Елов свиркач
Одмор за време на преселба
Пеење
Научна класификација
Царство: Животни
Колено: Хордови
Класа: Птици
Ред: Врапчевидни
Семејство: Phylloscopidae
Род: Phylloscopus
Вид: Елов свиркач
Научен назив
Phylloscopus collybita
(Vieillot, 1817)
1. Размножување; само лето
2. Размножување; мал број и зимуваат
3. Размножување; и постојани жители во зима
4. Зимување без размножување
5. Локализирано зимско престојување

Еловиот свиркач (научPhylloscopus collybita) е мала врапчевидна птица што се размножува низ отворените шумски предели на северна и умерена Европа и Азија. Taa e птица преселница што зимува во јужните и западните делови на Европа и Азија. Зеленокафеавкава одозгора и светла одоздола, оваа птица има многу подвидови кои сега веќе се сметаат за посебни видови. Еловиот свиркач го има во Македонија.

Подвидови

уреди
  • P. c. collybita, овој подвид се размножува во Европа, на исток до Полска и Бугарија, и е опишан подолу. Главно презимува во јужниот дел на својот опсег околу Средоземно Море и во Северна Африка.[2] Ја проширува својата распространетост кон север, во Скандинавија од 1970 година и доаѓа близу до јужниот домен на P. c. abietinus.[3]
  • P. c. abietinus се јавува во Скандинавија и северна Русија, и презимува од југоисточна Европа и североисточниот дел на Африка до источен Ирак и западен Иран. Овој подвид е среден во изгледот помеѓу P. c. tristis и P. c. collybita. Тие се сивкавомаслинавозелени одозгора, со светложолта линија над окото, и долни делови побели отколку кај P. c. collybita[4] но со многу слична вокализација.[2]
  • P. (c.) tristis, сибирскиот свиркач, се размножува во Сибир, а зимува во подножјето на Хималаите.

Потекло на поимот

уреди

Во англискиот јазик, оваа птица се вика Common Chiffchaff (обично џивџи) и името ѝ е ономатопејско, имитирање на звукот џив-џив кој птицата го испушта.[5] Слични имиња за оваа птица има и во другите европски јазици, како на пример, во данскиот Tjiftjaf, германскиот Zilpzalp и велшкиот siff-saff. Биномниот назив Phylloscopus потекнува од грчкиот јазик phyllon/φυλλον, „лист“, и skopeo/σκοπεω, „личи на“ или „да се види“.[6]

Опис

уреди

Еловиот свиркач е мал, кус и набиен, долг 10–12 сантиметри. Мажјакот тежи 7–8 грама, а женката 6–7. Возрасните единки од подвидот P. c. collybita напролет имаат прости кафенозеленкави горни делови, и белкави долни делови кои стануваат жолтеникави на краевите. Има темни нозе, темен, елегантен клун и кратки пердуви за летање. Со текот на времето, кога перјето се троши, станува безживотно и покафеаво, но по сезоната на размножување, се случува целосно митарење и обновување на перјето пред преселбата.[4] Младенчињата се покафеави одозгора од возрасните, со жолтобели долни делови, но се митарат околу 10 недели по добивањето на првото перје. По митарењето, и младенчињата и возрасните добиваат посјајни и зеленкави горни пердуви со појасна и светла линија над окото.[4]

 

Еловиот свиркач се огласува со едноставна препознатлива песна хвит-хвит која е една од првите што ќе ја слишнеме кога ќе дојде пролетта.[7]

Распространетост и живеалиште

уреди

Еловиот свиркач е распространет во Европа и Азија, на исток до источен Сибир и на север до околу 70° N, со изолирани популации во северозападна Африка, северна и западна Турција и северозападниот дел на Иран.[4] Taa e птица преселница, но е една од првите врапчевидни птици што се враќаат напролет и заминуваат најдоцна наесен.[7] За размножување користи отворени шумски предели со поголеми дрвја и покриена земја со разни растенија. Гнездото го прави на барем 5 метри високо дрво.[4] Во зима, живеалиштето е различно и не е толку зависно од високи дрвја, често може да биде и крај вода. Има тенденција да зимува во западна Европа и северниот дел на традиционалните области, особено во јужните крајбрежни делови на Англија и благите урбани делови на Лондон.[4]

Поведение

уреди
 
Сибирски подвид

Мажјакот е многу територијален за време на сезоната на парење, со точно определена територија од 20 метри во пречник, која жестоко ја брани од другите мажјаци. И други, помали птици, исто така, може да бидат нападнати. Мажјакот е бестрашен, па напаѓа дури и грабливци како хермелинот ако се приближи до гнездото, или крадците на јајца, како сојката, на пример.[4] Своето пеење мажјакот повеќе го користи за означување на територијата, за размножување и привлекување на женката, отколку за заштита на гнездото.[8] Освен основната заштитена територија, овие птици користат поширока територија за исхрана, десетпати поголема. Се верува дека женките имаат поширока ваква територија.[4] По размножувањето, птиците ја напуштаат територијата и може да се придружат во мало јато, па и со други слични видови, кога се подготвуваат за преселба.

Размножување

уреди
 
Phylloscopus collybita collybita

Мажјаците од овој вид птици се враќаат на територијата за размножување 2-3 недели пред женките и веднаш почнуваат со пеењето да ја означуваат својата територија и да ги привлекуваат женките. Кога ќе ја забележи женката, мажјакот изведува бавен лет, сличен на пеперуга, како дел од ритуалот за додворување. Но откако ќе се спари, другите женки ќе ги брка од својата територија. Мажјакот има мала улога во гнездењето, освен одбраната на територијата.[4] Женката го гради гнездото на или во близина на земјата, прикриено во трње, коприви или друга густа, ниска вегетација. Гнездото во вид на могила е изградено од груб растителен материјал и има влез од страна, а внатре е послано со помеки материјали и пердувчиња. Типичното гнездо е 12,5 сантиметри високо и 11 сантиметри во пречник.[4]

Женката несе 2-7 (обично 5-6) кремави јајца со ситни виолетови или црни точки со големина 1.5 х 1.2 сантиметри. Ги инкубира 13–14 дена, а потоа се испилуваат голи, слепи и немоќни пиленца.[4] Женката ги чува и храни уште 14–15 дена додека не добијат пердуви. Мажјакот ретко учествува во хранењето, иако тоа се случува ако се лоши временските услови за пронаоѓање инсекти, или, пак, ако женката исчезне. Откако ќе се здобијат со перје, младенчињата остануваат во близина на гнездото уште 3-4 недели сè уште чувани и хранети од мајката, но овие активности се намалуваат по првите 14 дена. Во северните делови на распространетоста на овој вид, се одгледува по едно легло заради краткотрајноста на летото, но во појужните краеви најчесто имаат по две легла годишно.[4]

Иако паровите остануваат заедно за време на сезоната на парење и полигамијата не им е својствена, сепак, и кога мажјакот и женката заедно ќе се вратат на територијата за размножување следната година, тие не се верни еден на друг и секој повторно си бара нов партнер.

Исхрана

уреди

Еловиот свиркач се храни со инсекти неуморно летајќи и само кратко лебдејќи. Главно се храни со разни видови муви, други мали и средни безрбетници, ларви, пеперуги и молци.[4] Се проценува дека свиркачот дневно јаде инсекти во тежина од 1/3 од неговата, а наесен особено, кога треба да складира масти за долгата преселба.[4]

Опасности

уреди

Како и кај повеќето мали птици, смртноста во првата година од животот е висока, а рекордот на старост е повеќе од седум години. Јајцата, пилињата и младенчињата на овој вид што гнезди на земја ги напаѓаат ласиците и сојките, а возрасните се ловени од страна на птиците грабливки. Малите птици, исто така, се на милост и немилост на времето, особено при преселбата, но, и во другиот период.[4]

Статус

уреди

Еловиот свиркач има огромна распространетост на 10 милиони квадратни километри и популација од 60 до 120 милиони само во Европа. Нема намалување на популацијата од 30% во последните 10 години или три генерации, поради што не спаѓа во птиците чиј статус е загрозен. Затоа во Црвениот список на МСЗП се третира како вид со најмала загриженост.[1]

Наводи

уреди
  1. 1,0 1,1 BirdLife International (2012). Phylloscopus collybita. IUCN Red List. Version 2012.1. International Union for Conservation of Nature. Посетено на 16 July 2012.
  2. 2,0 2,1 Baker, Kevin (1997). Warblers of Europe, Asia and North Africa (Helm Identification Guides). London: Helm. стр. 256–259. ISBN 0-7136-3971-7.
  3. Hansson, MC; Bensch, S; Brännström, O (2000). „Range expansion and the possibility of an emerging contact zone between two subspecies of Chiffchaff Phylloscopus collybita ssp“. Journal of Avian Biology. 31 (4): 548–558. doi:10.1034/j.1600-048X.2000.1310414.x.CS1-одржување: повеќе имиња: список на автори (link)
  4. 4,00 4,01 4,02 4,03 4,04 4,05 4,06 4,07 4,08 4,09 4,10 4,11 4,12 4,13 4,14 Clement, Peter (1995). The Chiffchaff. London: Hamlyn. ISBN 0-600-57978-6.
  5. Cocker, Mark; Mabey, Richard (2005). Birds Britannica. London: Chatto & Windus. стр. 378–9. ISBN 0-7011-6907-9.
  6. Terres, John K. (1980). The Audubon Society encyclopedia of North American birds. New York: Alfred A. Knopf, Inc. стр. 1001. ISBN 0-517-03288-0.
  7. 7,0 7,1 Mullarney, Killian; Svensson, Lars, Zetterstrom, Dan; Grant, Peter. (1999). Birds of Europe. London. HarperCollins. pp. 304–306 ISBN 0-00-219728-6
  8. Rodrigues, Marcos (1996). „Song activity in the chiffchaff: territorial defence or mate guarding?“. Animal Behaviour. 51 (3): 709–716. doi:10.1006/anbe.1996.0074.

Надворешни врски

уреди