Недепозитни извори на средства
Недепозитните извори на средства (англиски: Non-Deposit Sources of Funds) се дополнителни извори на средства за финансирање на банката, покрај депозитните извори на средства и се особено потребни за комплетирање на финансискиот потенцијал на банката. Иако најголем дел од изворите на финансирање се однесуваат на депозитите, недепозитните извори на финансирање заземаат сè поголем замав, почнувајќи од 1970-тите. Овие извори на финансирање се однесуваат на позајмиците што банките ги земаат на домашниот меѓубанкарски пазар, на меѓународниот пазар на евровалутни депозити и на издавањето на краткорочни и долгорочни хартии од вредност.
Значење на недепозитните извори на средства
уредиБанките ќе посегнат по дополнителни извори на средства во зависност од побарувачката за кредити. Постои непишано правило кое вели дека колку е банката поголема, толку повеќе ќе користи недепозитни извори на средства, првенствено поради поголемата кредитна способност, како и можноста за добивање поевтини средства и способноста полесно да се покрие преземениот ризик. Кај малите банки со помал рејтинг, овој начин на задолжување е многу поскап, па затоа и многу поретко го применуваат.[1]
Недепозитните обврски се помали од депозитите и во споредба со депозитите, недепозитните обврски претставуваат нестабилен извор на средства, затоа што тие се многу осетливи на промените на пазарните каматни стапки. Освен тоа, при најмали знаци на појава на финансиски проблеми, банката за многу кусо време ја губи можноста да позајмува на финансиските пазари.[2] Од друга страна, една од причините за сè поголемиот процент на банкарско кредитирање од недепозитни извори на средства е тоа што овие извори на средства не бараат одржување на задолжителна резерва, што воедно ја намалува цената на ваквиот метод на финансирање. Овој начин на финансирање е и многу краток, може да трае и во рок од неколку минути, а средствата и се веднаш префрлени на банката на која и се потребни.[3]
Претераното потпирање врз недепозитните извори може да биде многу опасно за банката, којашто многу лесно може да се соочи со проблеми со ликвидноста, а тоа придонесува и за масовен одлив на депозитите и за многу кусо време може да дојде и до пропаст на банката.[4]
Иако нивното процентуално учество е помало во споредба со она на депозитите, тие имаат големо значење во работењето на банката. Тие имаат сè поголемо значење во раководењето со ликвидноста и во раководењето со ризикот на каматните стапки - активности познати под поимот управување со обврските. Доколку банката се соочува со привремени ликвидносни проблеми, таа може многу лесно да обезбеди дополнителна ликвидност преку позајмување на пазарот на пари. Иста така, доколку се соочува со преголема ликвидност, слободните парични средства, таа може да ги инвестира во инструмените на пазарот на пари] Недепозитните извори и овозможуваат на банката и да ја менува својата изложеност на ризикот на каматните стапки, односно овие извори на финансирање се погодни за зголемување или намалување на каматноосетливиот јаз.[4]
Избор меѓу одделни недепозитни извори на средства
уредиПобарувачката на банката за недепозитни извори се јавува како разлика меѓу проектираниот износ на нови кредитни барања и предвидениот прилив на парични средства од депозити. Изборот меѓу одделни недепозитни извори зависи од повеќе фактори. Банката најпрвин ќе треба да ги спореди трошоците на одделни недепозитни извори, при што таа треба да ги земе предвид не само каматните стапки, туку и другите трошоци (оперативни трошоци, општи трошоци, трошоци за реклама, административни трошоци, брокерски провизии итн.). При останати непроменети услови банката ќе позајми од најевтиниот извор. Покрај цената, банката треба да води сметка и за ризиците поврзани со одделни извори на средства, како на пример променливоста на каматните стапки на одделни извори на средства. Банката треба да води сметка и за состојбата на пазарите на одделни инструменти во смисла на расположливоста на парични средства што се нудат за позајмување. Рочноста на финансиските инструменти игра, исто така, важна улога при изборот на недепозитни извори.[5]
Управување со обврските
уредиПривлечноста на овие извори на финансирање се однесува на нивната голема флексибилност. За разлика од депозитите, кај овие извори на финансирање иницијативата е кај самата банка, таа одлучува кога ќе ги употреби и колкав износ ќе прибере. Ако сака банката брзо да прибере парични средства, доволно е да им понуди на инвеститорите повисока каматна стапка од пазарната. За разлика од нив, кај депозитите одлуките кои зависат од многу фактори, меѓу кои и каматните стапки, се носат од страна на штедачите. Од друга страна, основниот проблем со недепозитните извори е што тие се многу осетливи на промените на каматните стапки. Доколку инвеститорите пронајдат поповолни можности за инвестирање, тие бргу можат да ги повлечат парите од банката и истите да ги вложат во инструменти или пазари што нудат поголеми приноси. Заради високата каматна еластичност, овие извори на средства се многу нестабилни, односно многу лесно можат да се одлеат од банката.[6]
Видови недепозитни извори на средтсва
уредиПостојат три начини за формирање на недепозитни извори на средства за банките:
- позајмување од други институции,
- издавање на должнички хартии од вредност,
- и финансирање од споствениот капитал.
Позајмување од други институции
уредиЗадолжувањето кај други институции опфаќа позајмување од централна банка, домашни банки, странски банки, како и задолжување кај другите институционални инвеститори. Посебно место кај недепозитните извори на средства за банките заземаат изворите до кои банката доаѓа преку задолжување кај други банки. Со овој извор на средства банките доаѓаат до потребниот финансиски капитал за извршување на кредитното работење. Овој тип на извор на средства за банките се одобрени од страна на централната банка или некоја друга голема банка.
Основни видови на меѓубанкарско задолжување се:
- Реесконт - пасивна банкарска работа со која банката есконтира меници од своето протфолио кај друга банка. Реесконтната меница банката ја претвора кај другата банка во една активна работа - есконтен кредит. Овие средства банката ги користи за понатамошно кредитирање и одржување на ликвидноста. Реесконтот е краткорочна банкарска операција и редовно можат да се есконтираат меници чиешто доспевање не е поголемо од три месеци од денот на реесконтот.
- Реломбард - облик на задолжување кога се кај централната банка или некои други банки ломбардираат веќе ломбардирани хартии од вредност на коишто банката има веќе одобрено ломбарден кредит. Реломбардот е чест кај банките коишто тргуваат со хартии од вредност и кои учествуваат на берзата. Кај ломбардот и реломбардот основата за одобрување на кредит е цената на хартиите од вредност на берзата.
- Од вредноста на заложените хартии од вредност на берзата банката одобрува одреден процент - најчесто околу 75 проценти, во име на ломбардниот кредит. Со оглед на честите флуктуации на хартиите од вредност, роковите на ломбардните кредити, а и на реломбардот се многу кратки и се движат од неколку дена до 15 дена.
- Други кредити кои банките меѓусебно си ги одобруваат - покрај наведените кредити постојат и други видови на кредити, најчесто преку тековните сметки, коишто се одобруваат од една на друга банка. До вакви кредитни односи доаѓа најчесто меѓу банки кои меѓусебно соработуваат.
Ваков однос постои и помеѓу странски и домашни банки. Освен наведените облици на меѓубанкарски кредити, помеѓу недепозитните извори на средства можат да се вклучат и кредитите коишто банката ги прима од државните единици, трговските друштва, финансиските институции, како домашни, така и странски.[3]
Должнички хартии од вредност
уредиВоведувањето на хартиите од вредност во регулирањето на финансиските текови претставува значајна новост, која треба да овозможи брза и ефикасна циркулација на средствата, брз развој на финансиските заштеди, поголема ликвидност и ефикасна концентрација на средствата. Хартиите од вредност се емитираат директно и индиректно. Директна емисија постои кога емитентите сами издаваат и нудат вредносни хартии, додека индиректна едмисија се одвива преку посредници.
Депозитен сертификат е хартија од вредност со која банките краткорочно ги прибираат потребните средства, со рок од неколку дена, или долгорочно, со рок од неколку години. Депозитните сертификати се емитираат врз основа на депозитите. Заради големата доверба во банките-должници овие инструменти се многу барани на финансиските пазари. За поединечните инвеститори се емитираат со номинална вредност од сто или повеќе долари, а за поголемите институционални инвеститори се емитираат со номинална вреност од 100.000 долари до оние до номинална вредност од повеќе милиони долари. За разлика од стандардните депозити, со депозитните сертификати се брзо и лесно тргува на секундарниот пазар.
Депозитните сертификати се издаваат во мали износи ако се наменети за продажба на физички лица, а во поголеми износи ако потенцијалните купувачи се правни лица. Тие се предмет на тргување и со нив може да се тргува пред нивното доспевање. Тоа е главната причина зошто вложувањето на слободните парични средства во депозитни сертификати има предност пред орочувањето во банките. Сопственикот на орочениот депозит не може да располага со тие средства пред нивното доспевање, или доколку се повлечат пред време, следуваат одредени казни, примена на каматните стапки на депозитите по видување к,ои се многу пониски итн.
Благајничкиот запис е краткорочна хартија од вредност со рок на доспевање до една година. Должнички е инструмент, за одржување на ликвидноста. Се смета за неризичен инструмент со голема сигурност. Се продава со дисконт, така што цената при продажбата му е пониска од номиналната вредност, а при доспевањето се исплаќа номиналната вредност. Ретко се продаваат и со каматни купони. Нив ги издава Народна банка на Република Македонија.
Обврзницата е должничка хартија од вредност со која банката се обврзува на враќање на позајмените средства, во опреден рок, со одредена камата, која се исплаќа периоднично или заедно со главницата при доспевање. Обврзницата е кредитен инструмент и во нејзината суштина стои договор за кредит. Може да гласи на име или на доносител. Може да биде без купони (еднократно исплатлива обврзница) и со купони (повеќекратно исплатлива обврзница). Кај обврзницата без купон, емитентот се обврзува дека ќе изврши исплата на истата на одереден иден датум и таа исплата е еднаква на номиналната вредност на обврзницата. Предност кај овој вид на обврзница е што емитентот нема годишна исплата, но кога ќе доспее истата, доколку емитентот нема доволно парични средства за исплата на обврзницата, истиот може да се најде во состојба на неликвиднот или несолвентност. Доколку обврзницата се продаде пред доспевање, истата се продавата со голем дисконт. Доколку станува збор за купонска обврзница, емитентот се обврзува да исплаќа камата во договорените (полугодишни или годишни) износи, додека пак, главницата се подмирува на денот на доспевање. Постојат и обврзници со сериско доспевање кај кои и главницата и каматата се исплаќаат во периодични износи. Најчест вид на обвзница е онаа со фиксен принос, која означува купонска стапка. Наместо фиксна каматна стапка, истите можат да имаат и флуктуирачка каматна стапка, со флуктуирачки приноси.[3]
Наводи
уреди- ↑ Hrvoje Mastelic, Struktura izvora finansiranja banka, Diplomski rad, Ekonomski fakultet u Splitu, 2011.[мртва врска]
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките, Скопје, Економски факултет, 2011, стр.24.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Hrvoje Mastelic, Struktura izvora finansiranja banka, Ekonomski fakultet u Splitu, 2011.[мртва врска]
- ↑ 4,0 4,1 Горан Петревски, Управување со банките, Скопје, Економски факултет, 2011, стр. 242.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките, Скопје, Економски факултет, 2011, стр. 241.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките, Скопје, Економски факултет, 2011, стр. 241-242.