Куќа на сеќавањата и заборавот
„Куќа на сеќавата и заборавот“ (српски: Кућа сећања и заборава) — роман на српскиот писател Филип Давид од 2014 година. За него, Давид ја добил престижната НИН-ова награда за роман на годината.
Структура
уредиРоманот се состои од следниве делови:[1]
- Бучава
- Вовед (од дневникот на Алберт Вајс)
- Албертовиот сон
- Прва глава
- Втора глава
- Трета глава
- Четврта глава
- Петта глава
- Чудо во Аушвиц
- Шеста глава
- Седма глава
- Вест
- Осма глава
- Деветта глава
- Десетта глава
- Единаесетта глава
- Дванаесетта глава
- Тинитус
- Вест
- Тринаесетта глава
- Четиринаесетта глава
- Петнаесетта глава
- Вест
- Шеснаесетта глава
- Седумнаесетта глава
- Осумнаесетта глава
- Епилог
- Скриениот поредок
Кратка содржина
уредиНа Алберт Вајс постојано му се причинува дека го слуша звукот на воз во движење. На една конференција за природата на злото, тој забележува непознат човек кој му раскажува дека сите негови најблиски роднини настрадале во бројните злосторства во 20 век. Непознатиот го убедува Алберт дека во човекот постои некое натприродно суштество (дајмон) кое е извор на злото. Една година подоцна, Алберт го здогледува истиот човек на телевизија, како една од жртвите на подметнатата бомба во автобус. Покрај тоа, тој сонува за еден воз полн со мртовци, меѓу кои се наоѓа и неговиот двогодишен брат Елијах кој го моли за помош. Исто така, Алберт води дневник во кој пишува за природата на злото, а во текот на пишувањето има проблеми со ракописот и запаѓа во тешка психичка состојба. Пишувајќи за злото, Алберт се сеќава на своето семејство: во доцните 1930-ти, неговиот татко го предвидел престојниот погром на Евреите и барал начини да го спаси семејството; зимата 1942 година, за време на депортацијата на Евреите, татко му направил отвор во вагонот и ги исфрлил синовите Алберт и Елијах, но Алберт не успеал да го пронајде својот брат; него, пак, го пронашол Германецот Јохан Крафт чиј син Ханс се удавил пред некое време; Јохан го однел детето во својот дом и таму Алберт закрепнал; Јохан и неговата сопруга Ингрид го одгледувале детето како замена на својот умрен син; но, на роденденот на Ханс, Алберт побегнал од куќата, а нажалената Ингрид се обесила.[2]
Во една прилика, Алберт наоѓа книга во која е опишан необичен настан што се случил во Аушвиц, каде рабинот и неименуван човек го напуштиле нашиот свет и заминале во некои други светови. Алберт верува дека настанот се однесува на неговиот татко. Истовремено, непознат глас редовно му се јавува по телефон доцна во ноќта, а Алберт има чувство дека непознатиот го следи. Во тоа време умира неговиот најблизок пријател, Соломон Леви, кој изгорел во неговиот стан. Настојувајќи да ги открие изворите на злото, Алберт Вајс го посетува петгодишното дете Антонио кое личи на старец и се однесува необично. Неговиот пријал Миша Волф, кој го придружува во посетата, не верува во необичните способности на детето и смета дека се работи за измама. Тогаш, детето вриснува и во собата се појавува наезда на стаорци, инсекти и влекачи така што Алберт и Миша исплашени бегаат од куќата.[3]
Повеќе години претходно, Алберт учествувал на светски собир на еврејските деца кои го избегнале Холокаустот, кој се одржал во Њујорк. На собирот, тој раскажува за своето лично искуство: откако побегнал од семејството Крафт, живеел на речен остров сè додека една ноќ го слушнал гласот на татко му, а пред него се појавила шарена птица која го претставувала неговиот изгубен брат. Неговиот пријател Миша Волф, исто така зборува на собирот: тој дури во староста дознал дека бил еврејско дете чии родители го оставиле кај пријателите; целиот живот, Миша верувал дека тие се неговите родители и поради тоа бил шокиран од откритието на своето вистинско потекло; нему му дале кутија во која имало семејни фотографии и писма, како и недовршена композиција (дело на татко му) која ја довршил тој. За време на престојот во Њујорк, една ноќ, Алберт го напушта хотелот и бесцелно скита низ улиците. Тој влегува во една необична куќа на сеќавањата и заборавот и на екранот ги гледа сите свои сеќавања од детството и од подоцнежниот живот. Во другата соба се наоѓаат бројни треви и таблети со кои може целосно да се избрише сеќавањето, но тој ја напушта куќата не сакајќи да ги изгуби вредните спомени на семејството.[4]
И Уриел Коен постојано го измачуваат спомените на трагичната семејна судбина: тој се родил во 1942 година, откако родителите ја засолниле неговата мајка Елиза (која во тоа време била 16-годишна девојка) во подрумот на зградата; меѓутоа, неа ја силувал домарот, кој ветил дека ќе се грижи за неа; така, таа останала бремена и го родила Уриел; по завршувањето на војната, Елиза западнала во тешка психичка состојба, но сепак се грижела за својот син, а тој, исто така, живеел со тешкото сознание дека е Евреин. Емил Најфелд, старец од 90 години, се сеќава на престојот во логорот Аушвиц каде му било скршено човечкото достоинство и како последица на тоа, тој не може да ја пронајде смислата на животот и на страдањето низ кое поминал.[5]
Алберт Вајс го посетува непознат човек во кого го препознава гласот што често му телефонира доцна во ноќта. Непознатиот му дава кутија со писмо од неговиот покоен пријател Соломон Леви. Во писмото, Соломон го опишува своето вистинско семејно потекло и признава дека целиот живот бил следбеник на еден еврејски мистик. Притоа, тој открива дека тој е син на познатиот белградски Евреин кој бил соработник на тајната полиција и ги поткажувал Евреите во текот на нацистичката окупација. При крајот на војната, татко му извршил самоубиство, а на синот му обезбедил лажни документи. Соломон го проживела целиот живот со товарот на срамната активност на татко му и поради тоа се запалил во својот стан. Миша Волф го осветува Алберт да отпатува некаде за да се ослободи од психичкиот товар. Така, Алберт се качува на познатиот воз „Ориент експрес“. Луѓето од неговиот вагон се зафатени од некој необичен страв и започнуваат необичен разговор. Тогаш се гасат светилките во возот, кој поминува низ тунел, а потоа наеднаш се открива снежен предел. Алберт здогледува многу познати луѓе во вагонот, а потоа влегува во друг вагон во кој се натоварени многу луѓе. Возот застанува на станицата која тој ја сонувал многупати и тој, заедно со останатите луѓе, влегуваат во концентрационен логор. Алберт ги затвора очите и ги здогледува братот Елијах и родителите. Така, тој конечно се спојува со своето одамна исчезнато семејство.[6]
Осврт кон делото
уредиНапишан со препознатливиот стил на Давид, „Куќата на сеќавањата и заборавот“ е еден од најавтентичните романи во поновата српска книжевност.[1]
Наводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 Filip David, Kuća sećanja i zaborava (treće izdanje). Laguna, Beograd, 2015.
- ↑ Filip David, Kuća sećanja i zaborava (treće izdanje). Laguna, Beograd, 2015, стр. 11-53.
- ↑ Filip David, Kuća sećanja i zaborava (treće izdanje). Laguna, Beograd, 2015, стр. 55-87.
- ↑ Filip David, Kuća sećanja i zaborava (treće izdanje). Laguna, Beograd, 2015, стр. 89-117.
- ↑ Filip David, Kuća sećanja i zaborava (treće izdanje). Laguna, Beograd, 2015, стр. 119-141.
- ↑ Filip David, Kuća sećanja i zaborava (treće izdanje). Laguna, Beograd, 2015, стр. 143-173.