Ливадска треперка

вид птица
Ливадска треперка
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Тресиопашки
Род: Anthus
Вид: Ливадска треперка
Научен назив
Anthus pratensis
(Linnaeus, 1758)

Ливадската треперка (научAnthus pratensis) е мала врапчевидна птица од семејството на тресиопашките (Motacillidae), родот на треперките (Anthus); која се размножува претежно во северниот дел на Европа и северозападна Азија, од југоисточен Гренланд и Исланд до Урал во Русија на исток, и на југ до централна Франција и Романија; и има изолирана популација на Кавказ. Таа е птица преселница на речиси целиот свој опсег, која зимува во јужна Европа, северна Африка и југозападна Азија, но е резидентна во Ирска и Британија и во соседните области на западна Европа. Но, и тука, многу птици се селат на бреговите или пониските места зиме.[2][3]

Опис

уреди
 
Ливадска треперка се перчи на бала од канап

Ливадската треперка е широко распространета и често ја има во изобилие. Долга е 14.5-15 см и тежи 15-22 грама. Таа е незабележлива на земја со своите кафаевкави пердуви одозгора и кремави одоздола, со потемни линии низ целото перје; опашката е кафеава, со бели тенки рабови од страните. Има тесен клун и светли розовожолти нозе, а задната канџа е особено долга. Повикот ѝ е слабо ци-ци. Едноставната повторлива песна ја пее при краток лет.[2][3] Птиците што се размножуваат во Ирска и западна Шкотска се малку потемни од оние во другите области и често се сметаат за подвид Anthus pratensis whistleri.[2][3]

Поведение

уреди

Живеалиштето на овој вид се отворените простори или некултивираните (или со слаб интензитет употребените земјоделски простори), како што се пасиштата, мочуришатата, ливадите. Зимно време се среќаваат кај солените мочуришта или ливади. Таа е многу земна птица, која секогаш се храни на земја, но понекогаш може да се види како се перчи на гранки или жици како набљудувачки места за грабливци.[2][3][4]

Многу е слична на црвеногушестата треперка (Anthus cervinus), која е повеќе прошарана со линии и (само летно време) има портокаловоцрвено грло, и на шумската треперка (Anthus trivialis), која е малку поголема, помалку прошарана, со посилни фацијални ознаки и пократка задна канџа. Песната на ливадската треперка на крајот забрзува, а онаа на шумската успорува.[2][3]

 
Гнездо со јајца
 
Anthus pratensis
 
Cuculus canorus canorus + Anthus pratensis

Ливадската треперка се храни претежно со инсекти и други безрбетници, со малечки нешта, до 5 мм долги. Исто така, јаде семиња и бобинки зимно време.[2][3]

Гнезди на земја во бујната вегетација, и несе 2-7 (најчесто 3-5) јајца. Инкубацијата трае 11-15 дена, а пилињата се оперјуваат по 10-14 дена. Најчесто имаат две легла годишно. Овој вид е еден од најважните како домаќин на кукавицата, а како плен е важна за малиот сокол и полската еја.[2][3]

Статус

уреди

Популацијата на овој вид изнесува околу 12 милиони парови. Многу е честа во северниот дел од нејзиниот опсег. Има по 80 пара на километар квадратен во северна Скандинавија и по 5 до 20 пара во појужниот дел од опсегот, а само по еден пар во обработливи земјишта.[3][4] Мал број изолирани популации се забележани во планините на Шпанија, Италија, и на Балканот.[2]

Наводи

уреди
  1. BirdLife International (2012). Anthus pratensis. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 2,5 2,6 2,7 Snow, D. W. (1998). The Birds of the Western Palearctic (Concise. изд.). Oxford: Oxford University Press. ISBN 0-19-854099-X. Укажано повеќе од еден |author= и |last= (help)
  3. 3,0 3,1 3,2 3,3 3,4 3,5 3,6 3,7 Hoyo, J. del; и др. (2004). Handbook of the Birds of the World, vol. 9. Barcelona: Lynx Edicions. стр. 763. ISBN 84-87334-69-5. Напосредна употреба на al. во: |first= (help)
  4. 4,0 4,1 Hagemeijer, W. J. M. & Blair, M. J. eds. (1997). The EBCC Atlas of European Breeding Birds. Poyser, London ISBN 0-85661-091-7.

Надворешни врски

уреди