Кемал Аголи
Кемал Аголи (Дебар, 22 октомври 1918 — Голи Оток, по 1948)[1] — комунистички деец од албанска националност, учесник во НОВ и делегат на Првото заседание на АСНОМ.[2]
Како апсолвент по филозофија и педагогија, во октомври 1941 година станал член на диверзантска група. Бил член на Комунистичката партија на Албанија од 1942 година и борец на партизанскиот одред на Мислим Пеза во Албанија. Како заднински активист во Дебар (од крајот на 1942) бил уапсен и спроведен во затворот во Тирана.
По капитулацијата на Италија (8 септември 1943) стапил во партизанскиот одред на Хаџи Леши, бил политички комесар на Дебарскиот младински баталјон, потоа на баталјон на Првата македонско-косовска ударна бригада (формирана на 11 ноември 1943) и на Четвртата македонска албанска бригада (август 1944). Бил избран за делегат од Македонија за Второто заседание на АВНОЈ и делегат на Првото заседание на АСНОМ. Бил член и на Президиумот на АСНОМ[3] од август до декември 1944 година.
По Ослободувањето бил член на Главниот одбор на Народниот фронт на Македонија (1945) и др. Во 1948 година бил обвинет за непријателска дејност против ФНРЈ. Уапсен бил на 13 ноември 1948 година и бил затворен до 5 септември 1952 година.[4]
Наводи
уреди- ↑ "16.101 golootočana, po spisku!" Архивирано на 31 декември 2013 г., "Novi plamen", 25.12.2013.
- ↑ „Македонска енциклопедија“, МАНУ, Скопје, 2009, 13 стр.
- ↑ Службен весник на федералната единица Македонија во Демократска и Федеративна Југославија, 1/1945, 47-48 стр.
- ↑ "16.101 golootočana, po spisku!" Архивирано на 31 декември 2013 г., "Novi plamen", 25.12.2013.