Космос (роман)
„Космос“ (полски: Kosmos) е роман од полскиот писател Витолд Гомбрович, првобитно објавен во 1965 година.
Содржина
уредиРоманот се состои од девет глави. Дејството започнува така што, по расправиите родителите, Витолд оди во Закопане и таму го среќава Фукс, кој се наоѓа на годишен одмор. Двајцата бараат стан, а патем здогледуваат врабец обесен на жица. Тие се сместуваат во куќата на семејството Војтис во која живеат сопружниците Леон (пензиониран банкарски службеник) и Кулка (домаќинка), со ќерката Лена и нејзиниот маж Лудвик, како и слугинката Каташа. Уште при првата средба, Витолд станува опседнат со деформираната уста на Каташа (како последица на сообраќајна несреќа) која му раѓа блудни асоцијации, а истовремено го привлекува и Лена.
Еден ден, двајцата станари забележуваат некакви „знаци“ на таванот на трпезаријата, а потоа, на таванот од својата соба забележуваат и стрелка. Така, двајцата започнуваат да изигруваат детективи и откриваат дека стрелката покажува кон еден ѕид во дворот, каде што наоѓаат стапче обесено на конец. На тој начин, станарите стануваат опседнати со прашањето: кој ги направил тие „знаци“ и какво е нивното значење. Подоцна, тие пронаоѓаат уште еден „знак“ кој води кон куќарката во која живее Каташа. Затоа, една ноќ, Витолд и Фукс влегуваат во собата на Каташа и таму здогледуваат нејзина фотографија на која таа има нормална уста, како и повеќе дополнителни „знаци“. Кога ја напуштаат собата, тие ја здогледуваат Кулка како бесно удира во стеблото на едно дрво, а потоа се слуша силен тресок во собата на Лена. Витолд потрчува во куќата и тропа на вратата од собата на Лена, но никој не му отвора. Затоа, тој излегува надвор, се качува на еден бор и ги набљудува Лудвик и полуголата Лена, но тогаш Лудвик го гаси светлото во собата. Изнервиран, Витолд влегува во куќата и во знак на одмазда, ја задавува мачката на Лена, а потоа ја обесува на еден клин на ѕидот зад куќата.
Утредента, сите луѓе во куќата се вознемирени и започнува потрага по можните траги кои би го откриле сторителот на грозоморното дело. Сепак, за брзо време, работата се стишува и еден ден тие заминуваат на прошетка во блиските планини, каде Леон имал незаборавно доживување пред 27 години. Притоа, на членовите на семејството Војтис и двајцата станари им се придружуваат уште два брачни пара, а патем со себе го земаат и еден свештеник.
Во планината, Витолд е постојано опседнат со устата на Каташа и со Лена, како и со претходно откриените „знаци“. При еден разговор со Леон, Витолд дознава дека пред 27 години, токму во оваа планина, Леон имал кратка авантура со слугинката во планинарскиот дом и дека ги повикал на прошетката со цел да го прослават тој настан - единствениот пат кога Леон ја изневерил сопругата. Вечерта, Лудвик му бара на Витолд жилет и коноп, а потоа него го нема за време на вечерата. Кога излегува надвор за да се освежи на студениот планински воздух, во блиската шума, Витолд го наоѓа Лудвик, кој се обесил. Воден од својата опсесија за устите на Каташа и Лена, како и „знаците“, тој се качува на дрвото и му става прст во устата на Лудвик. Потоа им се придружува на останатите во групата, кои ноќта одат кон местото кон кое ги води Леон, без да знаат за неговата тајна. Витолд им се придружува со намера да ја задави и обеси Лена, но патем го среќава свештеникот кому, исто така, му става прст во устата. Најпосле, сите пристигнуваат до таинственото место на Леон, каде што тој запаѓа во екстаза. Меѓутоа, наеднаш заврнува силен дожд. Како последица на тоа, Лена добива силно воспаление, а Витолд се враќа во Варшава.[1]
За романот
уредиЗа романот „Космос“, Гомбрович напишал: „Космос за мене е црн, пред сè црн, нешто како црн измешан брзак полн со вирови, закочувања, мртвици, црна вода којашто подига илјадници отпади, а во неа загледан човек - загледан во неа и од неа однесен - којшто се труди да прочита, да сфати, да поврзе во некаква целина...Црнило, хорор и ноќ. Ноќ пронижана со брутална страст, затруена со љубов.“[2]
Изданија на македонски јазик
уредиИздание на „Бегемот“ од 2013 година
уредиКнигата, издадена во склоп на библиотеката „Арс Магна“, има 189 страници, во мек повез, со обем од 18 сантиметри. Преводот од полски јазик го направил Филип Димевски, ликовното уредување го извршил Бојан Димитриевиќ, јазичната редакција е дело на Кристина Димкова, а компјутерската обработка на текстот е извршена во „Бегемот“. Книгата е каталогизирана во НУБ „Св. Климент Охридски“, Скопје, со меѓународна ознака ISBN 978-608-65306-7-9. Книгата е испечатена во печатницата „Темпора веритас“ од Скопје. Издавањето на книгата било финансиски поддржано од Институтот за литература во Краков - преведувачка програма.[3]