Козјачки партизански одред
Козјачкиот партизански одред (месност Студена Вода, Кумановско, 12 октомври 1941 – Малотино, 17 октомври 1941) — еден од четирите партизански одреди во Македонија во 1941 година. Заедно со Карадачкиот партизански одред тој е прв партизански одред од Куманово. Бил формиран од 25 борци. Командант на одредот бил Љубомир Здравковски - Гачо, а политички комесар Киро Нацев - Фетак.[1]
Борбениот пат на одредот
уредиЗборно место на Одредот била месноста Студена Вода, пет километри источно од Куманово. Оттаму, Одредот пристигнал на планинскиот врв Китка, на планината Козјак на 13 октомври. За време на маршот, ноќта помеѓу 12 и 13 октомври, неколку борци го напуштиле одредет, а тешко се разболел командантот на одредот, Љубомир Здравковски - Гачо, поради што бил оставен на лекување кај еден селанец во Четирце, заедно со Христијан Тодоровски за да му помага, и четворица други борци.[2] На 15 октомври одредот одржал митинг во селото М'гленце, а на 16 октомври извршил напад во манастирот Свети Прохор Пчињски. Полицајците кои биле во манастирот, пред нападот побегнале.[3]
Откако одредот дошол во реонот на селото Малотино, по предавството на селскиот кмет во Малотино, бугарската војска на 17 октомври го нападнала одредот и по неколкучасовна борба го разбила. Неколку борци загинале, неколкумина успеале да се пробијат, а поголемиот дел биле заробени. Во борбата загинуваат Стојан Георгиевски – Тане и Васе Гелев, а при спроведувањето на заробените партизани е убиен Димче Јовчев Величковски – Еребица. Непријателскиот обрач го пробиле Киро Нацев – Фетак, Боро Божиновски – Прцан и Среќко Петрушевски – Пужаљка. Заробени биле и спроведени во Куманово: Михаило Мургашански, Боро Јовчевски – Суџук, Филимена Михајлова, Киро Менков, Герасим Димковски – Чвор, Тошо Ангеловски – Ѕидар и Салтир Путински.[4][5] Заробените партизани на 8 ноември 1941 година се изведени пред суд при што им се изречени пет смртни пресуди и четири казни затвор. Оваа битка и нејзините учесници е опеана во песната „Битка се бие Кумановско Поле“.[6]
Борци во одредот
уредиВо состав на одредот биле следните борци:[7]
- Љубомир Здравковски - Гачо, командант
- Киро Нацев - Фетак, политички комесар
- Тодор Ангеловски
- Боро Божиновски – Прцан
- Васе Гелев
- Стојан Георгиевски – Тане
- Стојан Георгиевски – Ага
- Герасим Димковски – Чвор
- Андон Петковски, политички комесар (по смртта на Киро Фетак)
- Стојан Додевски – Оџа
- Александар Јакимовски - Кеке
- Боро Јовчевски
- Димче Величковски (Јовчевски) – Еребица
- Урош Караџински
- Киро Менков
- Михајло Мургашански
- Филимена Михајловска
- Киро Наков
- Среќко Петрушевски – Пужаљка
- Салтир Путински
- Христијан Тодоровски - Карпош
- Трајан Стојмановски – Грне
- Мирко Трајковски
- Гиго Цветковски
- Александар Георгиевски
- Стојан Милдинов - Чичо
Наводи
уреди- ↑ „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 708 стр.
- ↑ Салтир Путински „Формирање и акции на Козјачкиот партизански одред“
- ↑ Јордан Цеков – Дане „Загинаа за слободата на Македонија“, „Графотекс“, Куманово, 2001, 64 и 99 стр.
- ↑ Миодраг Арсовски - Болто „Хронологија на позначајни настани од НОБ и Народната револуција во Куманово и Кумановско“, Куманово, 1974, 30 стр.
- ↑ Јордан Цеков – Дане, цит. дело, 58 и 64 стр.
- ↑ „Битка се бие кумановско поле“ — текст и две снимки, Pesna.org
- ↑ Салтир Путински „Формирање и акции на Козјачкиот партизански одред“