Каматен ризик
Каматниот ризик (англиски: interest rate risk) претставува ризик од неповолни идни движења на каматните стапки и со тоа и промена на вредноста на средствата кои носат каматни приноси, како што се банкарските заеми или обврзниците.
Каматниот ризик како економска категорија
уредиКаматниот ризик се вклучува во категоријата пазарни ризици, кои ја покажуваат веројатноста за промена на добивката и пазарната вредност на капиталот на банката, предизвикана од промената на пазарните цени. Во основа, пазарниот ризик се јавува во три видови:
- каматен ризик,
- ценовен ризик и
- девизен ризик.[1]
Каматниот ризик во банките
уредиКога се менува каматната стапка се менува и вредноста на кредитите со фиксна каматна стапка. Ако каматната стапка расте, вредноста на тие кредити ќе паѓа. На тој начин, банката како кредитор се среќава со опортунитетен трошок од помалата камата која ја наплаќа, а од друга страна. со поволноста да пресмета повисока каматана стапка при одобрување на нови кредити со фиксна каматна стапка. Кога каматните стапки би паѓале, банките како кредитори ќе се соочат од една страна со загуба по основ на камата на новоодобрените кредити, а од друга страна со корисноста да наплаќаат повисока камата на претходно одобрените кредити во однос на пониските каматни стапки на пазарот.[2]
При раст на каматните стапки, депонентите сакаат да ги повлечат своите депозити, посебно ако постои можност за нивно предвремено повлекување, бидејќи ќе остварат поголема заработка со инвестирање на тие пари по поголема каматна стапка. Банката во тој случај се среќава со проблем за одржување на својата ликвидност. Заради повлекувањето на депозитите, банката мора да го надомести повлечениот износ (квантитативен ефект) од својот биланс, а при новите задолжувања ќе плаќа по нови, повисоки каматни стапки (трошковен ефект). Во спротивно, ако банката не успее да ги надомести изгубените средства, таа ќе биде присилена да го намали својот обем на работа. Во случај на паѓање на каматните стапки на банката ѝ претстои опасност од предвремена отплата на кредитите, поради што е принудена да одобрува кредити по помали каматни стапки.[2]
Каматниот ризик ја покажува веројатноста за промена на нето-каматните приходи на фирмата поради промена на пазарните каматни стапки. Со други зборови, каматниот ризик покажува колку приходите и расходите на фирмата реагираат на промените на пазарните каматни стапки. Притоа, во зависност од структурата и одликите на средствата и обврските на фирмата, промената на каматните стапки може да ги зголеми или да ги намали приходите и расходите на фирмата. Во таа смисла, сите средства и обврски на фирмата можат да се групираат во две групи: каматноосетливи и каматнонеосетливи.
Каматноосетливи средства и обврски се оние чии приходи и расходи се менуваат под влијание на промените на пазарните каматни стапки. Ако промените на каматните стапки не се одразуваат врз приходите на средствата, т.е. расходите на обврските, тогаш станува збор за каматнонеосетливи средства и обврски. Како што може да се насети, ако каматноосетливите средства се поголеми од износот на каматноосетливите обврски, тогаш нето-каматните приходи на банката ќе се зголемат, а ќе се намалат во случај на опаѓање на каматните стапки. Доколку пак каматноосетливите средства се помали од износот на каматноосетливите обврски, тогаш нето-каматните приходи на банката ќе се намалат при пораст на каматните стапки, а ќе се зголемат во случај на опаѓање на каматните стапки. Според тоа, изложеноста на банката на каматниот ризик може да се мери преку показатели од типот на:
- Разликата меѓу износот на каматноосетливите средства и каматноосетливите обврски;
- Односот меѓу износот на каматноосетливите средства и каматноосетливите обврски.[3]
Мерење на изложеноста на каматен ризик
уредиНајстара техника за мерење на изложеноста на банката на каматниот ризик е статистичката анализа на јазот (static gap analysis). Всушност, оваа техника ја мери изложеноста на каматниот ризик само од аспект на ефектите на промените на каматните стапки врз нето-каматниот приход. Тоа воопшто не треба да зачудува имајќи предвид дека, набљудувано на кус рок, раководството на банките обично е насочено кон профитабилноста. Како што рековме, анализата на јазот е статистичка техника, затоа што ја мери изложеноста на каматниот ризик во определена временска точка, притоа користејќи ги информациите од билансот на состојбата.
Примената на оваа техника поминува низ следниве неколку фази:
- Поставување кусорочни цели за нето-каматниот приход;
- Групирање на средствата и обврските на банката во зависност од нивната осетливост на промените на каматните стапки;
- Предвидување на промените на каматните стапки во следниот период;
- Мерење на изложеноста на банката на каматен ризик;
- Управување со каматниот ризик.[4]
Јазот како мерка на каматниот ризик
уредиПоказателите на јазот ја мерат изложеноста на банката на каматен ризик. Банката може да има позитивен јаз, негативен јаз, или нулти јаз.
Позитивен јаз
уредиБанката има позитивен јаз (positive gap), ако вредноста на каматноосетливите средства е поголема од износот на каматноосетливите обврски, односно таа е каматноосетлива на страната на средствата (asset sensitive). Мерено со показателите, таквата банка ќе има позитивен јаз, а коефициентот на каматната осетливост ќе биде поголем од 1. Банката со позитивен јаз е изложена на ризикот од намалување на каматните стапки, бидејќи, во тој случај, каматните приходи на банката ќе се намалат за поголем износ во споредба со каматните расходи и тоа ќе предизвика намалување на нето-каматниот приход. Во обратен случај, доколку дојде до пораст на каматните стапки, банката со позитивен јаз ќе доживее зголемување на нето-каматниот приход, бидејќи нејзините каматни приходи ќе пораснат за поголем износ во споредба со каматните расходи.
Негативен јаз
уредиАко износот на каматноосетливите обврски го надминува износот на каматноосетливите средства, банката се соочува со негативен јаз (negative gap), односно таа е каматноосетлива на страната на обврските (liability sensitive). Таквата банка ќе има негативен релативен јаз и коефициент на каматна осетливост помал од 1. Банката со негативен јаз е изложена на ризикот од зголемување на каматните стапки, бидејќи, во тој случај, каматните расходи на банката ќе се зголемат за поголем износ во споредба со каматните приходи и тоа ќе предизвика намаливање на нето-каматниот приход. Во обратен случај, доколку дојде до опаѓање на каматните стапки, банката со негативен јаз ќе доживее зголемување на нето-каматниот приход, бидејќи нејзините каматни расходи ќе се намалат за поголем износ во споредба со каматните приходи.
Нулти јаз
уредиНајпосле, доколку банката има нулти јаз, односно нејзините каматноосетливи средства се еднакви на каматноосетливите обврски, таа ќе биде заштитена од ефектите на промените на каматните стапки. Во тој случај, ако дојде до промена на каматните стапки, тоа подеднакво ќе се одрази врз каматните приходи и врз каматните расходи, така што нето-каматниот приход нема да се промени. Така, при пораст на каматните стапки, каматните приходи на банката ќе пораснат во ист обем како и каматните расходи. Обратно, ако се намалат каматните стапки, тоа ќе предизвика каматните приходи на банката да се намалат, но истовремено ќе се намалат и каматните расходи, и тоа во ист обем. Во двата случаи, промената на каматните стапки нема да предизвика никаков ефект врз профитабилноста на банката, т.е. нејзиниот нето каматен приход нема да се промени.[5]
Извори на каматен ризик
уредиЗа квалитетно управување на ризикот на каматни стапки неопходно е да се утврдат изворите на овој ризик, коишто се воедно и примарни видови на каматен ризик. Темелни извори (облици) на ризикот на каматни стапки на кои се изложува банката се:[6]
- ризик на рочна неусогласеност (maturity risk, repricing risk),
- ризик на кривата на принос (yield curve risk),
- темелен ризик (basis risk),
- опциски ризик (optinality).
Народната Банка на Република Македонија го дефинира ризикот од промена на каматни стапки во портфолиото на банкарските активности како ризик од загуба која произлегува од неповолните промени на каматните стапки, а коишто влијаат на позициите во портфолиото на банкарските активности. Притоа, таа наведува неколку извори на каматен ризик, и тоа следниве:[7]
- ризик од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарски активности (ризик од загуба којашто произлегува од неповолните промени на каматните стапки, а коишто влијаат на позициите во портфолиото на банкарските активности на банката);
- ризик од рочна неусогласеност на каматочувствителните активни и пасивни позиции (ризик од разлики во рочноста за ставките со фиксна каматна стапка, односно времето на следната промена на каматните стапки за ставките со променлива каматна стапка, на активните и пасивните ставки);
- ризик од кривата на принос (ризик од непредвидените промени на кривата на приносот коишто можат негативно да влијаат врз профитабилноста и сопствените средства на банката);
- ризик од разликите во висината на референтните каматни стапки на инструменти со слични одлики, во однос на рочноста или времето на следна промена на каматните стапки (ризик од неусогласеноста во времето на прилагодување на каматните стапки по кои плаќа банката за различни инструменти со слична рочност);
- ризик кој произлегува од опциите што се вградени во каматочувствителните позиции (ризик од влијанието коешто можат да го имаат опциите вградени во одредени инструменти врз нивните парични текови.
Управување со каматниот ризик
уредиСпоред Базелскиот принцип број 6 за управувањето со каматниот ризик, особено значајно е да банките имаат воспоставено системи за мерење на каматниот ризик кои ќе ги опфатат сите материјални извори на каматен ризик и ќе ги рефлектираат ефектите од промена на каматните стапки на начини кои се доследни со обемот на активностите на банките. Системите за мерење треба да обезбедат значајни податоци за тековната изложеност на банката на каматен ризик, и треба да имаат капацитет да го идентификуваат секое евентуално надминување на изложеноста што може да се случи. Системите за мерење на каматниот ризик треба:[8]
- Да ги следат сите материјални извори на каматен ризик поврзани со средствата и обрвските на банката, како и вонбилансните позиции
- Да ги користат генерално прифатените финансиски концепти и техники за мерење на ризиците и
- Да имаат документирани претпоставки и параметри.
Наводи
уреди- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 66.
- ↑ 2,0 2,1 J. F. Sinkey. (2001). Commercial Bank Financial Management in the Financial-Services Industry. New Jersey: Prentice Hall.
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 66
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр. 306
- ↑ Горан Петревски, Управување со банките (второ издание), Скопје: Економски факултет, 2011, стр.309
- ↑ J. F. Sinkey. (2001), Commercial Bank Financial Management in the Financial Services Industry, New Jersey: Prentice Hall.
- ↑ НБРМ, Одлука за управување со ризикот од промена на каматните стапки во портфолиото на банкарските активности, „Службен весник на РМ“ бр. 163/2008.
- ↑ Basel Committie on Banking Supervision, Principles for Management and Supervision of Interest Rate Risk. Basel, 2001.