Кејпабилити Браун

(Пренасочено од Ланселот Браун)

Ланселот Браун (англиски: Lancelot Brown; 1715-16 - 6 февруари 1783), попознат како Кејпабилити Браун (Capability Brown) — англиски пределен архитект. Запаметен е како „последниот голем англиски уметник од XVIII век на кого му се оддало достојно признание“, како и „најголемиот градинар на Англија“. Браун има проектирано над 170 паркови, а многу од нив постојат и денес. Неговото влијание е толку големо, што придонесите кон англиската пределна градина на Чарлс Бриџман и Вилијам Кент често остануваат незабележани.

Портрет на Кејпабилити Браун, од Натаниел Данс, ~1769 (Национална портретна галерија, Лондон)

Животопис

уреди

Роден е во селцето Киркхарли, Нортамберленд во Англија, а одел на училиште во Камбо. Во Киркхарли како момче работел во градината на главната резиденција на Сер Вилијам Лорен. Од таму се преселил во Вотон Андервуд во Бакингмешир, споредна резиденција на Лорд Кобам. Во 1742,[1] станал дел од градинарскиот персонал на Лорд Кобам во Стоу, Бакингемшир. Таму работел под раководоство на Вилијам Кент, еден од основачите на новиот англиски градинарски стил — пределно градинарство. Додека бил во Стоу, Браун се оженил за локална девојка по име Бриџет Вејет и од неа го добил првото од четирите деца.

Како поборник за новиот англиски стил, Браун се стекнал со огромна слава и голем број на нарачки од земјопоседничката класа. Во 1751, Хорас Волпол за Брауновата работа на Воричкиот замок се искажал со следниве зборови:

Замокот е чудесен; погледот ми се допадна повеќе од што можам да се изразам, на неговото подножје, по каскада скока реката Ејвон. Добро осмислено од еден Браун кој ова го темели на идеите на Кент и Г-динот Сауткот.

Се проценува дека Браун извел околу 170 градини кои ги окружуваат најубавите поседи во Британија и домовите на нив. Неговите дела до денес живеат и можат да се видат крај следниве домови: Крумски Двор (каде и куќата е негово дело), Бленемски дворец, Ворички замок, Хервудска куќа, Бовудска куќа, Милтонска опатија (и блиското село Милтон Абас), а траги од негови дела се гледаат дури и во градините во Кју и многу други места. Браун одбивал да работи во Ирска бидејќи ја немал довршено Англија. Го нарекувале „Кејпабилити“ (англ. capability, „способност“) Браун бидејќи често им велел на клиентите дека нивниот посед има голема „способност“ за пределни подобрувања.

 
Бадминтонската куќа со Брауновиот предел во полна зрелост во XIX век

Неговиот стил со мазна, брановидна трева, која оди сѐ до самата куќа, лиснати групи, појаси и растурените дрвја со змијолики езерца создадени со невидливо преградување на реки, сочинувале нов стил во англиското градинарство — „безградински“ облик на пределно градинарство кој ги збришал речиси сите остатоци од некогашните формални градини.

Неговите предели биле врв на модата. Тие биле фундаментално различни од она што го заменувале, познатите англиски формални градини критукувани од Александар Поуп и други дејци во 1710-тите. Започнувајќи со 1719, Вилијам Кент почнал да ги заменува со попридони композиции, кои го достигнале врвот на префинетоста со Брауновите „граматички“ предели. Во 1782, во Хемптонскиот Двор Браун се сретнал со Хана Мор и ѝ го опишал својот стил во нејзина терминологија : „'Ете таму' рекол Браун, покажувајќи со прст, 'правам запирка, а таму' покажувајќи кон друго место, 'каде треба порешителен свиок, правам две точки; на друго место, каде е пожелен прекин за да се разбие глетката, загради; сега точка, па почнувам со друг предмет'“.[2] Клиентите на Браун ги гледале неговите предели како интерпретација на делата на италијанските пределните сликари на кои им се восхитувале и кои ги собирале.

 
Кај Бленем Браун го заградил неприметливиот поток кој течел под раскошниот мост на Џон Ванбру, и така го потопил до половина, но со подобри резултати.

Расел Пејџ, кој ја започнал кариерата на Брауновиот предел кај Лонглит, но чии сопствени проекти имаат формална структура, го обвинил Браун дека „ги подбуцнува неговите богати клиенти да ги искоренат нивните прекрасни формални градини и да ги заменат со лекомислени композиции од трева, групи дрвја и безоблични базени и езера“.[3] Англискиот поет и сатиричар Ричард Овен Кембриџ се искажал дека сака да умре пред Браун за да може да го види рајот пред да биде „подобрен“. Контроверзноста на Брауновите дела траеле 200 години. Наспроти ова, денешниот историчар и писател Ричард Бизгроув вели дека Браун ја усовршувал природата со:

промислена манипулација на нејзините составни делови, додавајќи дрво овде или затскриена вода онде. Неговата уметност обраќа внимание на формалниот потенцијал на теренот, водата и дрвјата, и така ги создал идеалните форми во контекст на англискиот предел. Проблемот бил во тоа што помалку способните имитатори и помалку софистицираните набљудувачи не ја гледале природата како усовршена... тие просто го гледале она што тие го сметале за природа.

Неговата вешта способност не останала непризнаена во Брауновото совремие; еден анонимен некролог се искажал: „Но таков бил ефектот на неговиот гениј, што кога бил најсреќен, тој најмалку се паметел; тој толку темелно ја пресликувал природата, што неговите дела ќе бидат погрешно сфатени". Сер Вилијам Чемберс, кој исто така се сметал себеси за меродавен авторитет по тема градинарство, приговарал дека „Брауновите терени се разликуваат од обичните полиња многу малку. Во највеќето од нив природата е така темелно отсликана“.[4]

Популарноста на Браун доживеала стрмен пад по неговата смрт бидејќи неговите дела почнале да се сметаат за слаба имитација на дивата природа. Реакциите кон измазнетата благост на Брауновите предели била неизбежна. Тие го немале тој возвишен возбудлив елемент кој членовите на романтистичката генерација како Ричард Пејн Најт и Јувдејл Прајс, го барале во еден идеален предел, каде сликарската инспирација би се влечела од Салватор Роза наместо од некој како Клод Лорен. За време на XIX век Браун бил критикуван од речиси сите, но во XX век тој се вратил во популарност. Том Тарнер смета дека заслужна за ова негово враќање е авторката Мари-Луиз Готен и нејзивното позитивно излагање за Браун во делото „Историја на градинарската уметност“, што му претходело на поволното излагање на Кристофер Хаси во неговото дело „Сликовитото“ (англ. The Picturesque) (1927). Писателката Дороти Страуд ја напишала првата полна монографија за Кејпабилити Браун, разработувајќи ги генеричките особености со документација од имотни бироа.

Браун умрел во 1783 на Хартфорд Стрит, Лондон, на куќниот праг на неговата ќерка Бриџет која се омажила за архитектот Хенри Холанд. Хорас Волпол ѝ пишал на Леди Осори: „Вашите дијади мораат да одат со црни ракавици, Мадам, нивниот свекор, вториот сопруг на Госпоѓата Природа е мртов!“[5] Браун бил погребан во црковниот двор на Св. Петар и Павле, парохиската црква на Брауновиот мал посед Фенстантон Манор.

Хамфри Рептон споменува дека Браун „се сметал себеси за архитект“[6] но неговите архитектонски дела биле засенети од неговата голема слава како проектант на предели. Потоа Рептон додал: „тој не беше полош од никој што се однесува до комфор, удобност, вкус и прикладност во неговите планови за неколку големи дома и други згради.“ Дел од неговата архитектура била изведена во соработка со неговиот зет Хенри Холанд, за чиј првичен напредок во кариерата се погрижил Браун. Фишервик, Стафордшир и Клермон, Сари, биле класични, додека во Коршам неговите споредни згради се со готски особини.

Градини и паркови

уреди

Поврзано

уреди

Белешки

уреди
  1. Brown, Lancelot. (2007). In Encyclopædia Britannica. Пристапено на 14 септември 2007, од Енциклопедија Британика Он-лајн: http://www.britannica.com/eb/article-9016690[мртва врска]
  2. Цитирано во Peter Willis, "Capability Brown in Northumberland" Garden History 9.2 (есен, 1981, стр. 157-183) p. 158).
  3. Page, Education of a Gardener.
  4. Chambers, A Dissertation on Oriental Gardening (1772) стр. v.
  5. The Letters of Horace Walpole: Earl of Orford страна 331
  6. Repton, Observations on the Theory and Practice of Landscape Gardening, 1803.

Наводи

уреди

Надворешни врски

уреди