Македонски кралски гробници (Кутлеш)
Македонски кралски гробници (грчки: Βασιλικοί τάφοι των Αιγών) — некропола од IV век п.н.е. крај древномакедонскиот град Ајга, кај денешното село Кутлеш, Берско, Егејска Македонија. Во неа се погребани членови на кралското семејство на Аргеадите, меѓу кои и Филип II Македонски. Прогласена е за светско наследство на УНЕСКО заедно со целата Ајга. Има голема гробница и други важни гробници од старомакедонскиот период, во кои се среќаваат едни од највредните наоди на претхеленистичкото сликарство.[1][2]
Βασιλικοί τάφοι των Αιγών | |
Гробницата на Филип II | |
Место | Кутлеш, Берско |
---|---|
Област | Егејска Македонија, Грција |
Координати | 40°29′15″N 22°19′09″E / 40.4874° СГШ; 22.3193° ИГД |
Вид | некропола |
Историја | |
Изграденo | IV век п.н.е. |
Раздобје | древномакедонско |
Белешки за наоѓалиштето | |
Откриено | 1977 |
Состојба | реставрирано |
Прогласено за | светско наследство на УНЕСКО, споменик на културата |
Ископување и истражување
уредиГолемата гробница или Гробница II е истражувана од првата половина на XX век, каде професорот К. Ромајос почнал да ископува во 1937 г., но наодите внатре во гробниците се откриени дури во 1977 г. од Манолис Андроникос. Погребаниот маж во Гробницата II е идентификуван како кралот Филип II Македонски; иако некои стручњаци го оспоруваат ова, последните истражувања одат во прилог на првата констатација.[3] Во јуни 2015 г. објавен е исходот од продлабочено остеоархеолошко проучување спроведено од Теодорос Антикас и Лора Вин-Антикас, кое го потврдува идентификувањето на останките во Гробницата II како Филип II Македонски, иако истото не може да се потврди со ДНК-испитување.[4]
Меѓутоа, според други стручњаци, правилната идентификација е со погребаниот маж во Гробницата I, засновајќи се на историски околности, како што е посведочено во изворите каде се говори за раната на Филиповата нога.[5]
Погребниот комплекс е широк 112 м и висок 12 м.[6] Опфаќа четири гробници и хероон. Гробницата II е откриена недопрена: нејзината архитектура, украси, живопис и богати погребни предмети сведочат за раниот настанок на вистинска хеленистичка уметност, чии творци се македонските уметници.
Гробница I или Гробницата на Персефона
уредиГробницата I е мала и со правоаголен облик. Три ѕида се насликани, а на северниот ѕид е претставена главната сцена на грабнувањето на Персефона од Ад. Ад е претставен како ги држи уздите на бела двоколка, истовремено држејќи ја Персефона. На сцената се претставени и Хермес пред двоколката и другар на Персефона, кој го гледа грабнувањето зад двоколката. Деметра и трите мојри се јавуваат насликани на другите ѕидови. Фигурите се големи, особено таа на Ад. Сликите се од голема уметничка вредност и квалитет — дело на голем мајстор кој ја владее перспективата и многу вешт сликар, можеби Никомах.[7][8]
Гробница II
уредиГробницата II е од типот циста со традиционалниот план на македонските аристократски гробници. Спроти сводестата комора и претсобјето има вградена фасада, покриена со малтер и живописана. Нема структурно единство меѓу надворешноста и внатрешноста на гробницата. На двата краја има пиластри кои потпираат два дорски столба.
Во Гробницата II има насликан фриз со должина од 5,56 м и височина од 1,16 м, кој дава сложена сцена со вистинските активности во кралските ловишта. Сцената е јасно сместена врз пределот, со отцрт на планината на хоризонтот и дрвја на преден план. Ова е сложена сцена со неколку дејствија групирани во неа. Лево е насликан ловец како убива елен со помош на куче, а јавач одзади гони друг елен кој бега. Десно од него двајца млади ловци напаѓаат вепар со копје. Сцената десно е подраматична: двајца ловци од двете страни се спремаат да му го нанесат смртоносниот удар на еден лав. Остварувањето е мајсторско и се смета дека е дело на истакнат уметник. Насликаниот гриз во Гробницата II се смета за камен-темелник на старогрчкото сликарство,[2] кое очигледно доаѓа од старомакедонското.
Во Гробницата II се откриени останки од маж се кој се смета дека е Филип II Македонски и на жени, за кои се смета дека може да бидат Меда Одеска и Евридика II Македонска или другата негова сопруга Клеопатра.[3][9] Најдени се скапоцени предмети со кои е погребано кралското семејство, меѓу кои се венецот со кои е погребан Филип II и златен ларнакс во кој се ставени неговите останки. Тука е и венецот на Меда, церемонијален штит, дијадемата на Евридика или Клеопатра и други.[3]
-
Фасадата на Гробницата II
-
Дијадемата, за која се претпоставува дека ѝ припаѓала на Евридика II Македонска
-
Златниот ларнакс во кој се смета дека се останките на Филип II
-
Венецот со кој е поргребан Филип II
-
Златниот миртов венец
Гробница III или Гробница на принцот
уредиГробницата III има структура слична на Гробницата II со две комори, иако е малку поедноставна. Украсена е со слики на кои има двоколка. Кремираните останки на младиот човек се ставени во сребрена хидрија, но нема траги од погребна клада, што значи дека лицето умрело на друго место и останките се подоцна пренесени во овој гроб. Се претпоставува дека му припаѓаат на Александар IV Македонски, син на Александар III Македонски, кој умрел од отров. На вратот на хидријата има златна круна обликувана како дабови лисје, а пред неа стои легло од слонова коска и злато, како и маса со керамички садови.[10]
Гробница IV
уредиЧетвртата гробница најдена во некрополата датира од III век п.н.е., но е ограбена. Од неа останале само делови од четири дорски столбови и други соседни архитектонски елементи. Се смета дека ова е гробница на кралот Антигон II Гонат од династијата Антигониди.[11]
Музеј
уредиВо комплексот е изграден музеј, каде во 1997 г. се изложени наодите од кралските гробници, претходно сместени во Археолошкиот музеј во Солун.[12]
Најзначајни артефакти
уреди- Златен дабов венец на Филип II
- Златен ларнакс со останките на Филип II
- Златен миртов венец на кралицата Меда
- Церемонијален штит
- Дијадема на кралицата Евридика или Клеопатра
- Хидрија на Александар IV
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „Archaeological Site of Aigai (modern name Vergina)“. UNESCO. 1996. Посетено на 7 мај 2020.
- ↑ 2,0 2,1 Ignatiadou, Despina (6 април 2009). „« La tombe de Philippe II à Vergina-Aigai: une nouvelle lecture de la peinture de la Chasse »“. Musée du Louvre. Архивирано од изворникот на 2021-05-26. Посетено на 8 мај 2020.
- ↑ 3,0 3,1 3,2 Castor, Alexis Q (2017). „Macedonian lionesses: Herakles and lion jewelry in elite female dress (c. 325 – 275 BCE)“. Journal of Greek Archaeology (англиски). Oxford: Archaeopress. 2: 235. no-break space character во
|title=
во положба 78 (help) - ↑ „Confirmado: Son los huesos de Filipo II“. National Geographic. 19 ноември 2016. Архивирано од изворникот на 2020-08-15. Посетено на 7 мај 2020.
- ↑ Bartsiokas, Antonis (2015). „The lameness of King Philip II and Royal Tomb I at Vergina, Macedonia“ (PDF). Proceedings of the National Academy of Sciences of the United States of America (англиски). 112 (32): 9844. Занемарен непознатиот параметар
|coauthors=
(се препорачува|author=
) (help); Занемарен непознатиот параметар|month=
(help) - ↑ Marín, Antonio Ignacio Molina (2007). „La tumba de Vergina: ¿Filipo II o Filipo III?“ (PDF). Panta Rei (шпански). II (2ª época): 79. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04.
- ↑ Andronicos, Manolis (1979). „The Royal Tombs of Macedon“. The UNESCO Curier (англиски). UNESCO. 32nd year: 25. Занемарен непознатиот параметар
|month=
(help) - ↑ Κοτταρίδη, Αγγελική. „Τάφος Περσεφόνης στις Αιγές“. Υπουργείο Πολιτισμού και Αθλητισμού. Архивирано од изворникот на 2023-04-05. Посетено на 7 мај 2020.
- ↑ Marín, Antonio Ignacio Molina (2007). „La tumba de Vergina: ¿Filipo II o Filipo III?“ (PDF). Panta Rei (шпански). II (2ª época): 80–81. Архивирано од изворникот (PDF) на 2016-03-04.
- ↑ Κοτταρίδη, Αγγελική. „Τάφος Αλεξάνδρου Δ στις Αιγές“. Υπουργείο Πολιτισμού και Αθλητισμού. Архивирано од изворникот на 2019-09-21. Посетено на 8 мај 2020.
- ↑ Κοτταρίδη, Αγγελική. „Τάφος με τους ελεύθερους κίονες στις Αιγές“. Υπουργείο Πολιτισμού και Αθλητισμού. Архивирано од изворникот на 2023-04-05. Посетено на 8 мај 2020.
- ↑ „Καθ' οδόν: Στη Βεργίνα“. Ριζοσπάστης. 16 февруари 2003. Посетено на 7 мај 2020.