошко картирање на теренот во размер 1:25000 го извршил Николај Измаилов, а структурно картирање во размер 1:50000 направил К. Х. Ледебур.[5]

Истражувачките работи на истите наоѓалишта продолжиле во периодот по Втората светска војна, кога во 1948 година рудникот „Цер“ започнал со истражување на сртот Ставракова. Притоа, истражувањето на железната руда се одвивало во две етапи. Првата етапа се одвивала во периодот од 1949 до 1956 година и во неа се извршени 314 дупчења на вкупна длабочина од 31.600 м, како и јамски истражувања на 6.275 м со окна и нископи на длабочина од 816,5 м. Втората етапа се одвивала по 1969 година и во неа се извршени дупчења на вкупна длабочина од 21.500 м.[5]

Освен овие истражувања, во текот на 1952 и 1953 година, извршени биле и геофизички истражувања кои дале позитивни резултати. Истражувачките работи на подрачјето на рудникот „Демир Хисар“ биле прекинати во 1957 година заради изработката на инвестициската програма.[5] Вкупното количество на резерви било утврдено на околу 10 милиони тони.[2]

Рудникот започнал со редовно производство на руда, јаловина и ТТ-концентрат во ноември 1964 година. Но, и пред започнвањето со производство било откопвано мало количество на руда коешто било испорачувано во Илијаш. Со започнувањето на редовното производство, произведениот ТТ-концентрат се испорачвал за железарницата во Скопје.[3]

Денес, се проценува дека во рудникот има преостанато количество на руда од околу 4,4 милиони тони.[1]

Опис

уреди
 
Поглед на рудникот „Демир Хисар“ од селото Жван

Рудникот е дел од западно-македонската металогенетска зона, која се протега од Шар Планина преку Тајмиште, Малковец, Јудово, Свињиште, Козица и Железнец до Демир Хисар. Во пошироката околина на Демир Хисар се истражувани и откриени појави на железо, манган, како и неметалски минерални суровини (мермери, пирофилити и др.). Сепак, најмногу е истражувано присуството на железна руда на сртот Ставракова.[6]

Наоѓалиштето е долго 2.200 м, со мали јалови меѓупреслоци, и е широко од 600 до 1.000 м. Рудната зона е поделена на 6 подрачја: Јосифово, Мајданиште, Сопотничко, Мреношко, Дамјанова Глава и Жванско.[6]

Организација

уреди

Рудникот бил во состав на претпријатијата „Рудници“ и „Железарница“ од Скопје.[2] Рудникот во својот состав имал пет работни единици: Површински коп, ТТ-сепарација и транспортен систем, Електромашинско одржување и градежно одржување, Геолошка служба и Општо економско одделение.[7]

Високомеханизираниот процес при откопувањето и обогатувањето на рудата овозможил во рудникот да работат околу 200 работници и службеници. За вработените била изградена посебна рударска населба со четири згради, самачка зграда и ресторан во селото Сопотница; а исто така бил организиран и превоз од местото на живеење до работното место.[7]

Руда

уреди

Минералошки состав

уреди

Врз основа на спроведените рудно-микроскопски и хемиски испитувања, во рудникот било утврдено присуството на сидеритно-шамозитна руда со околу 40% железо, што спаѓа во групата на руди со среден квалитет.[1] Освен тоа, утврдено е дека рудата го има следниот минералошки состав:

Примарната руда има изразита оолитна структура, а пречникот на оолитот изнесува од 0,07 до 0,15 мм. Просторот меѓу оолитите е исполнет со изменет примарен седимент или ситен кристален сидерит.[6]

Производство

уреди

Со оглед на тоа што рудните тела се на самата површина на земјата или близу до неа, откопвањето на рудата се вршело површински со дневни копови. На годишно ниво, откопувани биле од 200-300 илјади тони железна руда, производна раскривка од 1-1,8 милиони тони, а произведувани биле од 110-220 илјади тони железен концентрат.[6]

Товарењето на рудата и јаловината на катовите се вршело со товарачи-гатеприлари и УЛТ, при што зафатнината на корпата на обата изнесувала 2,7 м3. Покрај тоа, се употребувале и багери-лажичари РБ-54 со зафатнина на корпата од 2,5 м3 и РБ-110 со зафатнина на корпата од 3,8 м3 За превезување на рудата и јаловината по катовите до главната дробилка се користеле дампери „Еуцилд“ со носивост од 17, 25, 30 и 35 тони.[6]

Подготовката и обогатувањето на железната руда се вршело со дробење, перење и просејување на рудата на крупна класа. По просејвањето, ситната класа одела на депонија за ситни класи, а крупната класа на понатамошно обработување со ТТ-сепарација.[3]

Во филмската уметност

уреди

Во 1971 година е снимен краткометражниот документарен филм „Рудник Жван“ во продукција на Вардар Филм. Филмот е црно-бел и со времетраење од 11 минути. Во него се зборува за новоотворениот рудник за железна руда, за чиешто ископување се користат современи технолошки процеси.[8]

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 З., Ж.. „Најавите за реставрирање на копот го живнаа Жван: демирхисарското железо ги чека Турците[мртва врска]“, Дневник, 29 август 2013.
  2. 2,0 2,1 2,2 Минерални ресурси Архивирано на 10 јуни 2016 г., официјално мрежно место на Општина Демир Хисар.
  3. 3,0 3,1 3,2 Сопотница. Општинска конференција на ССРНМ - Демир Хисар. 1983. стр. 31.
  4. Сопотница. Општинска конференција на ССРНМ - Демир Хисар. 1983. стр. 28.
  5. 5,0 5,1 5,2 Сопотница. Општинска конференција на ССРНМ - Демир Хисар. 1983. стр. 28-29.
  6. 6,0 6,1 6,2 6,3 6,4 Сопотница. Општинска конференција на ССРНМ - Демир Хисар. 1983. стр. 30.
  7. 7,0 7,1 Сопотница. Општинска конференција на ССРНМ - Демир Хисар. 1983. стр. 32.
  8. Рудник Жван, „Кинотека на Македонија“.

41°16′35″N 21°08′05″E / 41.27639° СГШ; 21.13472° ИГД / 41.27639; 21.13472