Побарувачка
Побарувачката го претставува количеството на еден производ што потрошувачот сака да го купи по различни цени при непроменети останати фактори. Односот меѓу количеството производи што сакада ги купи потрошувачот по различни цени се нарекува функција на побарувачката или крива на побарувачката. Кривата на побарувачката го претставува количеството што потрошувачите сакаат да го купат при дадени цени, а не количеството производи што тие навистина го купуваат.[1]
Теорија на побарувачката на потрошувачот
уредиСпоред Алфред Маршал, побарувачката на потрошувачите го претставува крајниот регулатор на целокупната побарувачка.[2]
Корист и маргинална корист
уредиОснова на теоријата на потрошувачката е анализата на користа (ползата) на потрошувачот. Во тој поглед, иако желбите на потрошувачот не можат директно да се измерат, сепак тие се мерат преку цената која е подготвен да ја плати потрошувачот за да задоволи одредена желба. Вкупната корист на потрошувачот (total utility) се зголемува со секоја дополнителна единица од производот што го троши, но ова се однесува само на вкупната корист. Притоа, вкупната корист расте со опаѓачка стапка, односно секоја дополнителна единица од производот што го троши поединецот му носи сè помала и помала корист. Онаа единица од производот за која потрошувачот се двоуми дали да ја купи, Маршал ја нарекува маргинална купувачка (marginal purchase), а неговата корист - маргинална корист (marginal utility). Според тоа, маргиналната корист на секое нешто опаѓа со секое зголемување на количеството што го имаме. Меѓутоа, законот за опаѓачка маргинална корист важи само ако човекот се набљудува во една точка од времето, т.е. ако се занемарат промените на неговите желби и потреби со текот на времето.[3] Законот за опаѓачка маргинална корист може да се претстави и преку цената на производот. Имено, цената што е подготвен да ја плати потрошувачот за една дополнителна единица од производот Маршал ја нарекува маргинална цена на побарувачката (marginal demand price). Токму оваа цена ја претставува маргиналната корист на производот. Слично на тоа, цените што потрошувачот сака да ги плати за два производа зависат од односот на маргиналната корист на тие производи. Притоа, колку што се зголемува количеството од некој производ што го има потрошувачот, толку пониска ќе биде цената што тој ќе сака да ја плати за една дополнителна единица од тој производ. Според тоа, при непроменети други услови, и маргиналната цена на побарувачката опаѓа со секоја натамошна единица од производот.[4]
Изборот на потрошувачот меѓу одделни производи се врши според нивната маргинална корист. Ако еден производ му носи на потрошувачот поголема маргинална корист во споредба со друг производ (пресметано во однос на нивните цени), тогаш потрошувачот ќе го избере првиот прозивод. Притоа, потрошувачот ќе го распредели својот доход по одделни производи во точката во која се изедначува маргиналната корист на сите производи (во однсс на нивните цени). На сличен начин се врши и изборот меѓу сегашната и идната потрошувачка: ако денешната потрошувачка му носи на потрошувачот поголема маргинална корист во споредба со неговото купување во иднина, тој ќе одлучи да го купи производот денес. Оваа меѓувременска споредба меѓу сегашната и идната маргинална корист се изразува преку субјективната дисконтна стапка на потрошувачот.[5]
Скала и крива на побарувачката
уредиСписокот на количествата од некој производ што потрошувачот сака да ги купи по различни цени се нарекува скала на побарувачката (demand schedule), а поимот зголемување на побарувачката значи дека тој сака да купи повеќе производи по целиот список на цени. Со други зборови, порастот на побарувачката означува поместување на скалата на побарувачката, т.е. потрошувачот сака да купи повеќе производи по постоечките цени, односно постоечките количества се купуваат по повисоки цени.[6] Порастот на побарувачката може да биде предизвикан од различни фактори, како: промените во модата, отворање нови можности за употреба на производот, намалување на понудата на некој друг производ кој служи како супститут, постојан пораст на богатството и на куповната моќ на потрошувачите итн.[7] Промените на побарувачката предизвикуваат различни ефекти врз цената, во зависност од тоа дали во производството на производот важи законот за константни, опаѓачки или растечки приноси: при константни приноси, порастот на побарувачката предизвикува само зголемување на производството на производот без никаков ефект врз цената по која се продава тој; при опаѓачки приноси, зголемената побарувачка предизвикува мало зголемување на количеството што се продава и пораст на цената; при растечки приноси, поголемата побарувачка води до голем пораст на производството и до намалување на цената.[8]
Графичкиот приказ на количествата што потрошувачот сака да ги купи по различни можни цени ја претставува кривата на побарувачката (demand curve). Притоа, законот на побарувачката (law of demand) гласи: количеството производи што сака да го купи потрошувачот се зголемува ако се намали цената на производот и обратно, по повисока цена, потрошувачот сака да купи помало количество од производот. Со други зборови, кривата на побарувачката е негативно наклонета (опаѓа) по целата нејзина должина.[9] За законот на побарувачката не постои теоретски доказ, туку тој претставува (според многу економисти — најважното) емпириско правило кое се потврдува во неброено многу поединечни случаи.[10][11] Меѓутоа, општиот закон дека човекот купува повеќе ако се намали цената на некој производ важи само при непроменети (константни) други фактори, како што се: цените на другите производи, доходот на потрошувачот и неговите вкусеви и преференции.[12]
Вообичаено, економистите ја изразуваат побарувачката како функција во следниов општ вид:[13][14]
x = f(px, py, pz, ..., R)
каде: x e количеството што се купува, px e цената на производот x, py и pz се цените на производите y и z, а R е доходот на потрошувачот, изразен во пари.
Математичкото изразување на побарувачката служи за две цели: прво, за нèвпотсети дека ефектите на одделните детерминанти врз побарувачката не се независни едни од други; второ, за да ги разликуваме промените на количеството што се купува под дејство на промените на цените или доходот од промените кои предизвикуваат од промената на функцијата на побарувачката. Притоа, пазарната функција на побарувачката е континуирана, дури и кога функцијата на побарувачката на одделните потрошувачи е дисконтинуирана.[15]
Табела 1: Скала на побарувачката[16]
Количество | Цена | Количество | Цена |
---|---|---|---|
6 | 50 | 10 | 24 |
7 | 40 | 11 | 21 |
8 | 33 | 12 | 19 |
9 | 28 | 13 | 17 |
Општиот закон на побарувачката вели дека ако се зголеми цената на производот, потрошувачот ќе купува помало количество. Меѓутоа, постои и можност за отстапување од ова правило, т.е. потрошувачот да купува повеќе, ако се зголеми цената на производот. Овој случај е познат како Гифенов парадокс. Теоретски, овој парадокс може да се објасни со меѓусебното дејство на ефектот на супституција и ефектот на доходот, но меѓу економистите постои дилема во поглед на тоа дали Гифеновиот парадокс е само хипотетички случај или пак тој постои во реалниот свет. Така, Алфред Маршал тврдел дека во една прилика се појавил овој парадокс, но не постои ниту едно емпириско истражување кое го потврдува неговото постоење.[17]
Побарувачката на производи и побарувачка на факторите на производството
уредиПобарувачката на производите кои непосредно ги задоволуваат човековите потреби (готовите производи), Алфред Маршал ја нарекува директна побарувачка (direct demand), додека побарувачката на материјалите, машините и другите средства за производство ја нарекува индиректна побарувачка (indirect demand) или изведена побарувачка (derived demand), зашто таа е изведена од побарувачката на готовите производи. На пример, побарувачката на леб е директна, додека побарувачката на брашно, мелници или печки е индиректна. Притоа, побарувачката на неколку средства за производство кои се употребуваат за да се добие еден краен производ ја нарекува заедничка побарувачка (joint demand, зашто тие средства се комбинираат заедно за да се добие готовиот производ. На пример, побарувачката на брашно и печки е заедничка, зашто брашното, мелниците и печките заедно учествуваат во производството на лебот. Се разбира, заедничката побарувачка на овие комплементарни средства за производство е изведена од побарувачката на лебот.[18] Бидејќи еден фактор на производството може да се употреби за добивање различни производи (на пример, еден работник може да работи во различни индустрии), побрувачките за одделните употреби на тој фактор се конкуренти една во однос на друга (rival, competitive demands). Од друга страна, ако се соберат сите поединечни побарувачки на еден производ или на еден производен фактор се добива композитната или агрегатната побарувачка (composite, aggregate demand). На пример, секој поединец има своја побарувачка за некој производ, а ако се соберат побарувачките на сите поединци или групи се добива агрегатната побарувачка. Слично на тоа, секоја фирма има своја побарувачка на некој производен фактор, а збирот на побарувачките на сите фирми ја даваат агрегатната побарувачка на тој производен фактор.[19]
Законот на изведената побарувачка (the law of derived demand) гласи: Цената која ќе биде понудена за секое средство за производство претставува разлика меѓу цената по која може да се продаде готовиот производ и цените по кои се нудат останатите средства за производство. Со други зборови, кривата на побарувачката на секој поединечен фактор на производството може да се изведе од кривата на побарувачката на готовиот производ така што за секое количество од производот од цената на побарувачката (demand price) ќе се одземе збирот на цените на понудата (supply prices) на другите фактори на производството, за соодветното количество.[20]
На конкурентскиот пазар, побарувачката на факторите на производството е изведена од вредноста на маргиналниот производ на производниот фактор, а таа вредност се добива како производ на маргиналниот физички производ и цената на производот. Притоа, вредноста на маргиналниот производ ја претставува цената на побарувачката за производниот фактор под претпоставката дека количествата на другите производни фактори остануваат константни.[21] Меѓутоа, на монополски пазар, фирмата има контрола врз пазарната цена на производот и врз обемот на производството, а со тоа и врз цената на производните фактори. Оттука, при монопол, побарувачката на производните фактори е изведена не од вредноста на маргиналниот производ, туку од маргиналниот приход на производот, кој се добива така што маргиналниот приход што го носи секој дополнителен производ ќе се помоножи со маргиналниот физички производ што го дава дополнителниот производен фактор.[22]
Постојат три правила за еластичноста на побарувачката на факторите на производството:[23]
- побарувачката на некој производен фактор е поеластична, ако постојат блиски супститути за тој производен фактор
- еластичноста на некој производен фактор е поголема, ако е поголема еластичноста на побарувачката на производите што ги дава тој фактор
- побарувачката на некој производен фактор е поеластична, ако е поеластична понудата на другите производни фактори
Првите две правила важат и за побарувачката на производните фактори во услови на монопол, додека третото правило важи во изменет вид, т.е. побарувачката на производните фактори ќе биде поеаластична, ако се поеластични маргиналните трошоци на останатите производни фактори.[24]
Еластичност на побарувачката
уредиСпоред општиот закон на побарувачката, ако се намали цената на некој производ, потрошувачите ќе сакаат да купат поголемо количество. Процентуалната промена на бараното количество при промена на цената се нарекува еластичност на побарувачката (elasticity of demand). Еластичноста на побарувачката може да биде различна, т.е. во некои случаи, таа е голема, а другпат мала. Ако цената на производот се намали за еден процент, а бараното количество се зголеми, исто така, за еден процент, тогаш еластичноста на побарувачката изнесува еден; ако бараното количество се зголеми за два проценти при намалување на цената за еден процент, тогаш еластичноста на побарувачката е еднаква на два, итн. По правило, еластичноста на побарувачката е различна по должината на кривата на побарувачката: ако цената на производот е висока, тогаш еластичноста е голема, а онака како што се намалува цената на производот, еластичност на побарувачката е сè помала. Бидејќи што е висока а што ниска цена зависи од општествената класа на која ѝ припаѓа потрошувачот, тоа значи дека еластичноста на побарувачката за ист производ се разликува кај богатите и кај сиромашните луѓе. На пример, еластичноста на побарувачката на месо е мала кај богатите луѓе, а голема кај сиромашните луѓе: при намалување на цената на месото, богатите луѓе нема да ја зголемат својата побарувачка, додека побарувачката на месо ќе се зголеми значително кај сиромашните луѓе. По правило, производите со мошне различна употреба (на пример, водата) се одликуваат со висока еластичност на побарувачката, додека еластичноста на побарувачката е ниска кај луксузните производи и кај производите што се неопходни за живот (на пример, лебот).[25] Општо правило во однос на еластичноста на побарувачката е дека таа е бројчено висока, ако за производот има блиски супститути, иако во праксата е тешко да се определи степенот на супституција меѓу хетерогените производи.[26] Кога се зборува за еластичноста, може да се занемари времето, т.е. по правило, производите со висока еластичност на побарувачката на долг рок имаат и висока еластичноста на побарувачката на кус рок.[27] Меѓутоа, кога се зборува за еден определен производ, тогаш, еластичноста на неговата побарувачка зависи од времето, т.е. на долг рок, побарувачката е поголема.[28]
Еластичноста на побарувачката на еден производ во однос на промената на цената на друг прозивод се вика вкрстена еластичност (cross-elasticity). Таков е случајот со еластичноста на побарувачката во однос на производите кои служат како супститути (го заменуваат дадениот производ) или комплементи (се надополнуваат со дадениот производ). Притоа, вкрстената еластичност во однос на блиските супститути е позитивна, додека во однос на блиските комплементи е негативна. По правило, колку производите се поголеми супститути, толку вкрстената еластичност е повисока. На пример, еластичноста на побарувачката на определена марка кафе во однос на цената на другите марки кафе е многу висока, додека вкрстената еластичност на кафето во однос на другите пијалаци е помала. Бидејќи поголемиот број производи не се блиски суспститути или блиски комплементи меѓу себе, тешко е да се определи знакот или големината на вкрстената еластичност на нивната побарувачка.[29]
Потрошувачки вишок
уредиПо правило, купувачот добива поголемо задоволство од производот што го купува од цената која ја плаќа за него, бидејќи тој би бил подготвен да плати повисока цена за да го добие саканиот производ. Оваа разлика меѓу повисоката цена што би ја платил потрошувачот и вистинската цена што ја плаќа за производот што го купува се нарекува потрошувачки вишок или вишок на потрошувачот (consumer's surplus). На пример, ако цената на чајот изнесува 20 шилинзи, да претпоставиме дека по таа цена потрошувачот сака да купи една фунта чај, но дека по цена од 14 шилинзи неговата побарувачка изнесува две фунти чај. Во овој случај, бидејќи двете фунти чај ги купува по цена од 14 шилинзи, потрошувачот добива задоволство што вреди 34 шилинзи за плаќа 28 шилинзи. Така, тој остварува вишок за задоволство од шест шилинзи.[30]
Побарувачката и доходот
уредиПобарувачката на еден производ може да се изрази и во однос на доходот на потрошувачот, а графичкиот приказ на оваа врска може да се нарече крива на доходот (income curve), иако за него нема општоприфатено име. Притоа, кривата на доходот може да се претстави како однос меѓу доходот и количеството на производот што се купува или почесто како однос меѓу доходот и издатокот што се прави за купување на некој производ (изразен во пари). врската меѓу побарувачката и доходот може да биде позитивна или негативна: побарувачката на некои производи расте онака како што се зголемува доходот и тие се нарекуваат нормални производи (normal goods); наспроти нив, побарувачката на некои производи се намалува, ако порасне доходот на потрошувачот и тие се нарекуваат инфериорни производи (inferior goods). Еластичноста на побарувачката на некој производ во однос на промените на доходот на потрошувачот се нарекува доходна еластичност (income elasticity) и се пресметува така што процентуалната промена на побарувачката на производот ќе се подели со процентуалната промена на дхоходот на потрошувачот. Се разбира, нормалните производи имаат позитивна доходна еластичност, додека инфериорните производи имаат негативна доходна еластичност. По правило, доходната еластичност изразена преку расходите за еден производ е поголема од доходната еластичност изразена преку количеството што се купува. Првиот економист кој ја изучувал побарувачката во однос на доходот бил Ернст Енгел, кој го дал познатиот закон дека со порастот на доходот на семејството се намалуваат расходите за храна (изразени како процент од доходот). Кривите линии кои ги претставуваат расходите за одделни категории производи како функција на семејниот доход се познати како Енгелови криви.[31]
Во принцип, од кривите на доходот на поединците може да се изведе збирната, т.е. пазарната крива на доходот. Меѓутоа, ова изведување е комплицирано зашто одделните потрошувачи имаат различен доход, така што ефектите од порастот на доходот врз вкупната побарувачка на некој производ зависат од првичната распределба на доходот и од распределбата на порастот на доходот меѓу одделните потрошувачи. Само ако распределбата на доходот е стабилна и ако доходот на сите потрошувачи порасне пропорционално, тогаш пазарната крива на доходот се добива како пондериран просек од поединечните криви при што како пондери служат учествата на одделните потрошувачи во вкупната потрошувачка на производот.[32]
Наводи
уреди- ↑ Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 14.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 92.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 93-94.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 95.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 117-123.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 96-97.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 278.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 279-280.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 98-99.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 24.
- ↑ Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 16.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 23.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 22.
- ↑ Jeffrey Perloff, Microeconomics (fourth edition). Boston etc.: Pearson/Addison-Wesley, 2007, стр. 18.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 22-23.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 96.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 63.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 197.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 203.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 199.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 239-242.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 244-245.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 242-244.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 245.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 102-109.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 25-26.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 272.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 26-29.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 31-33.
- ↑ Alfred Marshal, Principles of Economics. Amherts, New York: Prometheus Books, 1997, стр. 124-127.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 33-38.
- ↑ George J. Stigler, The Theory of Price, third edition. New York: The Macmillan Company, 1966, стр. 42.