Евровалута
Евровалута (англиски: Eurocurrency) — депозит во домашна банка, деноминиран во некоја странска валута (на пример, депозит во британска банка кој е деноминиран во долари). Овие валути се нарекуваат „евровалути“ затоа што најпрвин се појавиле во Европа, но потоа се прошириле и на другите финансиски центри. Оттука, депозит кој е деноминиран во долари, а се наоѓа во банка во Сингапур, исто така, претставува пример за евровалута (наречен евродоларски депозит или, едноставно, евродолари). Најпосле, и покрај сличноста во името, овој финансиски инструмент нема врска со еврото како заедничка валута на земјите од ЕУ.
Историја
уредиПазарот на евровалути се појавил во 1950-тите како пазар на депозити деноминирани во долари, но надвор од САД. Всушност, постојат различни верзии за настанувањето на овој пазар, но сите се поврзани со Студената војна, кога СССР не сакал доларите да ги чува во американските банки, плашејќи се од можното блокирање и поради тоа почнал доларите да ги депонира во банките во Лондон. Според една верзија, евровалутниот пазар започнал да се развива така што една англиска банка (Midland Bank) во 1955 година почнала да нуди депозити кои гласеле на американски долари при што на нив исплаќала малку повисока камата во споредба со каматата што ја исплаќале американските банки, а која во тоа време била ограничена на максимум 1 % на депозитите со рочност од 30 дена. На почетокот, Банката на Англија била загрижена поради ваквата активност, но набргу сфатила дека тоа имало поволно влијание врз зачувувањето на статусот на Лондон како водечки светски финансиски центар. Според друга верзија, СССР и другите комунистички земји од Источна Европа ги депонирале девизите во една француска банка чија телекс-адреса била EURO-BANK и така настанало името на овој пазар. Како друга причина за подемот на евровалутниот пазар се наведуваат ограничувањето на висината на каматните стапки на депозитите во американските банки (т.н. „регулација Q“) и повисоката стапка на задолжителна резерва во САД во споредба со Британија. Сето тоа предизвикало распонот меѓу каматните стапки на кредитите и на депозитите во САД да го надмине распонот во лондонските банки, кои на тој начин станале попривлечни за меѓународните клиенти. Понатаму, според некои мислења, постојаниот раст на трговските дефицити на САД, исто така, предизвикал услови за појава на евродоларскито пазар. Најпосле, како значаен фактор во појавата на евровалутниот пазар се наведува и развојот на меѓународното банкарство. Со текот на времето, покрај евродоларските депозити, банките почнале да нудат и депозити деноминирани во други валути, а покрај британските банки, на пазарот се вклучиле и банките сместени во Лондон, Сингапур, Токио, на Бахамите итн.Многу важен фактор кој придонесол за силен развој на евровалутниот пазар бил подемот на ОПЕК чии членки ги депонирале доларите од продажбата на нафта во лондонските банки.[1][2][3][4]
Крактеристики
уредиОсновната одлика на веровалутниот пазар е тоа што тој е пазар на големо. Тоа значи дека на него се тргува со големи износи, вообичаено поголеми од еден милион долари. Понатаму, главни учесници на овој пазар се банките, односно најголем дел од трансакциите се извршуваат меѓу самите банки, а помал дел меѓу банките и небанкарските фирми. Понатаму, каматните стапки на евровалутниот пазар се тесно поврзани со соодветните домашни каматни стапки. На овој пазар се тргува со депозити чија рочност најчесто е помала од три месеци, а покрај банките, главни клиенти се државите и мултинационалните претпријатија. Евровалутниот пазар е нерегулиран: на пример, обврската за издвојување задолжителна резерва не се однесува на евродоларските депозити. Исто така, на евровалутниот пазар се издаваат и хартии од вредност (Еврокомерцијални записи и Евроцертификати за депозити) со кои се тргува на секундарниот пазар. На страната на кредитите, најголем дел од нив се во форма на синдицирани кредити, односно кредитите ги одобрува група од повеќе банки, кои на тој начин го намалуваат ризикот. Овие кредити најчесто имаат рочност меѓу 3 и 15 години, а вообичаено се одобруваат со променлива каматна стапка која е заснована врз ЛИБОР. Покрај ЛИБОР, на евродоларскиот пазар се применува уште една каматна стапка - ЛИБИД (London Interbank Bid Rate), која ја претставува каматната стапка која ја нудат банките на примените депозити, но таа има помало значење. Всушност, разликата меѓу ЛИБОР и ЛИБИД го претставува распонот (spread) кој го остваруваат банките на евродоларскиот пазар. Во однос на монетарните ефекти на евровалутниот пазар, се смета дека тој не предизвикува пораст на глобалната ликвидност, туку само претставува прераспределба на ликвидноста од домашниот кон меѓународниот пазар.[5][6]
Најголемиот дел од активностите со евровалутите се одвиваат во пет финансиски центри: Западна Европа (особено, Лондон), Карибите и Средна Америка, Средниот Исток, Далечниот Исток и САД (особено, Њујорк). Притоа, Лондон е најстариот и најголемиот центар за трговија со евровалути; на Карибите, Кајманските острови претставуваат една од најпривлечните локации на кои американскиет банки отвораат „празни“ филијали; на Блискиот Исток, Бахреин е главниот центар за тргување со евровалути и, воопшто, со девизи; на Далечниот Исток, главните центри се Токио, Сингапур и Хонгконг; од декември 1981 година, американските банки, како и филијалите на странските банки во САД, имаат можност да основаат т.н. Служби за меѓународно банкарство (International Banking Facilities, IBFs), изземени од федералните даноци, обврската за задолжителна резерва и осигурувањето на депозитите, а сето тоа придонело за подемот на Њујор како еден од центрите на евровалутниот пазар.[7]
Наводи
уреди- ↑ Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 60.
- ↑ Cheol S. Eun and Bruce G. Resnick, International Financial Management. Boston etc.: Irwin/McGraw-Hill, 1998, стр. 146.
- ↑ Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 67-70.
- ↑ J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 36.
- ↑ Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, стр. 70-73.
- ↑ J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, стр. 35-36.
- ↑ Dileep Mehta and Hung-Gay Fung, International Bank Management. Blackwell Publishing, 2004, стр. 87-88.