Димитар Миовски

политичар

Димитар Миовски (роден на 1 септември 1913 во Скопје - починал на 25 мај 1982 во Скопје) — партизан, делегат во Првото заседание на АСНОМ и очен лекар.

Димитар Миовски
Роден 1 септември 1913
Скопје
Починал 25 мај 1982
Скопје
Занимање очен лекар

Животопис

уреди

Димитар Миовски матурирал во 1933 година во Скопје. Дипломирал на Медицинскиот Факултет во Белград во март 1941 година, само неколку дена пред окупацијата на Белград. Димитар Миовски уште како студент бил активен во антифашистичкото движење. Како дел од Третата ударна македонска бригада бил учесник во НОБ, како началник на санитетското одделение при Главниот штаб на НОВ и ПОЈ за Македонија.[1] На 2 август 1944 година во манастирот Свети Прохор Пчински бил учесник и делегат на Првото заседание на АСНОМ, каде се поставени темелите на слободна Република Македонија.[2] За своето учество во НОВ одликуван е со „Партизанска споменица-1941“, „Орден на братство и единство со златен венец“, „Орден на трудот со црвено знаме“ и многу други одличја.[3]

Цивилни активности

уреди

Поминувајќи во цивилна служба, по војната бил еден од првите организатори на здравствената служба во Македонија како помошник министер во Министерството за здравје, началник на Одделението за епидемиологија и хигиена во министерството и како помошник министер на Југословенското сојузно министерство за народно здравје. Непрекинувајќи ја општествената активност, покажал посебен интерес кон офталмологијата.[4] Во 1952 година специјализирал на клиниката за очни болести во Скопје кај доцент д-р Алфред Лудвиг, хабилитирал за офталмологија со трудот „Отстранување на епителот од трансплантот при изведување на кератопластичните операции“. Истата година бил назначен за раководител на одделението за офталмологија, а во 1960 година станал и управник на Офталмолошката клиника во Скопје. Стручно се усовршувал во најдобрите светски офталмолошки центри: Лион, Женева, Лозана, Берн, Цирих, Џенова, Москва, Санкт Петербург и тогашната офтамолошка мека - Одеса. Во 1959 година би назначен за асистент професор на Факултетот за Медицински науки во Скопје. Од 1965 година бил избран за редовен професор на истиот факултет.

Општествено-политички активности

уреди

Димитар Миовски бил носител на бројни јавни функции, како: претседател на Републичката офталмолошка секција, претседател на Здружението на офталмолозите на Југославија, член на највисоките офталмолошки совети на Југославија и Европа, член на редакцијата на Acta Opthalmologica Iugoslavica, и други. Сите офталмолози од тоа време се негови ученици, а голем број специјалисти од светот доаѓале кај него за изучување на оперативната офталмологија, посебно кератопластиката. Неговите брилијантни резултати во областа на кератопластиката се успешно изнесувани на голем број републички, југословенски и интернационални конгреси на офталмолозите. Неговите револуционерни методи во областа на кератопластиката го прават своевремено еден од врвните светски офталмолози. Оперирал низ повеќе светски клиники, а вршел и операции на многу странци кои специјално доаѓале кај него на скопската клиника.

Димитар Миовски бил и член на Главниот одбор на Сојузот на борците на Македонија, член на Републичкиот одбор на Сојузот на здруженија на борците од НОБ на Македонија, секретар на Клиниката за очни болести и Медицинскиот факултет во Скопје.

На ден 25 мај 1982 година по кратко боледување починува во Скопје. Смртта го затекнува на функцијата член на Советот на Републиката.

Наводи

уреди
  1. Миовски, Димитар (2017-08-28). „Годишен зборник 2015-2016 - Универзитет Гоце Делчев - Штип“ (PDF).
  2. „Прво заседание на АСНОМ“. Википедија. 2016-08-15.
  3. Миовски, Димитар (2017-08-28). „Македонска Енциклопедија“.
  4. Миовски, Димитар (2017-08-28). „DOCTORS_AND_LECTURERS_FROM_MACEDONIA_ELECTED_FOR_THE_FIRST_TIME_TO_THE_FACULTY_OF_MEDICINE_IN_SKOPJE_IN_THE_PERIOD_1955-60“ (PDF).