Синдициран кредит

Синдициран кредит (англиски: Syndicated loan) — кредит кој го одобрува поголема група банки, наречена синдикат.

Одлики уреди

Синдицираниот кредит го одобрува група од повеќе банки, кои за извршување на таа трансакција формира здружение, наречено синдикат. Притоа, целиот износ на кредитот се распределува на одделните банки, но таа распределба вообичаено не е рамномерна. Бидејќи во синдикатот учествуваат повеќе банки, една од нив ја презема улогата на водечка банка (lead bank, lead manager) и таа ја организира и ја води целата трансакција (го договара износот на кредитот, рочноста, условите, каматната стапка и провизиите), а за тоа заработува определена провизија (покрај каматната стапка на одобрениот кредит). Откако ќе го добие барањето за кредит, кое се нарекува „мандат“ (англиски: mandate), водечката банка ги договара со должникот условите на кредитот, а истовремено почнува да собира други банки кои ќе го сочинуваат синдикатот. Откако ќе биде постигнат претходен договор за кредитот, водечката банка подготвува брошура, наречена „меморандум за пласирање“ (англиски: placement memorandum) која им ја испраќа на банките со повик да земат учество во синдикатот. Водечката банка има сложени односи со членовите на синдикатот, кои можат да имаат различни улоги (co-lead manager, manager, participant bank). За своите активности, учесниците на синдикатот остваруваат заработка на повеќе начини, како: провизија која се пресметува уште при одобрувањето на кредитот, распонот меѓу каматната стапка на кредитот и референтната каматна стапка, провизија за банката која делува како менаџер, т.е. посредник меѓу должникот и членовите на синдикатот, провизија на неискористениот дел од кредитот итн.[1]

Синдицираниот кредит може да биде одобрен на два начина: врз основа на најдобар напор (best efforts) или да биде запишан (underwritten): во првиот случај, синдикатот не гарантира дека ќе го обезбеди цлокупниот износ на кредитот, додека во вториот случај постои таква гаранција. Синдицираните кредити можат да имаат фиксен рок на достасување или да бидат во форма на обновливи кредити (revolving loans), а најчесто се одобруваат со рок меѓу 3 и 15 години, односно спаѓаат во групата на среднорочни кредити. На овие кредити се наплаќа променлива каматна стапка, која вообичаено е заснована врз ЛИБОР. Предноста на синдицираните кредити се состои во големината на кредитот, приватноста на трансакцијата, флексибилноста и брзината на неговото извршување. Имено, бидејќи во трансакцијата учествуваат повеќе банки, тоа им овозможува заеднички да одобрат кредит на многу голем износ кој не би можела (или не би сакала) да го одобри ниедна поединечна банка. На пример, во 1989 година, синдикатот на банки, предводен од Kohlberg Kravis Roberts одобрил кредит во износ од 13,6 милијарди долари, наменет за преземање на R. J. R. Nabisco. Исто така, поради групното извршување на трансакцијата, кредитот може да одобри за многу кратко време. На пример, синдикатот предводен од „Морган Гаранти“ му одобрил кредит на „Бритиш Петролеум“ во износ од 15 милијарди долари, а целата трансакција била спроведена за само пет дена. Од аспект на банките кои учествуваат во синдикатот, овие кредити се привлечни зашто ја намалуваат нивната изложеност на кредитен ризик кон должникот.[2][3][4]

Синдицираните кредити во Македонија уреди

И во македонскито банкарски систем постојат примери на синдицирани кредити. Така, во 2020 година, НЛБ Банка била водечка банка во синдицираниот кредит во износ од 72 милиони евра, одобрен за финансирање на изградбата на трговскиот центар „East Gate Mall“ во Скопје. НЛБ Банка била носител на сите активности поврзани со организацијата, координацијата и раководењето со финансиската конструкција, а нејзиното учество во овој кредит иззнесувало 18,5 милиони евра.[5]

Наводи уреди

  1. Dileep Mehta and Hung-Gay Fung, International Bank Management. Blackwell Publishing, 2004, стр. 102-103.
  2. Kent Matthews and John Thompson, The Economics of Banking. John Wiley and Sons, Chichester, 2005, 71.
  3. J. Ashok Robin, International Corporate Finance. New York: McGraw-Hill/Irwin, 2011, 290.
  4. Jeff Madura, International Financial Management (ninth edition). Thomson South-Western, 2008, стр. 63-64.
  5. Мирослав Саздовски, „НЛБ Банка АД Скопје - банка лидер на синдициран заем од 72 милиони евра“, Економија и бизнис, година 22, број 265, септември 2020, стр. 6.