Орце Николов (ансамбл)
Ансамблот за народни песни и ора „Орце Николов“, е културно-уметничко друштво основано во Скопје, 1945 година. Формирано е од Синдикатот на металските работници на аеродромот Скопје, со задача да ги афирмира македонските народни ора, песни, носии и обичаи.[1]
АНПО „Орце Николов“ | |
---|---|
Официјално лого. | |
Животописни податоци | |
Потекло | Скопје, Македонија |
Жанрови | Македонска народна музика Македонски ора |
Период на активност | 1945 – денес |
Издавачи | Македонска радио-телевизија ПГП-РТБ Југотон |
Мреж. место | кон Facebook |
Историја
уредиПри формирањето, било именувано како КУД „Металец“, но од 1948 година, го носи името на народниот херој од НОБ - Јордан (Орце) Николов. Уште од основањето, во неговиот состав работат музичка, играорна, драмска, рецитаторска и пејачка секција и голем мешан хор под диригентството на Илија Николовски - Луј и Ѓорѓи Димчевски. Поголем број од тие хористи подоцна стануваат членови на Скопската опера. Друштвото, веќе над 75 години е врвен репрезент на македонското народно творештво.[2] Со играта, песната, изворноста и светлината на македонскиот фолклор, се претставило на повеќе од 6,700 концерти одржани пред милионски аудиториуми во земјата и странство, и секаде предизвикувајќи воодушевување кај присутната публика, за што сведочат повеќе од 400-тини добиени награди и признанија на сите континенти. До досегашната дејност во него членувале над 10,000 членови, што ги следеле над 10,000,000 гледачи, а уште десетици милиони гледачи ги следеле настапите на телевизиските канали, како и во САД, Русија, Канада, Бразил, Куба, Северна Кореја, Англија, Белгија, Франција, Холандија, Швајцарија, Шпанија, Германија, Италија, Чешка, Словачка, Полска, Португалија, Романија, Кипар, Турција, Словенија, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, Босна и Херцеговина.[3]
Културно влијание
уредиАнсамблот „Орце Николов“ во својот фундус има повеќе од 680 народни носии. За да ја приближи вистинската вредност и убавина на народната носија до современата публика, неопходно е да се користат современи форми за нивна презентација. За публиката во земјата и странство реализирани се голем број на ревии, работилници во кои, покрај другото, македонската носија е прикажана од естетски, етнолошки и географски аспект. Се наведува од Ансамблот:[4]
„Ако фолклорот е синтеза на културата на еден народ низ вековите, тогаш неговата современа презентација претставува момент на соочување со самите себе и со целиот свет. “Фолклорниот допир“ нашите сограѓани и во оваа пригода, на јубилејното, 40-то издание на “Скопско лето“, уште еднаш ќе имаат можност да го почувствуваат преку ревијалниот приказ на раскошот на македонските народни носии“.
Следејќи ги светските тенденции и искуства на фолклорот, Ансамблот „Орце Николов“ ги применува новите методи во изучувањето, обучувањето и зачувувањето на изворноста и автентичноста на фолклорното творештво применувајќи современ сценски приказ во презентацијата.
Наводи
уреди- ↑ „1“. Архивирано од изворникот на 2020-10-09. Посетено на 2020-10-04.
- ↑ „2“. Архивирано од изворникот на 2020-10-09. Посетено на 2020-10-04.
- ↑ „3“. Архивирано од изворникот на 2020-10-30. Посетено на 2020-10-04.
- ↑ „4“. Архивирано од изворникот на 2020-10-30. Посетено на 2020-10-04.