Илинден (опера)опера на македонскиот композитор и професор Кирил Македонски, создадена во 1973 година.

Создадена е по повод седумдесет години од Илинденското востание во 1973 година, за свечаното отвoрање на Мајските оперски вечери, со што тој со музички јазик го заокружил својот творечки оперски опус со теми од историското минато на македонскиот народ[1].

Оваа опера како и претходните две негови опери „Цар Самоил“ и „Гоце“ е со високо професионални музички сегменти, што ги следат тековите на современата европска музика, потпирајќи се на традиционални базични елементи[2].

Содржина

уреди

Операта е составена од три чина.

Содржински, во неа се обработени дејствијата од Илинденското востание според либрето на самиот автор.

Операта опфаќа дејствие од пред и за време на Илинденското востание.

Авторот користел и историски документи, вградувајќи во своето либрето и историски личности: Даме Груев , драмски тенор , Гоце Делчев , бас , Никола Карев лирско-драмски тенор како и ликовите - Христина, мецосопран, Ката и Ангелина лирски мецосопрани. Покрај нив има и бројни други ликови како и бројни масовни сцени. По стил, музиката на опертата се базира на македонските револуционерни народни песни. Првиот чин на операта се одвива во Штип , 1901 година кога Гоце и Даме интервенираат во една драматично револуционерна ситуација. Вториот чин се случува во Битола во 1901 година. Составен е од две слики-првата се случува во самиот град а втората се случува во затворот каде Гоце и Даме водат разговор за револуционерните планови. Третиот чин се случува на планината Бигла 1903 година, во самиот момент на избувнувањето на востанието. Втората слика од третиот чин се случува во Крушево за време на востанието. третата слика од третиот чин се случува за време на пропаѓањето на востанието. Операта завршува со голем финален хор во кој се зборовите на Даме: „И илјада пати е подобра смртта отколку скотскиот живот, но, слободата е слобода и ние пак ќе ја бараме“.[3].

Стил

уреди

Неговиот професор Луцијан Марија Шкерјанц напишал за неговиот стил „… дека е силен, динамичен и дека во оперските дела се гледа сигурноста на изразување на авторот со јазикот и средствата на дваесеттиот век... Во сите дела на Кирил Македонски посебно се забележува многу логичната, природна и силна пулсација на ритамот, која, секако, е национална одлика на македонскиот народ. Врз раскошното фолклорно наследство израснува работата на овој талентиран композитор што се наоѓа во напонот и зрелоста на своето творештво.“

Кирил Македонски, којшто имал многу јасни ставови за важноста на македонскиот фолклор во овој контекст на едно место напишал дека „… нашето народно творештво е природна клима во која се родив и израснав. Музичкиот фолклор за нас е духовен капитал. Ние во нас ги носиме драмата и лириката што во суштина се од иста музичка материја и кои на нашето творештво му даваат индивидуалност.“ Покрај потпирањето врз македонската народна револуционерна песна, авторот користел и еден современ реализам кој бил потпрен врз мелодиско психолошко отсликување на дејствијата од главните ликови, како и вградувајќи своевидна синтеза помеѓу старата македонска духовна музика и напеви и современата авангардна алеаторика.[4].

Праизведба

уреди

Операта „Илинден“ својата праизведба ја имала на 2 август 1973 година во рамките на Мајските оперски вечери во Скопје.

Наводи

уреди

Надворешни врски

уреди