Комерцијален запис

(Пренасочено од Комерцијални записи)

Комерцијален запис (англиски: commercial paper; германски: Wechsel) — кусорочна хартии од вредност со рок на достасување од 5 до 45 дена, а најдолго до девет месеци. Комерцијалните записи ги издаваат банките, другите финансиски институции и претпријатијата со цел да обезбедат средства за финансирање на тековното работење. Главни инвеститори во комерцијални записи се: инвестициските фондови, осигурителните друштва, банките итн.

Издавање и трговија со комерцијални записи

уреди

Комерцијалните записи претставуваат дисконтни хартии од вредност, т.е. тие се продаваат по цена пониска од номиналната вредност, иако може да се издаваат и како каматоносни хартии од вредност. Вообичаено, комерцијалните записи гласат на доносител, т.е. не постои обврска за регистрирање на изданието, како што е случај со акциите. Тие претставуваат неосигурени хартии од вредност, затоа што не се опфатени со шемите за осигурување на депозитите, ниту пак нивното издавање е обезбедено со некој имот. Оттука, комерцијалните записи вообичаено ги издаваат фирми што се одликуваат со висок углед. Вообичаено, комерцијалните записи гласат на висока номинална вредност: на пример, во САД, минималната номинална вредност изнесува 100 000 долари, додека максималната вкупна вредност на комерцијалните записи, издадени од една фирма изнесува 12 милијарди долари. Во САД постои најголем пазар на комерцијални записи, а потоа следува пазарот во Јапонија, кој сепак е шест пати помал од американскиот, додека во Европа, комерцијалните записи се јавуваат во поново време. Помеѓу земјите во транзиција, комерцијалните записи за првпат се појавија во Чешка, во ноември 1991 г.[1]

Комерцијалните записи се издаваат на два начина: преку директна продажба на инвеститорите или преку дилерите на хартии од вредност. На почетокот, комерцијалните записи претежно се издавале со посредство на дилерите, но денес доминира првиот начин. Големите фирми, кои уживаат голем углед кај инвеститорите, најчесто самостојно ги издаваат комерцијалните записи и така ги избегнуваат провизиите што би им ги платиле на посредниците. Притоа, со цел да ја зголемат привлечноста на комерцијалните записи, нивните издавачи применуваат различни мерки, како што се:[2]

  • обезбедување гаранција од некоја банка, којашто ја гарантира исплатата на долгот доколку издавачот не ги исполни своите обврски,
  • давање можност комерцијалните записи да се употребат за плаќање на производите што ги продава фирмата-издавач,
  • плаќање повисока камата во споредба со каматата на банкарските депозити итн.

Комерцијалните записи нудат повисоки стапки на принос во споредба со другите кусорочни хартии од вредност, меѓутоа за нив не постои развиен секундарен пазар, така што понекогаш може да се јават проблеми со нивната ликвидност. Освен тоа, кредитниот ризик кај нив е повисок во споредба со другите кусорочни хартии од вредност. Оттука, познатите специјализирани агенции редовно го објавуваат кредитниот ризик на комерцијалните записи. Така, агенцијата Мудис, кредитниот ризик на комерцијалните записи го оценува со симболите Р1, Р2 и Р3, додека агенцијата Стандард & Пуарс ги употребува симболите А1, А2 и А3.

Еврокомерцијален запис

уреди

Еврокомерцијалниот запис е комерцијален запис кој се издава на евровалутниот пазар. Најчесто, еврокомерцијалните записи се деноминирани во американски долари. Долго време, ликвидноста на овој пазар била далеку помала во споредба со онаа на американскиот пазар на комерцијални записи, зашто повеќето европски и азиски фирми се финансирале претежно со синдицирани заеми. Но, по 2000 година, пазарот на еврокомерцијални записи бележи значаен пораст, како последица на неколку фактори, како: консолидацијата на финансиските пазари во ЕУ по воведувањето на еврото; зголемената побарувачка заради поголемиот број спојувања и преземања во Европа; подемот на секјуритизацијата. И овие се издаваат со куси рокови на достасување и не носат купонска камата, туку претставуваат дисконтни хартии од вредност.[3] Оттука, и нивните цени се изразуваат на дисконтна основа. На пример, комерцијален запис со номинална вредност од 100 долари, со рочност од 60 дена и со каматна стапка од 6% ќе се продава по цена од 100 − 6% (60/360) = 99 долари. Еврокомерцијалните записи не мора да имаат кредитен рејтинг и поради тоа носат повисока каматна стапка од американските комерцијални записи. Банките кои се активни на пазарот на еврокомерцијални записи остваруваат заработка од разликата меѓу куповните и продажните цени, а оваа маржа вообичаено е многу ниска. Овие хартии од вредност имаат активен секундарен пазар, а главни инвеститори се: банки, други финансиски институции, мултинационални компании и централни банки.[4]

Комерцијалните записи во Македонија

уреди

Во Македонија, според Законот за хартии од вредност, само акционерските друштва и командитните друштва со акции може да издаваат комерцијални записи. Притоа, износот на секое поединечно издание на комерцијални записи не може да биде поголем од основната главница на издавачот, освен во случај кога изданието е гарантирано од некоја банка. Сепак, наспроти законските можности, до ден-денес не е забележан ниту еден случај на издавање комерцијални записи.[5]

Извори

уреди
  1. Михаил Петковски, Финансиски пазари и институции, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2009, стр. 199-200.
  2. Сашо Арсов, Финансиски менаџмент, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2008, стр. 324-326.
  3. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 292.
  4. Dileep Mehta and Hung-Gay Fung, International Bank Management. Blackwell Publishing, 2004, стр. 98.
  5. Горан Петревски, Управување со банките, Универзитет Св. Кирил и Методиј, Економски факултет, Скопје, 2008, 271-272.