Паул Јохан Лудвиг фон Хајзе

(Пренасочено од Паул Хајзе)

Паул Јохан Лудвиг фон Хајзе (15 март 1830, Берлин - 2 април 1914, Минхен, Германија)[1] бил германски поет, романописец и есеист, добитник на Нобеловата награда за литература во 1910 година за уметноста што во основа го има идеализмот, што го покажува во текот на долгиот продуктивен творечки пат како поет, драмски писател, романописец и автор на светски познати раскази.

Паул Хајзе

Образование уреди

 
Портрет на Паул Хајзе

Татко му бил филолог, предавач на Берлинскиот универзитет, мајка му потекнува од образовано еврејско семејство. Во домот на Хајзе се собирале научници, писатели, глумци, сликари. Меѓу нив бил естетичарот Франц Куглер, кој му бил духовен учител на Хајзе. На универзитетот во Берлин, Хајзе студирал класична литература и филозофија. Две години подоцна посетувал предавања по романска филологија на Универзитетот во Бон. Докторирал во Берлин во 1852 година и заминал во Италија за да го продолжи своето образование. Тамошниот престој вдахнува кај Паул Јохан Лудвиг фон Хајзе љубов кон оваа земја и кон творештвото на Данте, Бокачо, Џакомо Леопарди. Тој почнал да пишува лирски поеми, драми и проза. Во 1854 година кралот Максимилијан II му доделил стипендија и го направил член на баварскиот двор со обврска да ги посетува интелектуалните средби на кои присуствува кралот. Хајзе се оженил со ќерката на Куглер и живеел во Минхен. Спокојната атмосфера му давала можност да ги развива своите литературни амбиции и наполно да ѝ се посвети на литературната дејност.

Творештво уреди

Хајзе ја објавил новелата „Л'арабијата" (1855), напишана за време на патувањето во Италија. Во ова дело, чиј буквален превод е „Лудото девојче“ раскажува за идиличната историја на една рибарска девојка. Романтичнато настроение што е изразено во сижето е појдовна точка и во следниве дела на Хајзе-новелата „Марион" (1855), потоа „Девојчето од Трепи" (1858), „Андреа Делфин" (1859) и „Портрет на мајката" (1859). Кон романите придодава многу сценски творби. Историската пиеса „Ханс Ланге" (1866) и трагедијата „Марија фон Магдала" (1899) имаат краток век. Хајзе се потврдува како романописец со „Децата на светот"(1873), „Во рајот"(1875) и „Мерлин" (1892), посветени главно на етички дилеми. И покрај тоа што неговите стихови не доживуваат популарност, Хајзе ѝ е познат на читателската публика со прекрасни преводи на италијански поети. Со навлегувањето на натурализмот, претставен од творбите на Хенрих Ибзен и Емил Зола, младите критичари започнуваат да го отфрлаат романтизмот во делата на Хајзе. Независно од тоа што успева да вклучи некои реалистички моменти во својата подоцнежна белетристика, Хајзе никогаш не ја губи својата преданост кон убавината и кон светот на чувствата и продолжува да го отфрлува натуралистичкото сликање на мрачната стварност. Хајзе е оценет како творец на современиот психолошки роман и најистакнат лирски поет на Германија. Исклучително плоден писател, Хајзе напишал 24 тома раскази, 6 романи, околу, 60 пиеси и 9 поетски збирки.

Наводи уреди

  1. Превод на литературни дела од автори кои добиле Нобелова награда, НИД „Микена“, Битола, 2010