Дебарски младински баталјон
Дебарскиот младински баталјон „Назми Рушити“ (Дебар, 25 октомври 1943 – декември 1944) била воена единица на НОВ и ПОМ.[1]
Најпрво, на 15 септември 1943 година, бил формиран Привремен штаб, кој направил список на околу 90 младинци и три младинки (околу 60 од албанска и 30 од македонска националност). За командант бил испратен Никола Макеларски, а за политички комесар Љутви Руси. Тие го презеле раководењето со подготовките, а по формирањето бил избран нов команден состав: Демир Гаши (командант), Кемал Аголи (политички комесар), Никола Макеларски (заменик-командант) и Џафер Кодра (заменик-политички комесар).
На 6 октомври е донесена одлука за негово формирање, а баталјонот е формиран на 25 октомври.[2] Наречен е по загинатиот партизан Назми Рушити. Кон крајот на октомври баталјонот се упатил кон Кичево. Во селото Ботун, Третата (македонска) чета се издвоила од баталјонот и заминала за Дебрца. Другите (албански) чети (како резерва), заедно со групата македонски и косовски баталјони, учествувале во ослободувањето на Кичево на 1 ноември. Притоа Третата (македонска) чета, заедно со Партизанскиот одред „Славеј“ го обезбедувала и водела борба кај Ботунскиот Теснец. По ослободувањето на Кичево, Баталјонот останал како воена заштита на народната власт во градот и заедно со две мали чети вооружени со тешко оружје, учествувал и во одбраната против германските сили и балистите што продирале преку селото Раштани на 6 ноември. Подоцна, од селото Другово, Првата и Втората (албанска) чета на Баталјонот се вратиле во Дебар и активно учествувале во неговата одбрана. Третата (македонска) чета, пак, при формирањето на Првата македонско-косовска ударна бригада на 11 ноември 1943 година влегла во нејзиниот состав.