Еден Азар

(Пренасочено од Еден Хазард)

Еден Азар (роден на 7 јануари 1991 година) — белгиски фудбалер кој моментално игра за екипата на Реал Мадрид во шпанската Примера, и за репрезентацијата на Белгија. Неговата позиција во тимот е офанзивен играч од средниот ред, најчесто како крило. Азар е познат по неговата креативност, брзина, техничка способност и е исто така познат како „бестрашен, експлозивно офанзивен играч од средниот ред, кој може да ја промени играта со промена на темпото или дриблинг“[2][3][4]. Тој, исто така е познат како „ноќна мора за дефанзивците“ и доби позитивни критики за неговиот стил на игра, со што ги поттикна медиумите, тренерите и играчите да го споредуваат со добитниците на наградата „Најдобар фудбалер на годината“ на ФИФА, Лионел Меси и Кристијано Роналдо[2][5][6][7][8][9][10]

Еден Азар
Азар со Челси во 2015
Лични податоци
Полно име Еден Азар
Роден на 7 јануари 1991(1991-01-07)(33 г.)
Роден во Ла Лувјер, Белгија
Висина 1,70[1]
Позиција напад
Клупски податоци
Сегашен клуб Челси Челси
Број 17
Младинска кариера
1995–2003 Ројал Стад Бреноа
2003–2005 АФК Тибиз
2005–2007 ФК Лил
Кариера*
Години Клуб Наст. (Гол.)
2007–2012 ФК Лил 147 (36)
2012–2019 ФК Челси 245 (85)
2019– Реал Мадрид 53 (4)
Репрезентација
2006 Белгија U15 5 (1)
2006 Белгија U16 4 (2)
2006–2008 Белгија U17 17 (2)
2007–2009 Белгија U19 11 (6)
2008– Белгија 126 (33)
* Ажурирано на: 21:26, 29 септември 2012 (UTC)
** Ажурирано на: 23:25, 11 септември 2012 (UTC)

Азар е син на поранешните белгиски фудбалер и фудбалерка, Карин и Тјери Азар и ја започнал својата фудбалска кариера во Белгија играјќи за локалните клубови Ројал Стад Бреноа и Тибиз. Во 2005 година, тој го прифатил предизвикот од Франција преминувајќи во прволигашот Лил. Азар поминал две години во младинската академија на тимот, и на возраст од 16 години дебитирал во првиот тим во ноември 2007 година. Во неговата прва целосна сезона како стартер, ја добил наградата „Најдобар млад играч на годината“ од фудбалската унија на професионални фудбалери во Франција (УНФП), со што станал првиот нефранцуски играч кој ја добил оваа награда[11]. Во сезоната 2009-2010, Азар повторно ја освоил наградата, и со тоа станал првиот играч кој ја освоил оваа награда двапати[12] . Тој исто така бил именуван во најдобриот тим на годината во лигата. Откако дебитирал во тимот во 2007 година, Азар станал составен дел од тимот под раководство на менаџерот Руди Гарсија забележувајќи над 160 настапи. Во сезоната 2010-2011, тој бил дел од тимот на Лил кој ја освоил двојната круна во Франција, првенството и купот, и како резултат на неговите настапи тој бил прогласен за најдобар играч во првенството од Унијата на професионални фудбалери (УНФП) и со тоа станал најмладиот играч кој ја освоил оваа награда.

Азар е белгиски репрезентативец и има настапувано за младите репрезентации на Белгија до 17 и 19 години. Пред да настапува во сениорскиот тим, тој играл за тимот до 17 години кој се квалификува на Европското првенство за играчи до 17 години во 2007 година и за Светското првенство за играчи до 17 години истата година. Азар дебитирал за сениорскиот тим на Белгија во ноември 2008 година, на возраст од 17 години и 316 дена, на пријателски натпревар со Луксембург. Речиси три години по своето деби, Азар го постигнал својот прв гол за репрезентацијата против Казахстан во октомври 2011 година.

Приватен живот

уреди

Азар е роден во градот Ла Лувјер, но израснал во Брен ле Конт, мал град во регионот Валонија. Тој израснал во семејство каде што доминирал фудбалот. Неговата мајка Карин и неговиот татко Тјери (да не се помеша со францускиот пејач и текстописец со истото име) обајцата биле фудбалери во Белгија. Неговиот татко најголем дел од својата кариера ја поминал во белгиската Втора лига во Р.А.А Лувјероз, додека неговата мајка играла како напаѓач во белгиската Прва лига за жени. Азар е највозрасниот од четирите нивни деца. Тој има три помлади браќа и сите тие играат фудбал. Торган во 2012 година му се приклучил на Еден во Челси, а во 2015 година преминал во Борусија Менхенгладбах[13]. Останатите помлади браќа на Азар, Килјан игра за Ујпешт[14] додека најмладиот, Итан, игра во младинската академија на поранешниот клуб на Азар, А.Ф.Ц Тибиз. Азар и неговите тројца браќа, израснале во удобна средина во која нивните родители им обезбедиле сè што им било потребно за да успеат. Семeјството живеело на не повеќе од „три метра“ до теренот за тренинг и браќата често оделе таму со цел да ги усовршат и развијат нивните вештини. Азар е оженет со Наташа[15]. На 19 декември 2010 година, белгиските и француските медиуми објавиле дека таа родила машко дете, Јанис, а во 2013 го родила и Лео[16][17] и третиот син, Сами, во септември 2015.[18].

Клупска кариера

уреди

Почетокот на кариерата

уреди

Азар ја започнал својата фудбалска кариера на четиригодишна возраст играјќи во клубот од родниот град, Ројал Стад Бреноа. Во текот на неговиот престој во клубот, еден од неговите тренери во младинските категории го опишал како „надарен“ играч кој „знае сè. Не требаше ништо да го учам“[19]. Азар поминал осум години во клубот пред да се пресели во Тибиз. Додека играл за Тибиз, тој бил забележан од скаут на Лил, додека играл за клубот на локален турнир. Понатамошниот извештај на скаутот за играчот, ги предизвикал претставниците на клубот да се сретнат со таткото на Азар и да му понудат договор на младиот играч да игра за младиот тим на Лил[20]. Родителите на Азар ја прифатиле понудата со надеж дека условите за тренинг во Франција ќе бидат подобри. Таткото на Азар подоцна изјавил дека одлуката да им дозволи на Еден, а потоа и на Торган да преминат во клубовите од северна Франција била најдобрата одлука: Тие останаа блиску до дома, а истовремено станаа дел од структури каде што можат да созреат, бидејќи во Белгија, за жал, тренирањето со млади е на пониско ниво[21].

Азар му се приклучил на Лил во 2005 година и поминал две години да се развива во локалното спортско училиште на клубот, поради тоа што Младинската академија во Лишен во тоа време не била во функција[22]. На 28 мај 2007 година, тој го потпишал својот прв професионален договор обврзувајќи се на тригодишен период на Лил[20]. На почетокот на сезоната 2007-2008, на возраст од 16 години, Азар бил одбран во резервниот состав на клубот во аматерската лига четврто ниво на Франција, иако тој сè уште играл за тимот на Лил до 18 години во нивната младинска лига во купот Гамбардела. Азар го направил своето аматерско деби влегувајќи во игра во второто полувреме како замена, на 1 септември на лигашки натпревар против Расинг Клуб де Франс во кој биле поразени со 3 : 1[23]. Тој за првпат настапил како стартер една недела подоцна, во поразот на неговиот тим од Лескен со 1 : 0[24].

Откако го поминал поголемиот дел од октомври и почетокот на ноември играјќи за тимот до 18 години, поради тоа што неколку играчи имале репрезентативни обврски, на 14 ноември Азар бил повикан во сениорскиот тим од менаџерот Клод Пиел да настапи на пријателски натпревар против белгискиот клуб Бриж на 16 ноември[25]. Тој влегол во игра од клупата за резерви и како резултат на неговата игра, беше вклучен во 18-члениот тим, кој се соочил со Нанси во првенствен натпревар на 24 ноември. Азар, потоа го направил своето професионално деби на следниот натпревар влегувајќи во игра како резерва во 78-та минутаref>„Nancy v. Lille Match Report“ (француски). Ligue de Football Professionnel. 24 November 2007. Архивирано од изворникот на 18 March 2012.</ref>.

Азар се вратил во резервниот тим на клубот и играл за тимот во декември. По зимската пауза, Азар се вратил во првиот тим во јануари и настапил како резерва на три првенствени натпревари против: Мец, Сошо и Пари Сен-Жермен[26][27][28]. Потоа, тој повторно бил префрлен на аматерско ниво, каде што истовремено настапувал за резервниот тим во четвртата лига и за тимот до 18 години во купот Гамбардела. На 17 мај 2008 година, тој го постигнал својот прв аматерски гол во победата од 3 : 2 над Витре[29]. Азар ја завршил аматерската кариера со 11 настапи и еден гол, со што му помогнал на резервниот тим да го освои петтото место, којшто бил прв помеѓу резервните тимови на професионалните клубови кои играат во тоа натпреварување[30][31].

Сезона 2008-2009

уреди

Во сезоната 2008-09, Азар го носел дресот со број 26 и бил прекомандуван во сениорскиот тим од новиот менаџер Руди Гарсија. Во почетокот, тој настапил неколкупати како резерва, официјално дебитирајќи на натпреварот против Сошо, како резерва, во ремито од 1 : 1 на 14 септември 2008. На еден од неговите настапи како резерва тој се покажал како доста корисен, против ФК Осер на 20 септември. Лил губел со 2 : 1 во последните минути од натпреварот, и по изведувањето на корнерот на Лил и краткото исфрлање на топката од играчите на Осер, Азар упатил удар со десната нога надвор од шеснаесетникот. Тој го совладал голманот и го израмнил резултатот на 2 : 2 во 88-та минута. Со голема самодоверба, Лил го добил натпреварот во судиското надополнување со 3 : 2 со голот на Тулио де Мелу. Со првиот гол во кариерата, тој станал најмладиот играч кој постигнал гол во историјата на клубот. Четири дена откако го постигнал својот прв гол во кариерата, Азар за првпат дебитирал како стартер во Купот на Франција, во поразот од 4 : 2 на пенали од Монпелје. Откако на следните пет натпревари во првенството тој бил резерва, на 15 ноември Азар за првпат дебитирал како стартер во првенството против Сент Етјен. Тој го одбележал настапот постигнувајќи го првиот гол во победата од 3 : 0 на неговиот тим. Лил му понудил продолжување на договорот на три години, како резултат на неговите добри настапи за тимот, на што тој се согласил на 18 ноември 2008 обврзувајќи се со клубот до 2012 година.

Откако настапувал како резерва во декември, Азар се вратил во почетната постава на тимот во јануари. На 23 јануари, тој го постигнал вториот гол во победата од 3 : 0 на натпреварот против аматерскиот тим на Динкерк во 1/16 финалето на Купот на Франција. Две недели подоцна, тој го постигнал победоносниот погодок против Сошо во првенството, а на 22 февруари асистирал во победоносниот погодок против Монако. Во осминафиналето во Купот на Франција, Азар постигнал гол во победата од 3 : 2 над бранителот на трофејот во Купот на Франција, Лион. На 26 април, тој го постигнал првиот гол против Марсеј, иако Лил го загубил натпреварот со 2 : 1. На последните десет натпревари од сезоната, Азар настапил осум пати како стартер и придонел во пласманот на тимот на 5-то место, место кое го одвело Лил во новоформираната Лига Европа на УЕФА. По крајот на сезоната, тој бил прогласен за „Најдобар млад играч на годината“ од Унијата на професионални фудбалери УНФП, со што станал првиот странски фудбалер кој го добил ова признание.

Сезона 2009 - 2010

уреди

По сезоната 2008-09, во голем број на земји постојано се јавувале медиумски шпекулации околу достапноста на Азар на трансфер пазарот. И покрај тоа што претседателот на Лил, Мишел Сејду објавил дека играчот не е на продажба, а Азар изјавил дека сака да остане во клубот најмалку уште една година, неколку клубови пројавиле интерес за играчот. Значајни клубови како што се: англиските Арсенал и Манчестер јунајтед, италијанскиот Интер и шпанските клубови Барселона и Реал Мадрид. Француската фудбалска легенда, Зинедин Зидан лично му го препорачал играчот на Реал Мадрид.

Азар ја започнал сезоната 2008-09 во силно темпо, постигнувајќи гол во првиот официјален натпревар на Лил во сезоната. Голот го постигнал во победата од 2 : 0 против српскиот клуб ФК Севојно, на првиот натпревар во третото квалификациско коло во Лига Европа. На 27 август, тој го постигнал вториот гол во кариерата во европските купови против белгискиот Генк во реваншот од плејофот. Тоа бил четвртиот гол за Лил во победата од 4 : 2. Со вкупен резултат од 6 : 3, клубот обезбедил пласман во групната фаза на Лига Европа. На 22 октомври, тој постигнал гол во 84-та минута, во важната победа на Лил над италијанскиот клуб Џенова, откако влегол во игра како резерва 10 минути порано. Откако примил топка по левата крилна позиција, Азар брзо ја претрчал средината поминувајќи шестмина дефанзивци пред да постигне гол од 16 метри. Еден месец подоцна, Азар бил клучен во демолирањето на чешкиот клуб Славија Прага со 5 : 1, и бил делумно заслужен за првиот гол откако ја поминал одбраната и испратил центаршут до дирекот, со кој го принудил играчот на Славија, Марек Сухи, да си постигне автогол.

На 20 декември, тој го постигнал првиот првенствен гол во сезоната, во победата над Ле Ман со 3 : 0. Азар исто така асистирал во постигнувањето на другите два погодока. На 30 јануари, Азар го постигнал единствениот погодок на „дербито на северот“ за Лил против соперникот Ленс. Победата му помогнала на клубот да обезбеди стабилност во лигата, одржувајќи се на позиција на табелата која води во Лигата на шампионите, и исто така ја прекинал катастрофалната недела во која Лил претрпел елиминација во двата француски купа. Пет дена подоцна, Азар и Лил постигнале согласност за продолжување на договорот, со кој играчот останува во клубот до 2014 година. На 11 март, Азар од слободен удар во 83-та минута го постигнал единствениот гол во победата над англискиот клуб Ливерпул во првото коло во Лигата на Европа. Три недели подоцна, Азар бил асистент на два гола во победата од 4 : 1 над нивниот конкурент за титулата Монпелје. Со двете асистенции, тој стигнал до бројката седум во лигата, пласирајќи се на втората позиција. За неговите импресивни игри во месец март, Азар ја добил наградата Играч на месецот.

На 29 април, Азар бил номиниран за наградата Играч на годината. Исто така, тој втора сезона по ред бил номиниран за наградата Млад играч на годината. На 9 мај, Азар втора последователна сезона ја добил наградата Млад играч на годината. Тој е првиот играч кој ја добил наградата двапати од нејзиното воведување во 1994 година. Азар загубил во трката за наградата Играч на годината, која му била доделена на напаѓачот на Лион, Лисандро Лопес.

Сезона 2010 - 2011

уреди

Азар ја започнал сезоната 2010-11 како стартер во првите шест натпревари во лигата за Лил, како и во натпреварите од Лигата на Европа. На 29 август, тој го постигнал својот прв сезонски гол во ремито од 1 : 1 со Ница. Кон крајот на септември, Азар се мачел со непостојаноста во формата и бил повлечен на клупата. Гарсија го повлекол на клупата во обид да му овозможи на Азар да се соземе и да научи дека неговите настапи биле незадоволителни. Азар потоа влегол во игра како резерва, во поразот на неговиот тим од португалскиот клуб Спортинг со 2 . 1 во Лигата на Европа и исто така како резерва на следните три првенствени натпревари против Тулуза, Монпелје и Лион. Азар подоцна признал дека неговиот прв период на непостојаност влијаел на него, изјавувајќи „Првите два месеци беа тешки. Не би рекол дека почнав да се сомневам во моите способности, но дефинитивно поминав низ навистина тежок период.“

На 7 октомври, селекторот на белгиската репрезентација, Жорж Лекенс, во врска со префрлањето на Азар на клупата на Лил, рекол дека играчот мора да работи поинтензивно, и физички и психички, за да ја врати формата од минатата година. Помошниот тренер на репрезентацијата, Марк Вилмотс, исто така изјавил дека Азар бил честопати мрзелив на тренинзите со репрезентацијата. Гарсија следниот ден одговорил на коментарите на Лекенс, нагласувајќи дека смета дека тие биле престроги, и дека „Еден има само 19 години“ и сè уште може да напредува повеќе во сите области. По натпреварот Белгија-Казахстан, на кој Азар не бил во почетниот состав, па дури не бил ни на клупата за резервни играчи, Лекенс одговорил на коментарите на Гарсија, изјавувајќи дека тој ќе остане на неговите претходни коментари и дека играчите мораат да мислат и за тимот, а не само за себе. Азар подоцна самиот се осврнал на коментарите на Лекенс и Гарсија во февруари, изјавувајќи „Научив многу за време на тие неколку недели, искрено кажано. И од тогаш, работите се подобрија. Националниот состав има голем придонес за тоа - добив многу со тоа што сум дел од него.“

По паузата за репрезентативни обврски, Азар повторно ја вратил голгетерската форма постигнувајќи го последниот гол за Лил во победата од 4 : 1 над Кан во Лига купот на Франција на 27 октомври. Десет дена подоцна, тој го постигнал својот втор гол во сезоната во победата од 3 : 1 против водачот на табелата Брест. На 21 ноември, Азар бил асистент на двата погодока на Лил во победата од 2 : 1 над Монако. Победата ја продолжил непобедливата серија во домашното првенство, која го искачила Лил на врвот на табелата по убедливата победа од 6 : 3 над Лорјан на 5 декември. Азар новата година ја започнал со гол против аматерскиот клуб Форбак во Купот на Франција во првиот натпревар на неговата екипа во новата година. Лил победил со 3 : 1. Во следниот натпревар на тимот, тој бил асистент на головите на Муса Сов и Жервињо во победата од 2 : 0 на првенствениот натпревар со Ница. На 19 јануари, Азар го постигнал вториот гол во победата од 3 : 0 над Нанси. На 4 март, официјалните лица на Лил потврдиле дека Азар го продолжил договорот за уште една година. Новиот договор го обврзал на верност на клубот до 2015 година. Во првиот натпревар по потпишувањето на новиот догвор, Азар го постигнал првиот гол во победата на Лил од 2 : 1 на гостувањето кај конкурентот за титулата Марсеј. Голот го постигнал со удар со левата нога од речиси 35 метри оддалеченост од голот и бил упатен со брзина од 95 километри на час.

На 2 април, Азар го одбележал 100-от натпревар во лигата за Лил, постигнувајќи го вториот во победата од 3 : 1 над Кан. Со голот го израмнил својот рекорд на постигнати голови во една сезона и исто така го одвел Лил на врвот на табелата со осум бодови предност пред конкурентите. За неговите настапи во месец март, Азар по вторпат бил прогласен за играч на месецот. На 19 април, откако влегол во игра во првото полувреме како замена, тој го постигнал првиот гол на натпреварот во победата на Лил од 2 : 0 над Ница во полуфиналето на Купот на Франција. Победата го одведе клубот во финалето на Купот на Франција, прв настап за клубот во финалето на ова натпреварување од 1955 година. На 7 мај, Азар постигнал гол од слободен удар за победа од 1 : 0 над Нанси. Три дена подоцна, втора сезона по ред бил номиниран за наградата „Играч на годината“. Во финалето на Купот на Франција, Азар играл до 89-та минута, во кое Лил со 1 : 0 го победил Пари Сен-Жермен на Стад де Франс. Една недела подоцна, Лил ја обезбедил титулата во првенството(„Лига 1“), со ремито од 2 : 2 на гости против Пари Сен-Жермен, освојувајќи ја првата титула во првенството по сезоната 1953-54, и исто така првата двојна титула по сезоната 1945-46. Домашниот куп и титулата во првенството биле првите два трофеја во кариерата на Азар. Една недела откако Лил го освоил првенството, Азар бил прогласен за Играч на годината во првенството и со тоа станал најмладиот играч кој ја добил наградата. Тој, исто така, втора сезона по ред бил награден со место во најдобриот тим на годината.

Сезона 2011 - 2012

уреди

Пред сезоната 2011-12, Азар го сменил бројот на неговиот дрес во 10-ка. Во првиот официјален натпревар на Лил, во новата сезона против Олимпик Марсеј, во Суперкупот на Франција, Азар постигнал гол за 2 : 0 во тој момент. Марсеј потоа направил пресврт и победил со 5 : 4. На 20 август, во третиот натпревар во првенството, Азар му асистирал на Беноа Педрети во првиот гол за Лил во победата од 2 : 1 над Кан. Еден месец подоцна, на 10 септември, тој постигнал два гола во победата од 3 : 1 на гости против Сент Етјен. Четири дена подоцна, Азар дебитирал во Лигата на шампиони, во ремито од 2 : 2 во групната фаза со рускиот тим ЦСКА Москва. Во следниот натпревар во првенството откако дебитирал во Лигата на шампионите, тој постигнал гол од пенал во ремито од 2 : 2 против Сошо. Три дена подоцна, Азар го постигнал израмнувачкиот погодок во ремито 1 : 1 против Бордо. Во неговиот втор настап во Лигата на шампиони, тој му асистирал на Муса Сов, во единствениот гол на Лил во ремито од 1 : 1 против турската екипа Трабзонспор. Откако поминале над два месеца без да постигне гол, на 3 декември Азар влегол во игра како резерва и го постигнал победоносниот гол против Ајачо од пенал, пенал кој бил изведен во стилот на Антонен Паненка. Два дена подоцна, Азар бил меѓу неколкуте играчи номинирани за Тимот на годината на УЕФА, за календарската 2011 година. Потоа тој се преселил во екипата на Челси за сума од 35 милиони фунти каде што беше најавено како најскапо засилување во Англија и најдобар трансфер на Челси истата година.

Репрезентативна кариера

уреди

Младински репрезентации

уреди

Азар има играно за различни млади репрезентации на Белгија, како селекциите до 17 години и до 19 години. Со репрезентацијата до 17 години, Азар бил стандарден во тимот и забележал 17 настапи и постигнал четири гола. Тој играл со репрезентацијата на Тото купот, годишен младински репрезентативен турнир кој се одржал во Австрија, и исто така играл на Европското првенство за играчи до 17 години, чијшто домаќин била Белгија во 2007 година. На првенството, Азар го постигнал својот прв погодок од пенал во ремито од 2 : 2 против Холандија во првиот натпревар на првенството. Во текот на првенството, Азар ги импресионирал медиумите и тренерите, со што поттикна многумина во Белгија да го споредуваат со белгиската фудбалска легенда Енцо Шифо. Белгија загубила од Шпанија со 7 : 6 на пенали и била елиминирана во полуфиналето на првенството. Белгија била на неколку минути до победа, благодарение на автоголот на Давид Рокела за кој Азар беше делумно заслужен, но, сепак напаѓачот на Барселона, Бојан Кркиќ, го израмнил резултатот и го одвел натпреварот во продолженија. Бидејќи се пласирале на третото место на првенството, Белгија се пласира на Светското првенство за играчи до 17 години кое се одржало во Јужна Кореја. Азар бил избран во тимот и играл на сите три натпревари во групата, во која Белгија била елиминирана.

Азар го надмина со години тимот на Белгија до 18 години, и почна да добива повици за настап од тимот до 19 години во октомври 2007 година. Тој за првпат настапи како резерва на натпреварот против Романија во победата од 4 : 0 во квалификациите за Европското првенство за играчи до 19 години во 2008 година. Тој потоа играл на следните два натпревари во групата против Исланд и Англија. Белгија ги загубила двата натпревара. Негативните резултати ја елиминирале репрезентацијата од натпреварувањето. Заради тоа што бил малолетен играч претходната година, Азар имал право на настап во тимот до 19 години за сезоната 2008-09. Заради сè почестите настапи во првиот тим на Лил, на Азар од неговиот клуб му било дозволено да учествува единствено во квалификациите за Европското првенство за играчи до 19 години во 2009 година, и како резултат на тоа, тој го пропуштил Милк купот во 2008 година, кој се одржал за време на подготовките на Лил за новата сезона. На 7 октомври, тој го постигнал својот прв гол за репрезентацијата до 19 години, во победата од 5 : 0 над Естонија. Три дена подоцна, тој бил двоен стрелец во ремито од 2 : 2 против Хрватска. Во втората квалификациска рунда, Азар бил предводник на тимот со три погодоци. На првиот натпревар во квалификациите против Република Ирска, тој го постигнал единствениот гол. На следниот натпревар, Азар бил клучен во демолирањето на Шведска со 5 : 0, постигнувајќи гол и асистирајќи на уште два гола. Во последниот натпревар тие се соочија со Швајцарија. На Белгија ѝ била потребна победа за сигурен пласман на Европското првенство за играчи до 19 години, но сепак тие биле елиминирани во квалификациите по нерешениот резултат 1 : 1 против Швајцарија, и покрај тоа што Азар го отворил резултатот во 21-та минута за Белгија.

Сениорска репрезентација

уреди

Иако Азар сè уште можел да ја претставува Белгија на младинско ниво, на 18 ноември 2008 година, тој бил повикан за првпат во сениорскиот тим на Белгија од селекторот Рене Вандерејкен за натпреварот против Луксембург. Тој го направил долгоочекуваното деби, откако влегол во игра како замена за Весли Сонк во 67-та минута. Со своето деби, Азар станал осмиот најмлад играч во историјата на белгискиот фудбал, кој со 17 години и 316 дена играл за националниот состав. На 12 август 2009 година, по три последователни настапи како резерва за репрезентацијата, тој за првпат бил во почетниот состав под водство на селекторот Франк Веркаутерен во поразот од 3 : 1 на пријателскиот натпревар со Чешка. По оставката на Веркаутерен, тој бил заменет од Дик Адвокат. Под водство на Адвокат, Азар станал првотимец во составот и на 14 ноември 2009 година одиграл цел натпревар за првпат во неговата репрезентативна кариера. Во натпреварот кој се одиграл против Унгарија, Азар асистирал на двата погодока во победата од 3 : 0.

Адвокат бил заменет на селекторската функција со Жорж Лекенс на 10 мај 2010 година. Откако бил стартер на првите три натпревари под водство на Лекенс, Азар почнал да настапува како резерва за Белгија во текот на сезоната 2010-11. Лекенс го оправдал префрлањето на клупата на Азар посочувајќи ги настапите на играчот во првенството, кои биле разочарувачки во тој период, а исто така признал дека Азар покажува недостаток на желба на тренинзите со репрезентацијата и често ги запоставувал дефанзивните задолженија за време на репрезентативните натпревари. Откако настапил како резерва на два натпревари по ред, Азар се вратил во почетниот состав на пријателскиот натпревар против Русија во ноември 2010 година. На натпреварот кој го добила Белгија со 2 : 0, Азар бил асистент на првиот погодок на Ромел Лукаку. Откако настапил како стартер на натпреварот со Финска во февруари 2011 кој завршил нерешено 1 : 1, Азар бил префрлен повторно на клупата за важните квалификациски натпревари во март за Европското првенство 2012, бидејќи Лекенс се одлучил за Насер Шадли и Муса Дембеле на крилните позиции. На квалификацискиот натпревар против Азербејџан на 29 март, тој настапил како замена во второто полувреме и бил асистент на последниот гол за тимот во победата од 4 : 1. По натпреварите, француските медиуми започнале да прашуваат зошто Азар се бори да биде ценет во неговата родна земја, додека во исто време е возвишуван во Франција. Марк Вилмотс, помошник-тренерот во репрезентацијата одговорил на извештаите во медиумите, за коишто наведува: „Некои луѓе ги гледаат само квалитетите на Еден“ и дека „францускиот печат понекогаш е заслепен од неговите моменти на магија.“

Во следниот натпревар за Белгија против Турција на 3 јуни 2011, Азар го започнал натпреварот, но бил заменет по 60 минути. Разочаран од својот настап и замената, играчот од средниот ред заминал во соблекувалната и подоцна бил забележан на телевизија надвор од стадионот со своето семејство како јаде хамбургер, додека натпреварот сè уште бил во тек. По настанот, кој станал познат како „Бургергејт“ во Белгија, Азар се извинил за дезертерството, додека Лекенс ја препишал одговорноста за заменувањето на клупа на Азар со „грешката која ја направил младиот играч“. На 4 август, Лекенс најавил дека против Азар ќе биде покрената дисциплинска постапка за неговото однесување за време на натпреварот со Турција, и како резултат на тоа ќе го пропушти пријателскиот натпревар против Словенија на 10 август, како и возвратниот квалификациски натпревар против Азербејџан на 2 септември и пријателската средба против САД четири дена подоцна. На 9 август, менаџерската групација која го застапувала Азар издала соопштение за белгиските медиуми. Одбраната детално ги објаснила постапките на Азар за време на натпреварот со Турција, и ја критикувала суспензијата од три натпревари, а исто така изразила сомнеж за постојаните критики на Лекенс кон Азар. На 25 август, било објавено дека Лекенс ја укинал суспензијата на Азар, и подоцна играчот од средниот ред бил повикан да игра во тимот за натпреварите во септември. Лекенс одлучил да ја укине суспензијата, откако имал средба со Азар, која била организирана од менаџерот на играчот.

На 7 октомври, речиси три години по своето деби, Азар го постигнал својот прв гол во репрезентацијата против Казахстан, во победата од 4 : 1. Победата ја одвела Белгија на втората позиција во групата, во квалификациите за Европското првенство 2012, во која на Белгија и била потребна победа против Германија на 11 октомври за да обезбеди место во баражот. На натпреварот против Германија, Азар го одиграл целиот натпревар, а Белгија не успеала да обезбеди пласман на Европското првенство, откако загубила со 3 : 1 во Диселдорф.

Стил на игра

уреди

Азар првенствено игра или како офанзивен играч од средниот ред или како крило и е посочен како веројатно најголемиот талент во Европа. Под водство на тренерот на Лил, Руди Гарсија, Азар често играл во второспоменатата улога, во формацијата 4-3-3 на тимот, и постојано ги менувал крилните позиции заради неговата способност успешно да ги користи двете нозе. Две од највпечатливите одлики на Азар се неговата брзина и техничката способност, кои се опишани како „неверојатни“, односно „застрашувачки“. Капитенот на тимот, Рио Мавуба, го опишал Азар како одличен играч, со огромен талент. Тој, всушност, не е толку голем, но е многу брз. Тој е исто така тежок за чување, а неговата завршница е врвна. Брзината на Азар комбинирана со неговата завршница и немоќта лесно да се задржи, го навеле неговиот поранешен тренер, Клод Пиел, да го нарече „малиот Меси“ во споредбата со ѕвездата на Барселона. Мислењата на Пиел, подоцна беа повторени од Роланд Курбис, поранешниот тренер на Марсеј и медиумска личност, кој искоментира: „На моменти ми изгледа како Лионел Меси на десната страна“. Талентот и вештината во стилот на игра на Азар, биле опишани како слични со оние на ѕвездата на Реал Мадрид, Кристијано Роналдо, споредба која подоцна ја повтори поранешниот француски репрезентативец, Кристоф Дигари. Неговата визија во играта, опишана како одлика која тој најмногу ја има подобрено, му овозможила да се развие во ефикасен асистент, одлика со која надоместува за релативно малиот број на постигнати погодоци.

Во Белгија, талентот на Азар и сличното возвишување во фудбалската хиерархија во земјата, довело до споредба со поранешниот белгиски репрезентативец, Енцо Шифо. Двајцата играчи се од ист роден град, а Шифо поминал период со Азар додека тој бил во Тибиз, признавајќи: „Како што знаете, му бев тренер во Тибиз. Во текот на неделата, водев грижа за младите играчи барем еднаш, и во тие денови веднаш забележав дека тој има сигурна иднина“. Сепак, и покрај позитивните мислења, Азар претрпел и критики од некои. Неговиот поранешен селектор во репрезентацијата и ментор, Дик Адвокат, се согласил со мнозинството дека Азар поседува сè што треба за да биде играч од светска класа, но Адвокат сепак признал дека напаѓачот немал харизма и наведе „Му реков да биде похаризматичен. Тој е талентиран, но не може да се потпира на тоа засекогаш“. Во 2010 година, актуелниот селектор на репрезентацијата, Жорж Лекенс, се посомневал во залагањето на теренот на Азар. Директорот на младинската академија на Лил, Жан-Мишел Вандам, се спротивставил на критиките на селекторите, тврдејќи дека Азар едноставно поседува интелектуална искреност што е надвор од вообичаеното и неочекувано за денешните фудбалери, изјавувајќи: „Тој е вистински натпреварувач, не е измамник ниту плачко, затоа што нема да го слушнете како се жали кога ќе биде фаулиран“. Смиреноста на Азар и сталоженото однесување на теренот, се посочени како едни од неговите најдобри атрибути.

Статистика во кариерата

уреди

Клупска статистика

уреди
Клуб Сезона Првенство Куп[nb 1] Европа Друго[nb 2] {| class="wikitable" style="text-align:center;"
Club Season League Cup[nb 3] Europe Вкупно[nb 4] Вкупно
Настапи Голови Асистенции Настапи Голови Асистенции Настапи Голови Асистенции Настапи Голови Асистенции Настапи Голови Асистенции
Lille 2007–08 4 0 0 0 0 0 4 0 0
2008–09 30 4 1 5 2 2 35 6 3
2009–10 37 5 8 3 1 0 12 4 1 52 10 9
2010–11 38 7 10 7 5 0 7 0 0 52 12 10
2011–12 19 7 5 1 1 0 6 0 1 1 1 0 27 9 6
Вкупно 128 23 24 17 10 2 25 4 2 1 1 0 170 37 28
Вкупно во кариерата 128 23 24 17 10 2 25 4 2 1 1 0 170 37 28

Репрезентативно ниво

уреди
Репрезентација Сезона Настапи Голови Асистенции
Белгија 2008–09 4 0 1
2009–10 8 0 3
2010–11 8 0 3
2011–12 5 1 0
Вкупно 25 1 7

Голови за репрезентација

уреди
# Датум Стадион Противник Резултат Резултат Натпреварување
1 7 октомври 2011 Стадион крал Бодуен, Брисел, Белгија   Казахстан
2–0
4–1
UEFA Euro 2012 qualifying
Correct as of 7 October 2011

Награди

уреди

Клуб

уреди
  • Титула во Лига 1 (1): 2010–11
  • Куп на Франција (1): 2010–11

Поединечни

уреди
  • Играч на годината во Лига 1 (1): 2010–11
  • Млад играч во Лига 1 (2): 2008–09, 2009–10
  • Тимот на годината во Лига 1 (2): 2009–10, 2010–11
  • Играч на месецот (2): март 2010,[155] март 2011

Белешки

уреди
  1. Вклучително мечевите од Купот на Франција и Купот на лигата
  2. Вклучително мечевите Светскиот клупски куп ФИФА, Супер купот УЕФА и Трофеј на шампионите
  3. Вклучително мечевите од Купот на Франција и Купот на лигата
  4. Вклучително мечевите Светскиот клупски куп ФИФА, Супер купот УЕФА и Трофеј на шампионите

Наводи

уреди
  1. „Eden Hazard Chelsea profile“ (француски). Chelsea F.C. 20 August 2012. Посетено на 28 July 2011.
  2. 2,0 2,1 „Eden Hazard“. ESPN FC. Посетено на 19 April 2011.
  3. „St Etienne v Lille: Preview“. ESPN. 5 March 2010. Архивирано од изворникот на 17 March 2010. Посетено на 10 April 2010.
  4. Leach, Jimmy (30 November 2009). „Arsenal: potential transfer targets“. The Independent. Архивирано од изворникот на 3 December 2009.
  5. Lyttleton, Ben (18 April 2011). „Ten top Ligue 1 talents who could be on the move this summer“. Sports Illustrated. Архивирано од изворникот на 2013-12-10. Посетено на 19 April 2011.
  6. Benammar, Emily (1 April 2010). „Eden Hazard, the Lille winger dubbed 'the next Lionel Messi“. The Daily Telegraph.
  7. „Scout Report: Arsenal and Manchester United target Eden Hazard“. Football Transfer Tavern. 8 January 2010. Архивирано од изворникот на 2016-03-07.
  8. „Could Lille's Eden Hazard go to Emirates? Liverpool eye Heskey“. The First Post. 23 December 2009. Архивирано од изворникот на 2013-09-26.
  9. „Foreign correspondent: Eden Hazard“. Ligue de Football Professionnel. 2 November 2009.
  10. „Eden Hazard, un genio del desborde“. Marca (шпански). 1 April 2010.
  11. „Eden Hazard prolonge son contrat au LOSC“ (француски). Lille OSC.
  12. „Hazard named Young Player of Year“. Ligue de Football Professionnel. 25 May 2009.
  13. „Chelsea man to stay at Borussia Mönchengladbach“. BBC Sport. 24 February 2014. Посетено на 25 February 2014.
  14. „A 3 year agreement was signed today with Kylian Hazard“ (англиски). ujpestfc.hu. 27 June 2015. Архивирано од изворникот на 2020-07-30. Посетено на 27 June 2015. Не се допушта закосување или задебелување во: |publisher= (help)
  15. „Eden to the top“. The Sun. 24 May 2015.
  16. „Hazard est papa“ (француски). DH.be. 19 December 2010. Посетено на 19 December 2010.
  17. „Hazard déjà papa!“ (француски). Maxifoot. 19 December 2010. Посетено на 19 December 2010.
  18. „Hazard voor derde keer vader“ (холандски). 27 September 2015. Посетено на 7 December 2015.
  19. „À Braine-le-Comte, sur les traces d'Eden Hazard“ (француски). Nord Éclair. 15 November 2011. Архивирано од изворникот на 22 April 2012.
  20. 20,0 20,1 „8 nouveaux professionnels au LOSC“. Lille OSC (француски).
  21. Грешка во наводот: Погрешна ознака <ref>; нема зададено текст за наводите по име eden_family.
  22. „Lille's Hazard looks back and forward to Trabzonspor“. UEFA. 27 September 2011.
  23. „Racing CF 92 3–1 LOSC 2“ (француски). Lille OSC. 1 September 2007.
  24. „LOSC 2 0–1 Lesquin“ (француски). Lille OSC. 9 September 2007.
  25. „Formation: carton plein des 18 ans Nationaux!“ (француски). Lille OSC. 12 November 2007.
  26. „Lille v. Metz Match Report“ (француски). Ligue de Football Professionnel. 12 January 2008. Архивирано од изворникот на 18 March 2012. Посетено на 19 April 2011.
  27. „Sochaux v. Lille Match Report“ (француски). Ligue de Football Professionnel. 19 January 2008. Архивирано од изворникот на 18 March 2012.
  28. „Lille v. Paris Saint-Germain Match Report“ (француски). Ligue de Football Professionnel. 26 January 2008. Архивирано од изворникот на 18 March 2012.
  29. „LOSC 2 3–2 Vitré“ (француски). Lille OSC. 17 May 2008.
  30. „Football Lille Effectif 2007/2008“ (француски). Stat2Foot. Архивирано од изворникот на 2 April 2012.
  31. „Joueurs CFA 2007/2008“ (француски). Lille OSC. 19 April 2011.

Надворешни врски

уреди