Платен промет

(Пренасочено од Промет)

Платен промет претставува збир на методи и инструменти преку кои се извршуваат плаќањата, односно преносот на паричните средства меѓу луѓето, претпријатијата, државните органи и финансиските институции. Како носители на платниот промет се јавуваат банките и централната банка. Платниот промет е една од основните економски функции на банките. Оваа функција им обезбедува посебно место на банките во економскиот систем, зашто ефикасното извршување на плаќањата меѓу економските агенти претставува неопходен предуслов за функционирање на економијата.

Методи на извршување на плаќањата

уреди

Од гледна точка на инструментите и методите, плаќањата може да се извршуваат на два начина:

  • готовински, со помош на готови пари или
  • безготовински.

Првиот случај најчесто се однесува на плаќањата на луѓето за купените производи и користените услуги. Во сите земји, најголем дел од плаќањата сè уште се врши со употреба на готови пари, меѓутоа учеството на овој метод во вкупната вредност на плаќањата е многу мал. На пример, во Европа, дури 80% од плаќањата на населението се извршуваат со готови пари.[1]

Исто така, плаќањата се извршуваат и со помош на чекови, кои се слични на банкнотите по тоа што и тие претставуваат книжни инструменти за плаќање. До 2007 година, чековите беа масовно употребуван инструмент во плаќањата на населението во Македонија, но потоа тие исчезнаа, што се должи на две основни причини: подемот на банкарските картички и напуштањето на практиката на гарантирање на чековите од страна на банките.

Сепак, во сите земји, најголем дел од вкупната вредност на плаќањата се извршува по електронски пат: на пример, луѓето плаќаат за купените производи со помош на картички; плаќањата меѓу претпријатијата се вршат со електронски пренос на парите од една на друга сметка; а, во поново време, плаќањата се извршуваат и преку интернет. Овие безготовински форми на плаќања, вообичаено, имаат помало учество во бројот на трансакциите, но доминантно учество во вкупната вредност на плаќањата (90% и повеќе).[2] На пример, во еврозоната, готовите пари учествуваат со 79% во вкупниот број на трансакции направени во продавниците и со 54% во вкупната вредност на трансакциите. Картичките учествуваат со 19% и 39% во бројот и вредноста на трансакциите во продавниците.[3]

Улогата на централната банка во платните системи

уреди

Во поглед на улогата на централната банка во платните системи постојат три основни пристапи:[4]

  • минималистички пристап во кој приватниот сектор има пресудна улога во функционирањето на платните системи, а улогата на централната банка е ограничена на обезбедување одредени услуги во плаќањата меѓу учесниците во платниот промет. Овој пристап се среќава во Британија, Австралија, Финска и Канада.
  • конкурентски пристап каде во платниот промет си конкурираат системите на јавниот и на приватниот сектор, а централната банка е сопственик и организатор на меѓубанкарскиот платен систем. Овој пристап е застапен во САД.
  • во третиот пристап, платните системи ги обезбедува јавниот сектор, т.е. централната банка е сопственик и организатор на сите или на повеќето платни системи. Пример за овој пристап е Тајланд.

Платниот промет во Македонија

уреди

Обемот на плаќањата во Македонија бележат нагорен период во периодот 2005-2015. Така, во 2005 година биле реализирани 21,3 милиони налози за плаќање, со просечна вредност од 279.497 денари, додека во 2015 година се реализирале 65,7 милиони налози, со просечна вредност од 670.868 денари.

Табела бр. 1: Вредност на остварениот платен промет во Македонија, 2005-2015[5]

Година Платен промет (во мрд. евра)
2005 25,7
2006 31,1
2007 42,3
2008 52,6
2009 46,9
2010 52,5
2011 58,3
2012 69,8
2013 75,8
2014 79,9
2015 84,7

Реформата на платниот промет

уреди

Иако платниот промет е една од најстарите функции на банките, до 2001 година, македонските банки воопшто не ја извршувале оваа функција, зашто платниот промет бил организиран во една државна специјализирана институција, која долго време се викала „Служба за општествено книговодство“ (СОК), а во 1990-тите го сменила името во „Завод за платен промет“ (ЗПП). Притоа, сите претпријатија, институции и банки имале по една сметка, која се водела кај оваа државна агенција, а истовремено нивните сметки биле поврзани со депозитите во банките. Платниот промет се извршувал така, што претпријатијата поднесувале налози за плаќање во СОК (ЗПП), која ги извршувала плаќањата преку безготовински пренос на парите од една на друга сметка. На крајот од работниот ден, СОК (ЗПП) им праќала известување на претпријатијата и на банките за извршените плаќања и за состојбата на сметката.

Во текот на 2001 година била спроведена темелна реформа на платниот систем во Македонија: почнувајќи од јули, сметките на претпријатијата постепено се пренесувале во банките и од почетокот на 2002 година, платниот промет бил целосно преземен од банките, а ЗПП престанал да постои. Истовремено, плаќањата меѓу банките ги презела централната банка, во чија надлежност се наоѓаат и регулирањето и надгледувањето на платниот промет.

Денес, платниот промет во Македонија е организиран во три системи:

Еден дел од платниот промет се врши внатре во секоја банка и тој се однесува на плаќањата меѓу претпријатијата и луѓето кои имаат сметки во истата банка. Во овој случај, плаќањата се вршат со едноставно задолжување на едната и одобрување на другата сметка, без тоа да предизвика промени на сметката на банката. На пример, ако лицето А сака да му плати одреден износ на лицето Б, при што двете лица имаат сметки во истата банка, тогаш лицето А ќе даде налог банката да изврши пренос на парите од неговата сметка во полза на сметката на лицето Б. Кога трансакцијата ќе биде завршена, лицето А ќе има помалку пари на својата сметка, а истовремено ќе се зголеми салдото на сметката на лицето Б. Меѓутоа, промените ќе бидат ограничени внатре во банката, додека салдото на нејзината сметка ќе остане непроменето. Во 2009 година, во внатрешниот платен промет на банките беа извршени 28 милиони трансакции, во вкупна вредност од 1 277 милијарди денари, што претставува 57% од вкупниот број трансакции и 44% од вкупната вредност на платниот промет што се остварува преку банките во Македонија.[6]

Со реформата на платниот промет, правните лица добија можност да отворат повеќе трансакциски сметки во различни банки, додека сметките на банките и трезорската сметка, т.е. сметката на државата се водат кај централната банка. Почнувајќи од 2008 година, се воведе обврската за поседување трансакциска сметка и за населението, со што и луѓето станаа непосредни учесници во платниот промет. Така, на крајот од 2010 година, во Македонија имало околу 3,4 милиони сметки, во кои доминираат сметките на населението, а остатокот отпаѓа на сметките на претпријатијата и другите организации.[6] Притоа, сите трансакциски сметки се водат во единствениот регистер на сметки, при што секоја сметка претставува низа од 15 цифри, од кои првите три служат како ознака на банката.

За извршување на плаќањата се користат повеќе инструменти, како што се:

Платен промет на мало

уреди

Платниот промет на мало (retail payments) се однесува на плаќањата што гласат на помали износи и ги опфаќа трансакциите на населението и поголемиот дел од плаќањата меѓу претпријатијата. Овие плаќања се вршат со помош на готови пари, чекови, картички и со електронски пренос на парите. Во 2007 година настапи пресврт во платниот промет на мало во Македонија, кога вработените во јавниот сектор започнаа да ги добиваат платите на сметки поврзани со дебитни картички. Оттука, употребата на готовите пари значително опадна, така што на крајот од 2010 година, учеството на готовите пари во паричната маса М1 се сведе на 30%, што претставува намалување од 22 процентни бодови во споредба со 2003 година. Во продолжение, во 2007 година дојде до уште една голема промена: чековите, кои во минатиот период беа многу привлечен инструмент за плаќање, наеднаш речиси исчезнаа за сметка на брзиот растеж на банкарските картички. Така, во декември 2010 година беа остварени речиси 3 милиони трансакции со картички, чија вредност изнесуваше речиси 10 милијарди денари.[8]

Клириншка куќа (КИБС)

уреди

Со реформата на платниот промет од 2001 година беше основана посебна институција (КИБС или Клириншка куќа) за неитните и малите безготовински плаќања, т.е. оние што гласат на износи помали од еден милион денари. Притоа, во 2009 година, преку КИБС беа извршени 16,6 милиони трансакции, во вредност од 217 милијарди денари, т.е. платниот промет остварен преку овој систем учествува со 34% во вкупниот број трансакции и само 7,5% во вкупната вредност на плаќањата остварени преку банките. КИБС претставува платен систем преку кој се спроведува пребивање (clearing) на налозите за плаќање издадени преку банките, а крајните плаќања се вршат во системот на НБРМ. За таа цел, секоја банка има отворено сметка во КИБС, која служи за пресметка на плаќањата и преку која се врши пребивањето.

Платниот промет преку овој систем се врши на следниов начин: кога клиентот на банката ќе даде налог за плаќање во полза на некое лице кое има сметка во друга банка, банката го проследува налогот за плаќање до КИБС. Меѓутоа, во тој миг не се врши конечно плаќање, туку само се врши размена на пораки за плаќањата од една кон друга банка. Така, во текот на работниот ден, сите банки ги доставуваат своите налози за плаќање и на крајот од денот се врши пресметка на сите приливи и одливи, одделно за секоја банка, и така се утврдува нето-состојбата на сметката на секоја банка. На крајот од денот, сите налози за плаќања меѓу банките меѓусебно се пребиваат и се добива салдото на сметката на секоја банка, кое покажува дали во текот на работниот ден банката имала повеќе уплати од исплати или обратно. Оваа разлика оди на порамнување кај платниот систем во централната банка и најдоцна во рок од еден час по извршената пресметка, банките со нето-одлив врз основа на плаќањата се должни, од својата сметка кај централната банка, да го уплатат наведениот износ во полза на сметката на КИБС, а потоа од тие пари се врши уплата на сметките на банките кои имале нето-приливи. На тој начин, на крајот на работниот ден, сметките на сите банки во КИБС треба да се сведат на салдо нула, бидејќи овие сметки служат само за пресметка, т.е. за потребите на пребивањето. Меѓутоа, ако некоја банка нема доволно пари на својата сметка кај централната банка, тогаш нејзините налози за плаќање не може да се извршат и затоа во КИБС не се вршат конечни плаќања.[9]

Платен промет на големо (МИПС)

уреди

Платниот промет на големо (wholesale payments) ги опфаќа плаќањата што гласат на големи поединечни износи и тој се извршува преку платниот систем кај централната банка - МИПС. Станува збор за целосно автоматизиран систем на порамнување (settlement) со електронски налози за плаќања, организиран од централната банка. Учесници во овој систем се банките, државниот трезор, КИБС, централниот депозитар на хартии од вредност и клириншката куќа за плаќање со картички КаСис, кои се поврзани со МИПС преку СВИФТ или преку приватна мрежа. Во 2009 година, преку МИПС беа извршени 4,7 милиони налози во вредност од 1 392 милијарди денари, што претставува учество од околу 10% во вкупниот број трансакции и дури 52% во вкупниот платен промет.

МИПС претставува систем на порамнување на бруто-основа во реално време (real-time gross settlement system, RTGS), а тоа значи дека секое плаќање се извршува посебно, и тоа веднаш, во истиот миг. Во овој систем не се врши пребивање на плаќањата, туку штом во системот ќе се внесе порака за плаќање, веднаш се врши конечно плаќање, со употреба на парите на сметките кај централната банка. Налозите се извршуваат само ако банката има доволно пари на својата сметка кај централната банка. Во спротивно, плаќањето не може да се изврши и налогот ќе чека во ред, до моментот кога банката ќе има доволно пари на сметката.[10]

Наводи

уреди
  1. The Banker, Vol. 157, No. 977, July 2007, стр. 120.
  2. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 336.
  3. www.banque-france.fr (пристапено а 10.2.2020)
  4. Howard Davies and David Green, Banking on the Future: The Fall and Rise of Central Banking. Princeton and Oxford: Princeton University Press, 2010, стр. 107.
  5. Александра Филиповска, „Во прометот се свртеле над 84 милијарди евра“, Дневник, година XX, број 5989, понеделник, 15 февруари 2016, стр. 8.
  6. 6,0 6,1 Народна банка на Македонија, Извештај за финансиската стабилност во 2009 година, Скопје, јули 2010.
  7. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 336-338.
  8. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 338.
  9. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 338-339.
  10. Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 339-340.