Жерав
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордати
Класа: Птици
Ред: Жеравовидни
Семејство: Жерави
Род: Жерав
Вид: Жерав
Научен назив
Grus grus
(Linnaeus, 1758)
Синоними
  • Grus turfa Portis, 1884

Жеравот, познат и како сив жерав или евроазиски жерав (научGrus grus) — вид птица од семејството жерави (Gruidae) од редот жеравовидни (Gruiformes).

Жеравот е птица преселница која ја среќаваме во Македонија.

Опис

уреди
Жерав
 
Јајце

Жеравот е голема птица, средно голем во семејството на жеравите. Димензиите му се следниве:

  • висина: од 100-130;
  • распон на крилја: од 180-240 см распон на крилјата;
  • тежина: 3-6,1 кг (просечно 5 кг);
  • долж. на стапало: од 20,1-25,2 см;
  • долж. на клун: 9,5-11,6 см долг клун.

Бојата на перјето е светлосивкаста, главата и вратот му се темносиви, на темето има црвена круна и има бела линија која се протега од очите до грбот. Боите му се потемни на грбот, а посветли на градите и крилјата. Краевите на пердувите на крилата и опашката му се црни, и украсно му паѓаат создавајќи заедничка пуфкаста опашка. Младенчињата имаат жолто-кафеавкасти пердуви на телото, немаат ресести крила ни светла линија на вратот, а на главата круната им е пердувеста. Секои две години, пред преселба (преселување), жеравите целосно се измитаруваат, останувајќи без пердуви 6 недели кога не можат да летаа, сè додека не им пораснат нови.

Распространетост

уреди
 
Поединец во лет

Овој вид жерав го има во северните делови на Европа и Азија. Порано бил распространет дури до Ирска, но пред 200 години изумрел. Сега, повторно се враќа таму, со помош на луѓето кои му овозможуваат да преживее во поголем број. Жеравите во помал број се среќаваат во јужна Европа, во Грција, Македонија, Србија, Хрватска, Романија, Данска и Германија. Поголеми популации се среќаваат во Скандинавија, особено во Финска и Шведска. Но, срцето на најголемата популација е во Русија, каде има најверојатно над 100,000 жерави во сезона. Најдалечната распространетост на жеравите е Манџурија.

Жеравите се птици преселници на долги одредишта, и најчесто презимуваат во северна Африка. Есенската преселба се одвива од август до октомври, а пролетната од март до мај.

Живеалиште

уреди

Во Европа жеравите вообичаено гнездат во пределите на тајгастите и мешаните шуми, на надморска височина од 2200 m. Во посеверните краеви живеат во мочурливи отворени пространства, со ниски грмушки, покрај мали езерца. И во Русија животните навики се слични. Може да гнездат во степите, па дури и полупустините, сè додека имаат вода во близина.

Поведение

уреди
 
Возрасни и младенчиња жерави

Исхрана

уреди

Жеравите се сештојади, односно опортунисти. Својата исхрана ја прилагодуваат кон условите за живот. Јадат растенија, и сè од нив - коренот, стеблото, плодот, семето, листовите. Од животинска исхрана најмногу јадат инсекти - бумбари, скакулци, термити, муви, пеперутки, вилини коњчиња и др. Од безрбетниците јаде полжави, црви, ракови, а поретко пајаци и стоногалки; а од ’рбетниците - жаби, гуштерчиња, змии и мали цицачи, најчесто глувци. Поретко конзумира риби и јајца од други птици. Жеравите може да пасат по земјата или плитката вода во потрага по нешто што се јаде. Може да се случи да уништат ниви со посеви, но почесто тие го јадат отпадокот и остатокот од нивите и на тој начин помагаат да се исчисти земјата и да се подготви за следниот посев.

Размножување

уреди

Овој вид обично ги снесува јајцата во мај, што поскоро по враќањето во гнездото од преселбата. Како и повеќето од семејството на жеравите и овој вид живее во моногамна врска. Но, ако еден од партнерите умре, другиот ќе се обиде да најде нов партнер следната година. Иако паровите может да бидат и неколку години заедно - ритуалот на специјалниот танц, тие секако го изведуваат. Танцот се состои потскокнување, правење лакови и пируети, запирање и сл. Потоа, танцот вклучува ширење на пердувите и крилјата, фрлање разна вегетација во воздух и покажување на црвената дамка на главата еден на друг. Додворувањето започнува така што мажјакот ја прати женката со достоинствен чекор, сличен на марш. Складниот дует го содржи повикот на женката, држејќи ја главата прво високо, па полека спуштајќи ја. Женката испушта висок тон, а мажјакот ја прати со истиот тон, ама малку подолг. Самиот чин на копулација продолжува на ист драматичен начин. Обично снесуваат 2 јајца, а поретко 3 или 4. Ако јајцата се оштетат во раната инкубација, можно е да снесат повторно за неколку недели. Периодот на инкубација трае 30 дена, и најчесто женката ги лежи јајцата, но понекогаш и двата родитела. Младенчињата се речиси беспомошни кога ќе се родат, но сепак, по неколку часа веќе се во можност да ползат и да пливаат ако се во опасност, а по 24 часа веќе може да трчаат со своите родители. Пилињата, на опасност обично реагираат со скаменување, преправајќи се дека се умрени. Крилјата на почеток ги користат за држење рамнотежа додека трчаат, а по 9 недели може да летаат на кратки релации. До следната сезона на парење, претходните младенчиња обично остануваат заедно со родителите. Половата зрелост жеравите ја достигнуваат на 3 до 6 годишна возраст. Се смета дека е вообичаено овие птици да живеат 30 до 40 години.[2]

 
Јато во лет

Дружељубивост

уреди

Кога не е сезона на парење, жеравите се дружељубиви птици. Јата од над 400 птици може заедно да летаат за време на преселбата. Местата на собирање, каде птиците се одмараат и хранат на средина од нивната преселба, може да бројат и над илјада птици наеднаш. Јатата не се постојани групи, туку се формираат заради подобра безбедност.

Интеракции меѓу видовите

уреди

Има неколку природни грабливци на возрасните жерави. Но, белоопашестиот орел и златниот орел се потенцијално најопасните грабливци за жеравите од сите возрасти. Жеравите се бранат и борат со орлите и на земја и во лет, користејќи ги клуновите како оружје и клоцајќи со нозете. Дивата свиња, лакомецот и црвената лисица ги напаѓаат гнездата на жеравите. Кога се соочуваат и борат со цицачите, жеравите бодат со клунот, удираат со крилјата и клоцаат со нозете. Нападот го избегнуваат со скокање во воздух. Гавраните исто така може да им ги украдат јајцата.[3][4]

Статус

уреди

Глобалната популација на жеравите е од 210,000 до 250,000 и претежно ги има во Русија и Скандинавија. Главната закана за овој вид претставува уништувањето на нивните живеалишта поради урбанизацијата, ширењето на земјоделството, одводнувањето на мочуриштата, односно - човекот и цивилизацијата. Жеравите се прилагодуваат на овие промени кои ги прават луѓето, но во многу области и понатаму директно е нарушуван нивниот животен простор со лов, собирање јајца, труење со пестициди и сл.[5][6] Жеравот спаѓа во птиците заштитени со Договорот за заштита на африканско-евроазиските преселни водни птици (AEWA).

Поврзано

уреди

Наводи

уреди
  1. BirdLife International (2012). Grus grus. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. Burton, Maurice and Burton, Robert (2002). International Wildlife Encyclopedia Set. Marshall Cavendish. стр. 585–. ISBN 978-0-7614-7266-7. Посетено на 19 December 2012.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  3. Facts about Crane (Grus grus) – Encyclopedia of Life Архивирано на 3 септември 2014 г.. Eol.org (2012-07-16). Посетено на 2012-12-19.
  4. Leito A; Ojaste I; Truu J; Palo A (2005). „Nest site selection of the Eurasian Crane Grus grus in Estonia: an analysis of nest record cards“ (PDF). Ornis Fennica. 82 (2): 44.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)[мртва врска]
  5. Common Crane (Grus grus) – BirdLife species factsheet. Birdlife.org. Посетено на 2012-12-19.
  6. del Hoyo, J; Elliot, A; Sargatal, J (1996). Handbook of the Birds of the World. 3. Barcelona: Lynx Edicions. ISBN 84-87334-20-2.

Литература

уреди

Надворешни врски

уреди