Драган Ѓаконовски-Шпато

македонски композитор на џез и забавна музика

Драган Ѓаконовски-Шпато (Скопје, 11 март 1931Скопје, 3 јануари 1987) — истакнат македонски композитор, диригент и музички аранжер. Важи за зачетник на македонската забавна музика. Како автор на бројни забавни мелодии, на аранжмани за забавна музика и џез, почнувајќи од првите повоени години. Бројни генерации се сеќаваат на неговите популарни композиции, како и на првата македонска џез-композиција насловена „Тема I“, што ја создал во 1947 година. Тој бил извонредно надарен музички инструменталист кој формирал повеќе оркестри и групи.

Драган Ѓаконовски - Шпато
Роден 11 март 1931
Скопје, Вардарска Бановина, Кралство Југославија
Починал 3 јануари 1987(1987-01-03) (возр. 55)
Скопје, СР Македонија, СФРЈ
Занимање композитор, џез-музичар, диригент, музички аранжер
Сопружник Марија Ѓаконовска
Деца Мартин Ѓаконовски

Кратка биографија уреди

Драган Ѓаконовски-Шпато бил оженет со џез-пејачката Марија Ѓаконовска. Нивниот син Мартин Ѓаконовски е џез-басист во Германија. Татко му, Васил Ѓаконовски, како и постариот брат, Хари, исто така, биле музичари.[1]

Семејство уреди

Јован, дедото на Драган, бил ѓакон во црква во Скопје, па оттаму презимето Ѓаконовски. Шпато, семејниот прекар, доаѓа од зборот шпат, што на албански значи сабја, а тоа доаѓа од тоа што дедо му често бил во конфликти со Турците.

Драган, кој како дете го викале Гано, бил отворен, слободен, самостоен, љубопитен, со неисцрпна фантазија, дарба за цртање, бил авторитет. Сакал да учи, да истражува, да конструира, да направи нешто ново, необично, едноставно се разликувал од другите. Во 1941 година, на почетокот на германската окупација, Васил, кој едвај се извлекол од Воената  болница во Скопје, го зел своето семејство и избегале во селото Љубанци. Драган морал да го напушти четвртото одделение. Татко му се вратил во Скопје каде свирел во кафеани и тајно се наоѓал со другарите комунисти.

Во наредните години, стигнала вест дека Васил е болен од цироза на црниот дроб. До средината на 1951 година здравјето на Васил многу се влошило и тој починал на 1 јули. Драган бил испратен во Отешево каде што почнал да го служи шестгодишниот воен рок со служење во воениот оркестар кој му овозможил да биде блиску до музиката.[2][3]

Музички почетоци уреди

Роден во музичко семејство. Татко му имал репутација на „најдобар мандолинист на Балканот“, мајка му била пејачка, а постариот брат Хари, исто така се занимавал со музика. Драган почнал да учи виолина од својата шеста година. Набрзо, престанал да свири виолина, но не престанал и неговиот интерес за музиката.

Татко му Васил лесно ги препознал предиспозициите и желбите на син му и му купил хармоника („Хохнер“ за која подоцна Шпато напишал дека била неговиот „инструмент од соништата“). Првиот свој јавен настап го имал како член на семејното трио (со татко му и брат му) за ранетите партизани во манастирот во село Љубанци. Вистинското јавно  претставување му било со истото трио во програмата на Радио Скопје (за што самиот Шпато вели  „...мислев  дека ќе  летнам  од некоја  возбуда, задоволство,  радост...“) и токму  тој настап на триото „Шпато“, многумина  го сметаат за почетокот на македонската забавно-музичка сцена.

Во тој момент Драган почувствувал дека музиката ќе биде негова животна определба. Со брат му Хари формираат Забавен салонски оркестар, кој во почетокот свирел од печатени  аранжмани, но набргу за него почнал да прави своевидни инструментации (аранжмани)  самиот Драган Ѓаконовски. 

На 14 години, во една ситуација за истиот тој оркестар, Драган направил една минорна грешка во аранжманот, односно во регистарот на еден од инструментите. Музичарите го поправиле, му ја посочиле грешката, не било ништо сериозно, но тој го сфатил тоа лично и се засрамил. Тоа било причина да ги проучи инструментите во секоја  смисла.

Во 1946 почнал да формира и мали состави во кои правел аранжмани на тогаш познатите  евегрини, во тие состави тој свирел хармоника. Во истата година се запишал во Средно музичко училиште (во кое за жал, не завршил ниту 3 години). Паралелно со ова продолжил  да ја следи светската, главно џез-музика и да мелографира и да аранжира музика од  тогашните најголеми светски имиња. Постојано свирел со мали состави и со оркестарот на брат му.

Првите композиции уреди

Во 1948 година како 17-годишно момче формира нов, поголем ансамбл  –  „Саџо“ (Студентски аматерски џез-оркестар) за кој мелографирал и аранжирал голем број композиции, речиси сѐ што ќе слушнел и ќе му се допаднело, го адаптирал за оркестарот. Тоа било голема преродба за него. Овој состав кој му делувал охрабрувачки,  полека  го навел во композиторскиот свет. Тогаш ја создал и својата прва композиција „На игранка“ (напишана со голема винимателност како не би наликувала на некоја туѓа песна), компонирана во стил на блуз дванаесетерец. Таа композиција, во 1983 година на Скопскиот џез-фестивал неофицијално е прогласена за прва македонска џез-композиција.

Пишувал по 3 – 4 композиции годишно, многу му било важно тие да имаат мелодиско-хармонска целина, да имаат музичка логика и естетика и да имаат добра форма. Истата година ја напишал и „Гарача“ (една од најубавите композиции на Шпато), како голем вљубеник на латиноамериканската музика тој бил и под влијание на истата. Девет години подоцна таа е првпат снимена, а дури дваесет години по создавањето станала хит, со многу  попознатиот наслов „Ми вети ти“. 

Во деценијата потоа Драган Ѓаконовски – Шпато интензивно музицирал, снимал за потребите на Радио Скопје, пишувал своја музика и главно аранжирал светски хитови за различни состави.

Тој не признавал никаква друга поделба на музиката, освен на добра и лоша. Велел дека ниту најдобар светски инструментатор не може да спаси лоша творба. Легендарна е и  вистинската приказна за филмот „Бал на вода“, кој Шпато го гледал вкупно 36 пати (еднаш во Белград и 35 пати во Скопје), успевајќи да ја мелографира и да ја запише музиката од целиот филм, комплетно со целата инструментација и сите детали. Во тоа време немало магнетофони во Скопје, па другарите со батериски лампи му осветлувале додека тој запишувал. 

Во педесеттите години се вработил во Оркестарот на милицијата. Репертоарот кој морал да се свири во оркестарот, воопшто не ги задоволувал потребите на Шпато. Затоа, тој во рамките на оркестарот формирал и биг-бенд кој бил составен од најдбрите музичари, работеле службено, но повремено и самостојно. Настапувале често на програмата на Радио Скопје со вокални придружби и имале повеќе турнеи низ градовите во Македонија. Поради извонредните адаптации на Шпато од најпопуларните теми од филмот „Бал на вода“, овој  биг-бенд бил неверојатно популарен низ целата замја. Радио Скопје во 1951 година го формира Ритмичкиот секстет за потребите на својата програма. Оркестар кој во следните години ќе одигра исклучително голема улога во развојот на македонската забавна музика.Од истиот тој, во 1956 година се формира поголемиот Забавен оркестар, од кој пак во 1961 година настанува Танцовиот оркестар или биг-бенд. Со сите нив главно раководел Шпато, бидејќи се знаело дека тој е способен музичар кој професионално може да ја организира музиката. Тој, со пожртвуваност, голем ентузијазам и посветеност работел со секстетот, а својот вреден дух успеал да им го пренесе и на останатите музичари.

Во 1952 година, Шпато, напишал една композиција која се смета за најуспешно имплементирање на македонскиот фолклор во забавна музика. Тоа е композицијата „Осаменост“. Во истата година, Ритмичкиот секстет прераснал во септет. Покрај Драган Ѓаконовски, во  составот имало и други музичари кои пишувале композиции. Бидејќи  септетот главно изведувал познати светски нумери, Шпато не сакал да изведуваат многу од  нивните композиции, затоа што сѐ што свиреле, сакал да биде на ниво на познатите евергрини.

Ритмичкиот септет во 1956 година се реформирал и станал Забавен ансамбл на Радио Скопје. Музичарите биле со статус на постојано вработени, а Шпато бил поставен за диригент. Како  завршница на  концертната сезона во Скопје 1956 година, се случил многу значаен концерт. Имено, Забавната редакција на Радио Скопје и Скопската филхармонија заеднички организирале проект, каде што Шпато за прв пат имал можност да аранжира и диригира голем ревиски оркестар. Репертоарот го одбрал тој и се состоел од џез и забавни композиции напишани од најголемите „мајстори“ во тоа време. Концертот се одржал на 16 јули и постигнал неверојатен успех.

Фестивали уреди

Кон крајот на педесеттите Шпато го постигнал својот најголем професионален успех дотогаш и тоа придонело за афирмација и надвор од Македонија. На анонимен конкурс за првиот фестивал на забавна музика на Југословенската радио дифузија (ЈРД) примена била и една композиција од македонски автор - „Последна солза“. Димитар Масевски е автор на мелодијата, а на стиховите Ѓоко Георгиев, аранжманот го напишал Драган Ѓаконовски, а интерпретатор е Аница Зубовиќ, оперска певица од Белград. Конкуренцијата била силна бидејќи учествувале најголемите аранжери и композитори на забавна музика во Југославија. На фестивалот кој се одржал во Белград, Ѓаконовски ја освоил наградата за најдобар аранжман, а Ѓоко Георгиев за најдобар текст. Со добивањето на наградата, како и со секое понатамошно појавување на фестивалите во Југославија, Драган Ѓаконовски си обезбедил почит во највисоките професионални музички кругови. 

Од средината на педесеттите години, па сѐ до Скопскиот земјотрес во 1963 година кога била урната, концертната сала на стариот Офицерски дом во Скопје била домаќин на настани што секогаш предизвикувале голем интерес кај публиката, бидејќи забавната и џез-музика Шпато ја издигнал на високо професионално ниво. Се изведувале композиции од домашни и од странски композитори. Забавната била нешто позастапена од џез-музиката, но Шпато богато ја хармонизирал за да биде поблиску до џезот. Тука се издвојува композицијата „Село мое“ на Слободан Николовски која е напишана со мотиви од македонски фолклор, а оркестрирана од Драган Ѓаконовски. Со својот карактеристичен увод, оваа композиција ги поставила темелите за создавање на автентична македонска забавна музика.

Како настан се издвојува концертот во 1959 година, по повод 15 години постоење на Радио Скопје. За концертот се споиле Забавниот оркестар, музичари од Воениот и Градскиот  оркестар и Гудачки ансамбл составен од музичари од Операта и Македонската филхармонија. Репертоарот кој бил мошне обемен, бил целосно создаден од Шпато, кој исто така бил и диригент. Кога фестивалот на забавна музика, „Сан Ремо“ во Европа, а и кај нас, предизвикал голем интерес и имал силно влијание, популарните  мелодии од  фестивалот  Ѓаконовски со неверојатна брзина ги мелографирал и преаранжирувал, и по само два-три дена ги раздавал штимовите и песните веќе можеле да се чујат на радио. 

Во  1961 година  Забавниот оркестар прераснал во Танцов оркестар,  кој е првиот професионален Биг-бенд  во Македонија. За татко на тој оркестар се смета Шпато. Во  сите години на постоењето на оркестарот, тој неуморно работел на пропагирањето, како и на создавањето услови за организирана изведба на џез и забавна музика, откривајќи и подучувајќи многумина млади инструменталисти, формирајќи мали состави, подучувајќи и поттикнувајќи млади автори.

Во 1962 година се случил најголемиот успех на македонската забавна музика. На фестивалот „Опатија“ победила песната „Еден бакнеж“ со мелодија на Петар Пешев, стихови на Христо Крстевски и аранжман на Драган Ѓаконовски, ја исполнуваат Нина Спирова и Зоран Георгиев. Во следните години таа станала југословенски хит, а во Македонија победата се доживеала како награда и признание за сите што вложиле многу труд и ентузијазам во развојот на забавната музика.

Професионалната кариера на Драган Ѓаконовски – Шпато, во целина се одвивала во нагорна линија. Многу успеси на фестивалите низ Југославија, многу нови песни, пејачи, пејачки, композитори, аранжери, инструменталисти, сѐ било поврзано со него. Кон крајот  на  шеесеттите тој бил иницијатор на создавањето на познатиот вокален квартет „Импулси“, со кои остварил исклучително плодна творечка активност. Квартетот, кој се создал во неговиот дом, Ѓаконовски, како лидер им кажал дека неопходно и најбитно за успех е секојдневна и макотрпна работа и голема посветеност. Тој бил комплетно посветен на нивниот репертоар. Избирал и аранжирал џез-стандарди и евергрини, компонирал нови или преаранжирувал стари композиции за квартетот. По три месеци од создавањето тие ги снимиле првите 5  композиции за кои добиле многу позитивни критики. Потоа и настапот на фестивалот „Скопје `70“ тој добива прва награда за друга композиција под насловот „Последен ден на разделбата“, но самиот тој велел дека наградите нему не му значеле многу. 

Во почетокот на седудесеттите по седумгодишна пауза повторно се вратил во Танцовиот  оркестар и бил назначен за диригент. Тогаш за првпат му се појавиле здравствени проблеми, но тој не престанал да работи со полна пареа, сѐ до 1978 година кога веќе не бил во можност да диригира.

Во 1974 година „Импулси“ имале настап на најреномираниот музички фестивал  во  Југославија, „Опатија“.

Наредните години Ѓаконовски бил многу продуктивен, пишувал нарачани композиции и композиции за квартетот. Во втората половина на седумдесеттите години на минатиот век, за прв пат добил анганжман да пишува музика за театарска претстава. Се работи за претставата „Славата и смртта на Хоакин Муриета“ од Пабло Неруда, во режија на Владимир Милчин. По премиерата на претставата во 1976 година во Скопје, таа добила многу позитивни критики, особено за музиката, меѓу кои и една од многу познат чилеански критичар. Но, на Ѓаконовски му било најбитно што ги оправдал очекувањата на режисерот.

Последни години уреди

Со лошо здравје и веќе два шлога, во летото 1976 година, Ѓаконовски добил срцев напад.  По интензивно лекување докторите успеале да ја стабилизираат состојбата. Но, Шпато веќе чувствувал, како што самиот напишал,  дека е на крајот на неговата мисија за создавање  „Традиција на џез и евергрин забавна музика во Македонија“, но и дека е задоволен што успеал во тоа.

Наредните  две  години продолжил да компонира и испратил седум композиции на фестивалот „Скопје“, од кои само една добила трета награда. Во 1978 година доживеал трет мозочен удар и докторите веќе дефинитивно му забраниле да диригира. По разделбата со Танцовиот оркестар, Шпато речиси целосно му се посветил на компонирањето, а аранжирањето на кое има потрошено најмногу енергија, го преземале неговите ученици. Во годините кои слеелет, пишувал композиции за фестивалот „Скопје“, по смртта на Јосип  Броз  Тито, пишувал  композиции и за него, за Фестивалот  „Опатија“,  за Биг-бендот, остварил плодна соработка со квартетот „Рибарски“, за фестивалот „Раденци“ во Словенија, и други.

Во 1986 година, Ѓаконовски ја напишал својата најдолга, најнежна и последна композиција Марија, која ја посветил на својата сопруга.

На 3 јануари, 1987 година, на свои 56 години, исцрпениот и тешко болен Драган Ѓаконовски – Шпато, починал.

„Тоа е сѐ. ...архитектурата е на архитектите, медицината е на медицинарите, поезијата е на поетите, сликарството е за оние што го разбираат, музиката исто така...“ - Драган Ѓаконовски – Шпато

Творештво уреди

Вокални композиции
  • Акорди по едно лето – Ц. Ласкова
  • Блузот на црната пејачка – Мелпомени Корнети
  • Без повраток – Импулси
  • Во име на цветот – Катерина Таневска
  • Гарача - Љупка Апостолова
  • Глас од далечината – Импулси
  • Далечен крај – Нина Спирова
  • Далечен крај – Велко Трпчевски
  • Даниела – Љ. Димитровска (со РО на РТВ Љубљана, ар. Н. Калоѓера)
  • Даниела – Импулси
  • Ден љубен бесповратен – Импулси
  • Девојка и песна – Виолета Томовска
  • Дојди есен – Импулси
  • Единствена песна – Маријана и Росана
  • Ехо на љубовта – Момо Николовски
  • Идила – Нина Спирова
  • Идила секогаш што била – Квартет Мелос (Загреб)
  • Идила секогаш што била – Импулси
  • Илјада проблеми – Импулси
  • Играј и пеј Калипсо
  • Илузија – Зоран Георгиев
  • Импресија – Импулси
  • Индекс и љубов – Христо Крстевски
  • Индијана – Т. Маниќ
  • Индијана – Љ. Апостолова
  • Исповест на црномурестата жена – Нина Спирова
  • Калипсо – Љупка Апостолова
  • Катерина – Христо Крстевски
  • Кога пеам, кога љубам – Диме Поповски (со РО на РТ Љубљана)
  • Кога си сама – Др. Мијалковски
  • Копнеж за танц – Зафир Хаџиманов
  • Лени – Диме Поповски (со РО на РТ Загреб, арр. Миливој Керблер)
  • Љубов од дамни дни – Зоран Георгиев
  • Љубовна тема – Нина Спирова
  • Ми вети ти – Диме Поповски (со Џез-оркестарот на РТ Белград)
  • Младоста е убава – Даниела Панчетовиќ
  • Мојот дом – Драган Мијалковски
  • Молчи една долина – Блага Видец (сним.1961, ГЗО на РС)
  • Молчи една долина – Зоран Милосављевиќ
  • Нашиот Титов ден – С. Бајрамов
  • Не ме заборавај – Цветанка Ласкова
  • Неповратни дни – Љиљана Петровиќ
  • Неповратни дни – Импулси
  • Незаборав – Веле Матевски
  • Незаборав – Златко Давчевски
  • Носталгија – Импулси
  • Песна за Кузман Јосифовски – П. Мирјана Тасевска
  • Песна за мојата пријателка
  • Песна за вечната младост – Импулси
  • Планината во спомени – Томислав Маниќ
  • Последен ден на разделбата – Диме Поповски
  • Прва љубов – Ванчо Тарабунов
  • Роден крај – Импулси
  • Само надежта останала – Цветанка Ласкова
  • Се боревме за светла иднина – Д.Мијалковски
  • Се боревме за светла иднина – гр. Македонија
  • Сини очи – Веле Матевски
  • Си одам и се враќам пак – Андреа Сопронов
  • Снегулки – Импулси
  • Со Тито и Партија – Љупчо Босилков
  • Те ценам цени ме... –Импулси
  • Те носам во себе – Виолета Томовска
  • Титовиот пат – Драган Мијалковски
  • Тој и таа – јас и ти – гр. Пепел ин кри
  • Убава си како музика – Драган Мијалковски
  • Во името на цветот За нас почнува живот – Даниела Панчетовиќ
  • Загатка – Импулси
  • Зар сè одминало – ИмпулАси
  • Зар вистина е крај – Веле Матевски
  • За тебе е сè – Импулси
  • Знамето на мојот одред – Јасмина Беличанска
  • Жолта липа – Томислав Маниќ
  • Што се дворој без нас – Сефедин Бајрамов
Инструментални композиции
  • Балада за Бранка – К. Рибарски, тромбон
  • Блузот на црната пејачка – З. Јовановиќ, на кларинет
  • Балада за гитара – П. Лукиќ, соло гитара со ТО на РТС
  • Во спомен на старото пријателство – М. Асановиќ, тенор сакс со ТО на РТС
  • Гарача – ТO на РТС
  • Гермијан – TО на РТС
  • Гарача – ТО на РТС
  • Главна тема – К. Рибарски, тромбон
  • Гитарата ја оплакува смртта на Муриета
  • Дојди есен – Квартет Рибарски
  • Дојди есен – ТО на РТС
  • Дојди есен – Ратко Спасовски –  Пици, кларинет
  • Далечен крај – Б. Чешларов, на труба
  • Егзотика – Квартет Рибарски
  • Елегија за тромбон – Кирил Рибарски, тромбон
  • Еден бакнеж – РО на РТЉ
  • Ехо од далечното минато – ТО на РТС
  • Злато најдоа, злато во Калифорнија – РО на РТС
  • Идила – Никола Комовски, пијано
  • Импресија – П. Лукиќ, гитара со ТО на РТС
  • Идила – Б. Чешларов, на труба  
  • Идила – Голем забавен оркестар (сним. 1959)
  • Индекс и љубов – Голем забавен оркестар (сним. 1959г)
  • Исповест на црномурестата жена – З. Јовановиќ, кларинет
  • Јас не сум ти – Џез-ансамбл на РТС
  • Кога си сама – РО на РТС
  • Лајт мотив 1 – РО
  • Лајт мотив 2 – РО
  • Лајт мотив 3 – К. Божиновски, флејта со Рев. Орк
  • Љубовна тема – К. Рибарски, тромбон СО Рев. оркестар
  • Љубовна тема – К. Божиновски, флејта
  • Лени – Квартет Рибарски
  • Лени – ТО
  • Летна ноќ задна ноќ – К. Костов, труба, П,Каргов, т. сакс
  • Мамбо гарача – Никола Ципушев, пијано, со Ритмичен секстет
  • Марија – К. Димушевски, вибрафон
  • Ми вети ти (џез-верзија) – Трио Лабиш, (арр. Зоран Павловски)
  • Мими – Б. Мицев, пијано
  • Мими – К. Рибарски, тромбон
  • Младоста е убава – Зоран Јовановиќ, кларинет
  • Молчи една долина – Голем забавен оркестар (1960)
  • Молчи една долина – Христо Христовски, гитара
  • На игранка – Т.О. на РТС, Б. Ноев, труба П. Каргов. сакс
  • Народна игра – ЗО на РТС
  • Осаменост (Молчи една долина) – Квартет Рибарски
  • Песна на русокосата пејачка – З. Јовановиќ, барит. сакс, К. Рибарски, тромбон
  • Поздрав до А. К. Жобим – Рамиз Имеров, тромбон со ТО на РТС
  • Поздрав до оркестарот – ТО на РТС, солист К.Костов, труба
  • Радост на победата – Забавен ансамбл
  • Reg Time – Диксиленд ансамбл
  • Синтеза – К. Костов, флигелхорна
  • Свечена игра – Забавен ансамбл
  • Тема број 1, Транскрипција на една замислена тема – ТО на РТС  
  • Титовиот пат – ТО на РТС
  • Убава си како музика – Љупчо Мирковски, труба
  • Чилеанска игра – Забавен орк. на РТС 2

Надворешни врски уреди

Наводи уреди

  1. „ШПАТО - Портал Екран“.
  2. Солдатовиќ, Иво (2018). „Животот и делото на Драган Ѓаконовски Шпато“.
  3. „ШПАТО - СОКОМ“.