Иранско-американски конфронтации од 2019 година
Воена криза во Персискиот Залив, може да се сретне и називот Иранско-американски конфронтации — засилување на воените тензии меѓу Иран и Соединетите Американски Држави во регионот на Персискиот Залив, кои започнале во мај 2019 година и продолжиле во 2020 година.
Иранско-американските тензии зазеле свој замав откако новата американска администрација на Доналд Трамп се повлекла од Иранскиот јадрен договор во 2018 година. Ситуацијата се вжештила со распоредувањето на дополнителни американски трупи во Персискиот Залив на 5 мај 2019 година. Со убиството на иранскиот генерал Касем Сулејмани на 8 јануари 2020 година ситуацијата ескалирала на повисоко ниво.
Заднина
уредиВо мај 2018 година САД се повлекле од Иранскиот јадрен договор, воспоставувајќи ги старите санцкии против Иран. Претседателот Доналд Трамп го оценил договорот како едностран.[1] Нафтената индустрија на Иран се намалила на рекордно ниво како резултат на санкциите.[2] Поради ова високо поставени службеници на Иран ги обвиниле САД дека водат хибридна војна против нивната земја.[3]
Тензијата меѓу двете земји се вжештила по година дена кога во мај 2019 година САД распоредиле дополнително воено присуство во регионот на Персискиот Залив поради разузнавачки информации дека Иран и нејзините сојузници планираат да го загрозат присуството на американските вооружени сили и трговијата на нафта во Ормускиот Проток.[4]
На 7 мај државниот секретар на САД Мајк Помпео ја откажал својата средба со германската канцеларка Ангела Меркел и отпатувал на изненадна посета во Багдад, Ирак за да укаже на поддршка од САД за ирачките власти во новосоздадената криза со Иран.[5] Наредниот ден иранскиот претседател Хасан Рохани соопштил дека неговата земја ќе го намали своето залагање за јадрениот договор од 2015 година и поставил рок од 60 дена за останатите потписници да го спасат договорот.[6]
Времеплов
уредиКризата почнала да се развива поинтензивно во месец мај 2019 година. На 12 мај четири комерцијални бродови биле оштетени во водите на Оманскиот Залив.[7] Сличен таков инцидент се случил еден месец подоцна, на 13 јуни, на уште два трговски бродови за нафтен превоз.[8] Западните земји ја обвиниле Иран за инцидентите, но иранските власти негирале свое учество во истите.[9][10]
Во месец јуни Иранската револуционерна гарда соборила надзорен дрон на американските воздухопловни сили над Ормускиот Проток поради тоа што наводно го нарушил воздушниот простор на Иран.[11] Со ова уште повеќе се влошила кризата, а американскиот претседател Доналд Трамп во последен момент ја повлекол својата одлука за воен напад на Иран на 20 јуни како одмазда за дронот кој истиот ден бил паднат.[12]
Ирански нафтен танкер Grace 1 бил запленет на 4 јули од Обединетото Кралство во Гибралтарскиот Проток бидејќи превезувал нафта во Сирија прекршувајќи санкции од Европската Унија. На 20 јули припадници на Иранската револуционерна гарда го заплениле британскиот танкер Stena Impero. Настанот предизвикал дипломатска криза и помеѓу Иран и Обединетото Кралство. Сепак, и двата танкери подоцна биле ослободени.[13][14]
Како резултат на нападите на нафтените танкери во септември под водство на САД е формирана Меѓународна коалиција за поморска безбеднст (англиски: International Maritime Security Construct), тело кое треба да донесе безбедност за трговијата на нафта во Персискиот и Оманскиот Залив. Во ова тело на САД им се приклучиле Австралија, Обединетото Кралство, Саудиска Арабија, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Албанија.[15]
Во екот на кризата, ситуацијата уште повеќе се влошила во внатрешноста на Иран кога во средината на ноември 2019 година започнале низа граѓански протести во повеќе градови во Иран поради зголемувањето на цената на горивото, но и како незадоволство од државните власти и врховниот водач на земјата Али Хаменеи. Протестите ескалирале во смртоносни со над 1,000 убиени.[16]
Настаните ескалирале на крајот на 2019 и почетокот на 2020 година, почнувајќи со ракетен напад на воздухопловна воена база во територијата на Ирак, сместена во близина на градот Киркук, каде се сместени ирачки и американски војници. Во нападот на базата од 27 декември загинал еден цивил кој работел по договор за вооружените сили на САД, а четворица припадници на американските и двајца на ирачките сили биле повредени. САД за одговорна за нападот ја осудиле паравоената група Катаиб Хезболах, дел од т.н. Сили на народната мобилизација. Како резултат на нападот на воената база, на 29 декември САД извршила воздушни напади на пет локации на Катаиб Хезболах, наводно убивајќи најмалку 25 нејзини припадници и нанесувајќи физички повреди на повеќе од 50.[17]
По погребот на загинатите припадници на групата Катаиб Хезболах, присутната толпа се упатила кон амбасадата на САД во Багдад и ја нападнала зградата, веејќи знамиња на групата, извикувајќи „Смрт за Америка, смрт за Израел“.
На 3 јануари во 1 часот по полноќ САД извршиле воздушен напад на конвој од возила во близина на Меѓународниот аеродром во Багдад, убивајќи ги иранскиот генерал Касем Сулејмани, командирот на Катаиб Хезболах Абу Махди ал-Мухандис и осум други нивни приврзаници.[18] Американскиот напад предизвикал уште поголем гнев, целосно повлекување на Иран од јадрениот договор на 5 јануари и протерување на сите странски војници од иранска територија.[19][20]
Во одмазда на генералот Сулејмани и останатите убиени во американскиот напад, Иран возвратила со свој воздушен напад именуван Операција „Маченикот Сулејмани“. Иранската револуционерна гарда, на која ѝ припаѓал Сулејмани, на 8 јануари лансирала 22 ракети на две воени бази во Ирак, предизвикувајќи редок директен судир меѓу Иран и САД и настан кој бил разбран во светот како најава за војна меѓу двете земји. Во иранскиот напад немало жртви, а администрацијата на Трамп ги смирила тензиите со исклучување на воена опција, но најавувајќи нови санкции.[21] Само неколку часа по иранскиот напад украински патнички авион бил соборен во близина на аеродромот во Техеран. Сите 176 луѓе во авионот загинале. По неколку дена негирање, Иран признала дека нејзината војска ненамерно го соборила авионот како резултат на човечка грешка.[22]
Наводи
уреди- ↑ „Trump Abandons Iran Nuclear Deal He Long Scorned“. Њујорк Тајмс. 8 мај 2018. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Iran's Oil Production Has Hit Historic Lows As Saudis Take Market Share“. Радио Слободна Европа. 4 јуни 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Iran's Shift to a More Offensive Posture Could Be a Sign of Weakness“. The Washington Institute. 7 февруари 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Bolton: U.S. sending Navy strike group to Iran to send "clear message"“. Axios. 6 мај 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Mike Pompeo visits Iraq amid rising tensions with Iran“. The Guardian. 8 мај 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Iranian leader announces partial withdrawal from nuclear deal“. CNN. 8 мај 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Four ships 'sabotaged' in the Gulf of Oman amid tensions“. BBC News. 13 мај 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Tankers struck near Strait of Hormuz; US blames Iran“. AP News. 14 јуни 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „UAE says 4 ships targeted by 'sabotage' off its east coast“. AP News. 12 мај 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Saudis, UK agree that Iran behind attacks, Iran denies involvement“. Jerusalem Post. 14 јуни 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „U.S. drone shot down by Iran in international space, U.S. officials say“. NBC News. 20 јуни 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Trump says he stopped Iran strike with just 10 minutes to spare because he was concerned about casualties“. ABC News. 21 јуни 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Iran threatens to seize UK ship over Gibraltar incident“. Дојче Веле. 5 јули 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „British-Flagged Tanker Leaves Iran, Two Months After It Was Seized“. Њујорк Тајмс. 27 септември 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Maritime coalition launched to protect Gulf shipping after Iran attacks“. Arab News. 7 ноември 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Iran gasoline rationing, price hikes draw street protests“. Ројтерс. 15 ноември 2019. Архивирано од изворникот на 2019-12-09. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „American Airstrikes Rally Iraqis Against U.S.“. Њујорк Тајмс. 30 декември 2019. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Iran's Soleimani and Iraq's Muhandis killed in air strike: militia spokesman“. Ројтерс. 3 јануари 2020. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Iran abandons nuclear deal over Soleimani killing“. Euronews. 6 јануари 2020. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Iraqi Parliament Passes Resolution to End Foreign Troop Presence“. Њујорк Тајмс. 5 јануари 2020. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „U.S. officials knew Iranian missiles were coming hours in advance“. The Washington Post. 8 јануари 2020. Посетено на 8 јануари 2020.
- ↑ „Iran plane crash: Ukrainian jet was 'unintentionally' shot down“. BBC News. 11 јануари 2020. Посетено на 12 јануари 2020.