Емили Дикинсон
Емили Елизабет Дикинсон (англиски: Emily Elizabeth Dickinson) (10 декември 1830, Амхерст, Масачусетс, САД - 15 мај 1886, Амхерст, Масачусетс, САД) била американска поетеса.
Животопис
уредиЕмили Дикинсон е родена на 10 декември 1830 година, во Амхерст, државата Масачусетс, САД. Нејзиниот татко, Семјуел Дикинсон (Samuel Dickinson) бил угледен граѓанин, судија и сенатор. Емили имала двајца браќа - Едвард и Остин и една сестра - Лавинија. Емили учела седум години во тогашната Амхерст Академија, а една година поминала и во женската богословија во Маунт Холиок, каде што девојките биле поделени во три групи: оние кои биле посветени христијанки, оние за кои имало надеж и оние без надеж. Емили била сместена во третата група. По враќањето дома, таа целиот живот го поминала во семејната куќа во Амхерст, со исклучок на неколку патувања во Вашингтон, Филаделфија и Бостон (каде што престојувала неколку месеци, лекувајќи ги очите). Живеела осамено и имала само мал број пријатели, но со некои од нив била блиска сè до нивната смрт.[1]
Кон крајот на третата деценија од нејзиниот живот, Дикинсон била вљубена во Чарлс Водсворт - оженет презвитеријански свештеник од Филаделфија, кој еднаш ја посетил во нејзиниот дом во 1860 година и со кого се допишувала. Во 1862 година, кога Водсворт се преселил во Сан Франциско, таа почнала да се облекува во бела облека како невеста и напишала 360 песни. Во тоа време започнала да се допишува со Томас Хигинсон (Thomas Wentworth Higginson), која траела од април 1862 до јуни 1878 година.[2]
Во своите писма до него се содржани бројни информации за нејзиниот живот. Така, во едно од првите писма до Хигинсон, таа се опишувала на следниов начин: "... јас сум малечка како птицата-оревче, а косата ми стрчи како костенова чичка и очите ми се како црешни во чаша што ја остава гостинот." Понатаму, во другите писма, таа ги наведувала своите омилени поети и писатели, како: Китс, Елизабет Браунинг, Раскин, сер Томас Браун, Библијата и старите англиски химни на Исак Ватс. Исто така, кога по болеста на очите ѝ се повратил видот, таа ги прочитала делата на Шекспир. Во врска со нејзиниот секојдневен живот, Дикинсон пишувала за деновите поминати по околните ридишта на зајдисонце, за големото куче што ѝ го купил татко ѝ, како и за пладневното свирење на пијаното. Според нејзините кажувања, нејзиното семејство било многу религиозно (освен нејзе), мајка ѝ не била премногу заинтересирана за мисловниот живот, а татко ѝ бил премногу зафатен со судските работи и не посветувал многу внимание на семејството. Тој ѝ купувал многу книги на Емили, но ја молел да не ги чита, плашејќи се да не ѝ го растројат духот.[3]
Татко ѝ бил неприкосновен авторитет во домот и Емили се покорувала на неговата волја сè до неговата смрт. Според, белешките на Хигинсон (кој еднаш ја посетил Емили во нејзиниот дом), Емили не знаела да го чита времето од часовникот дури до петнаесеттата година, зашто, кога била мала, татко ѝ се обидел да ѝ објасни, но нејзе ѝ било страв да му каже дека не разбрала, а се плашела да праша некого, од страв татко ѝ да не дознае за тоа. Таткото им забранувал на децата да читаат други книги освен Библијата, но тој никогаш не упатил остар збор кон семејството.[4] Всушност, во своите писма, Емили речиси никогаш не ја спомнувала мајка си (која подоцна останала инвалид), па дури во едно писмо, напишала дека "Никогаш не сум имала мајка." Од друга страна, за својот татко, напишала дека "тој беше страшна мајка, но подобро таква, отколку никаква",[5] а за нејзините односи со татко ѝ напишала "Татковиот стварен живот и мојот понекогаш доаѓаат во судир..."[6]
Хигинсон ја посетил Емили двапати, при што по првата средба, тој забележал:[7]
"Впечаток што несомнено ми го направи беше една претерана напнатост и нешто ненормално...Никогаш не сум бил со некого кој толку многу ми ја исцедил моќта на нервите. Без ниту да ја допрам, таа ме исцедуваше. Драго ми е што не живеам покрај неа."
Последниот пријател и "учител" во животот на Емили Дикинсон бил судијата Отис Лорд, инаку долгогодишен пријател на татко ѝ, кој по смртта на неговата жена во 1877 година, бил чест гостин кај Емили и од тоа дружење се родила взаемна љубов, така што во 1880 година тој ѝ понудил брак. Сепак, Емили го одбила, зашто тогаш таа имала веќе 50, а Отис дури 68 години.[8]
Емили Дикинсон живеела во потполна осаменост и изолација од останатиот свет, избирајќи по сопствена желба да не се омажи, туку да живее со својот татко. За нејзината ексцентричност зборува фактот дека, при крајот на животот, му дозволила на својот доктор да ја "прегледа" така што ќе ја види како поминува покрај отворената врата во соседната соба.[8]
Дикинсон умрела во својот дом, на 15 мај 1886 година, оставајќи ги своите педантно препишани песни (вкупно 1 775) на сестра си Лавинија, со завет да ги уништи. Сепак, Лавинија не ги уништила песните, туку ги дала на Мејбл Лумис Тод (Mable Loomis Todd), жената на еден универзитетски професор, за да ги подготви за објавување.[2]
Творештво
уредиНајмногу информации за творештвото на Дикинсон се добиени од писмата што му ги праќала на Хигинсон (од друга страна, писмата што тој ги испраќал до неа не се зачувани). Така, во првото писмо упатено до Хигинсон, Емили Дикинсон му испратила четири свои песни. Истовремено, Хигинсон бил првиот и единствен писател кому таа му покажала неколку свои песни, обраќајќи се кон него како на критичар и "учител". Сепак, тој не ги препознал нејзината дарба и квалитетот на нејзините песни, така што тие останале необјавени за време на животот на Дикинсон (додека била жива, таа објавила само седум песни, но анонимно). Оттука, по третото нејзино писмо, тој престанал да ѝ дава совети и критички забелешки, а нејзините песни ги оценил како "значајни, иако чудни...премногу деликатни - недоволно силни за објавување". Од друга страна, кога тој ѝ предложил да го "измазни" ритамот, таа му се заблагодарила за "хируршкиот зафат", не прифатила ниту еден негов совет и се откажала од идејата да прави промени во своите песни. Во едно друго писмо, во кое повторно му испратилa неколку песни, таа напишала за својата поетска постапка:[9]
"Јас немам монарх во мојот живот и не можам сама да се владеам. А, кога се обидувам да се организирам, мојата мала сила експлодира и ме остава гола и јагленисана."
Дури по успехот на првото издание на нејзините песни, Хигинсон напишал:
"Впечатокот за еден потполно нов и оригинален поетски гениј беше толку жив во мојот ум при првото читање на тие четири песни... а, со него дојде и проблемот, сè уште нерешен, какво место треба да се означи во литературата за ова што е толку значајно.. "[9]
Иако Хигинсон не бил способен да ја препознае дарбата на Дикинсон, таа воопшто не се обесхрабрила, туку продолжила да ги пишува своите песни, иако свесна дека никогаш нема да го види нивното објавување. Истовремено, таа продолжила да се допишува со него, зашто тој ѝ бил единствената врска со книжевниот свет, иако постојано ги одбивала неговите понуди да ја запознае со книжевните кругови во Бостон и Филаделфија. Исто така, Дикинсон ја одбила и понудата за помош од нејзината сограѓанка, писателката Хелен Хант Џексон, а еднаш дури одбила да се сретне со познатиот поет Емерсон (наспроти фактот дека многу го почитувала), кој бил дојден во посета во соседната куќа.[10]
За првпат, песните на Дикинсон биле објавени неколку години по нејзината смрт, во 1890 година, по што следеле уште пет надополнети изданија, кои биле распродадени за само шест месеци. 157 Кон крајот на 19 век и почетокот на XX век, поезијата на Дикинсон сè уште не била доволно ценета од критичарите, но нејзината слава постојано растела и денес се смета за едно од најголемите имиња на американската поезија. Нејзината поезија може да се набљудува како дел од англиската и американската книжевна традиција на романтизмот, особено во поглед на побуната против општествените и религиозните норми, како и воодушевувањето од природата. Сепак, таа се разликува од романтичарите по нејзиниот непомирлив став кон себеси и кон светот.[11] Во поезијата на Дикинсон најмногу преовладуваат три чувства: болка, восхит и вечност, кои се директна последица на нејзината осаменост и повлечениот живот.[12]
Наводи
уреди- ↑ Богомил Ѓузел, "Енигмата Емили Дикенсон" во: Емили Дикенсон, Одбрани песни. Скопје: Македонска книга, 1986, стр. 156.
- ↑ 2,0 2,1 Богомил Ѓузел, "Енигмата Емили Дикенсон" во: Емили Дикенсон, Одбрани песни. Скопје: Македонска книга, 1986, стр. 157.
- ↑ Богомил Ѓузел, "Енигмата Емили Дикенсон" во: Емили Дикенсон, Одбрани песни. Скопје: Македонска книга, 1986, стр. 158-160.
- ↑ Богомил Ѓузел, "Енигмата Емили Дикенсон" во: Емили Дикенсон, Одбрани песни. Скопје: Македонска книга, 1986, стр. 159.
- ↑ Barbara A. C. Mossberg, Emily Dickinson, When a Writer is a Daughter. Bloomington: Indiana University Press, 1982.
- ↑ Albert J. Gelpi, Emily Dickinson, the Mind of the Poet. Cambridge, Mass.: Harvard University Press, 1963.
- ↑ Богомил Ѓузел, "Енигмата Емили Дикенсон" во: Емили Дикенсон, Одбрани песни. Скопје: Македонска книга, 1986, стр. 160.
- ↑ 8,0 8,1 Богомил Ѓузел, "Енигмата Емили Дикенсон" во: Емили Дикенсон, Одбрани песни. Скопје: Македонска книга, 1986, стр. 168.
- ↑ 9,0 9,1 Богомил Ѓузел, "Енигмата Емили Дикенсон" во: Емили Дикенсон, Одбрани песни. Скопје: Македонска книга, 1986, стр. 157-158.
- ↑ Богомил Ѓузел, "Енигмата Емили Дикенсон" во: Емили Дикенсон, Одбрани песни. Скопје: Македонска книга, 1986, стр. 167-168.
- ↑ Богомил Ѓузел, "Енигмата Емили Дикенсон" во: Емили Дикенсон, Одбрани песни. Скопје: Македонска книга, 1986, стр. 165-166.
- ↑ Suzanne Juhasz, The Undiscovered Continent. Bloomington: Indiana University Press, 1983.