Врела точка

подрачје на вулканизам
(Пренасочено од Жешка точка)

Врела точка или жешка точка – вулканска област која се храни со магма директно од плаштот, кој има многу аномално поголем температурен градиент во споредба со температурниот градиент на плаштот на кое било друго подрачје на Земјата. Врелите точки може да се наоѓаат на границите на тектонски плочи, близу нив, а може и воопшто да не се поврзани со овие граници. Постојат две хипотези кои ги објаснуваат врелите точки. Според првата хипотеза врелите точки настануваат заради движењето на топлиот плашт нагоре во облик на термални дијапири директно од границата на Земјиното јадро и плаштот (тоа се т.н. перјаници)[1]. Според другата хипотеза причината за вулканизмот не е високиот температурен градиент, туку екстензијата на литосферата, што претставува причина за пасивно издигање на магмата од многу мали длабочини во плаштот [2][3]. Според оваа хипотеза, името „врела точка“ е погрешно, бидејќи авторите сметаат дека плаштот под самата врела точка воопшто не е со аномално висока температура.

Дијаграм кој го покажува профилот на Земјината литосфера (жолто) и магмата кој се издига низ плаштот (црвено)

Развој на теоријата

уреди
 
Шематски дијаграм кој ги покажува физичките процеси во Земјата кои доведуваат до формирање магма. Делумното стопување почнува над точката на соединување.

Почетоците на концептот на врели точки се наоѓа во трудот на Тузо Вилсон, кој во својот труд од 1963 година тврдел дека Хаваите се резултат на бавно поместување на тектонска плоча над врелото подрачје кое се наоѓа под површината [4]. Подоцна било докажано дека врелите точки се хранат со текови на жешка магма од плаштот, која се движи од границата на јадрото и плаштот во облик на структура која се нарекува перјаница [5]. Денес меѓу геолозите се водат големи расправи околу тоа дали такви перјаници навистина постојат или не [3][6]. Процената за бројот на врели точки кои се хранат од перјаниците варирале од 20 до неколку илјади и во текот на годините се менувале. Денес геолозите сметаат дека постојат само неколку десетици. Моментално најактивните вулкански подрачја, на кои може да се примени оваа теорија за врели точки се: Хаваи, Реинион, Јелоустоун, Галапагос и Исланд.

Најголемиот број вулкани на врели точки имаат базалтна магма (на пр. Хаваи, Тахити). Резултат на тоа е нивната помала експлозивност отколку во случај на вулкани во зоните на подвлекување, кај кои причина за експлозијата е тоа што магмата содржи голема количина волатили. Во случајот на врели точки во континенталните подрачја, базалтната магма се издига низ континенталната кора, при што доаѓа до процес на делумно стопување и фракциска кристализација на магмата и во тој случај може да се формираат риолити. Ваквата кисела магма може да предизвика многу снажни вулкански избуви. На пример, Јелоустоунската Калдера е формирана во текот на еден од најснажните избуви во геолошката историја. Кога цела риолитска магма ќе биде исфрлена може да дојде до ерупција на базалтна магма. Пример на ваква активност е Веригата Илгачуз во Британска Колумбија, која е формирана од серија избуви на трахит и риолит, а после нив ерупции на базалтна лава.

Концептот на врели точки сега е повеќе врзан за хипотезата за перјаници во плаштот.

Споредба со вулканите од островските лакови

уреди

Вулканите над врелите точки фундаментално се разликуваат од вулканите на островските лакови според начинот на настанување. Вулканите на островските лакови настануваат над подвлекувачките зони, на приближувачките граници на тектонските плочи. Кога две океански плочи се судираат, едната од нив ќе се подвлече под другата во зоната на длабокоокенскиот ров. Плочата која се подвлекува во зоната на подвлекување внесува вода која ја снижува точката на топење во базата на горната плоча. Кога ќе дојде до делумно стопување и создавање на магма, таа тргнува нагоре и тоа е причина за формирање вулкани во зоните на подвлекување како што се на пример Алеутските Острови близу Алјаска.

Наводи

уреди
  1. W. J. Morgan (5 март 1971). „Convection Plumes in the Lower Mantle“. Nature. 230: 42–43. doi:10.1038/230042a0.CS1-одржување: датум и година (link)
  2. „Do plumes exist?“.
  3. 3,0 3,1 Foulger, G.R (2010). Plates vs. Plumes: A Geological Controversy. Wiley-Blackwell. ISBN 978-1-4051-6148-0.
  4. Wilson, J. Tuzo (1963). „A possible origin of the Hawaiian Islands“ (PDF). Canadian Journal of Physics. 41 (6): 863–870. doi:10.1139/p63-094.
  5. „Hotspots: Mantle thermal plumes“. United States Geological Survey. 5 мај 1999.
  6. Wright, Laura (2000-11). „Earth's interior: Raising hot spots“. Geotimes. American Geological Institute. Проверете ги датумските вредности во: |date= (help)

Литература

уреди

Надворешни врски

уреди