Депонија со троска во Велес

Депонијата со троска во Велес е остаток од работата на некогашната Топилница за цинк и олово „Злетово“[1] и претставува едно од неколкуте историски еколошки жаришта[2] во Македонија.

Опис

уреди

На локалитетот „Баш Колиби“ во непосредна близина на Велес сѐ уште е лоциран ридот од 1,8 милиони тони отпад создаден од технолошкиот процес на топење на цинк и олово од топилницата МХК Злетово. Само мали количини заминале  од Црниот рид, во кој се проценува дека има над 1,8 милиони тони отпад, на површина од околу 33 000 м2.[3]

Загадување на воздухот и почвата

уреди

Градот Велес со близу педесет илјади жители три децении се задушувал од чадот од оџаците на Топилница за цинк и олово „Злетово“. Жителите не можеле да дишат од високите концетрации на сулфур диоксид. За жал велешани ја дишат и денес, таа и понатаму се разнесува низ воздухот и се таложи во почвата која е презагадена и не може повеќе да прима нови количества од тешки метали, според тврдењата на експертите и лекарите.

Ветрот од депонијата од ридот со троска постојано ја носи прашината од деветстотини илјади тони оловна, цинкова и кадмиумова троска, складирана од тридецениското работење на Топилницата. Иако таа не е активна веќе дваесет години, последиците од троската се огромни, а во отпадот на црниот рид има високи концентрации на цинк, олово и жива. Почвата е многу интензивно загадена и предизвикува контаминација на подземните води и почвата, а со тоа и на овошјето, зеленчукот и житариците кои растат во регионот на Велес и велешко.

За загаденоста на почвата во Велес во 2010 година тим на експерти предводен од професорот Трајче Стафилов[4] од Институтот по хемија на Природно-математичкиот факултет,[5] изготвиле Геохемиски атлас кој потврдил дека земјата е полна со тешки метали. Стафилов ја испитувал и прашината во три зони во куќи во Велес, во Башино село и во планинските села југозападно од Велес. Испитувањата потврдиле дека има особено високи вредности на арсен, кадмиум, олово, цинк, индиум и антимон. Научниот труд, кој бил публикуван од МАНУ, во себе содржи информации за особено високи нивоа на кадмиум, кои во домашната прашина биле 21 милиграм на килограм, а концентрациите на кровните греди 240 милиграми на килограм.

„Примероците биле земени од триесет куќи од Велес, испитани биле во лабораториите на ПМФ, а потврдени во Нуклеарниот институт во Русија и покажале сериозни вредности на загадување. Сè додека не се исчисти историскиот отпад од Велес, но и од сите други жешки точки во земјава, тој ќе биде опасност за здравјето на луѓето“, предупредил Стафилов.

Тој во својата изјава додал дека особено е сериозен проблемот во деловите од Општината каде има земјоделски површини од кои се хранат граѓаните.

Во 2007 година Шпанската консултантска куќа „ЕПТИСА“ во претпроектната студија за Топилницата во Велес во својот извештај ја отсликале фактичката состојба за депонијата со троска. Во студијата наведуваат дека топилничарската згура, која е распослана на 33 000 м2 содржи околу 10 % цинк, 1% олово како и други тешки и токсични метали: кадмиум, бакар, арсен, индиум, талиум.[6] Тешките метали ја загадуваат животната средина и го загрозуваат здравјето на велешани. Експертите констатирале дека во зеленчукот, одгледуван во градот, нивото на кадмиум, олово и цинк е од 10 до 15 пати повисоко од дозволената вредност, додека во спанаќот и зелка од четири до 10 пати повеќе. Во 2000 година Светската здравствена организација поради загадувањето го прогласила Велес како опасно место за живеење.

Експлоатација на депонијата со троска

уреди

Во октомври 2019 година доделена е концесија на Српската компанија „Кепс монт Груп”[7] која досега го одлагала и извезувала опасниот отпад на црниот рид од Велешката Топилница.

Б-интегрираната дозвола, која ја доделила Општина Велес, на „Кепс монт груп“ важела четири години односно до октомври 2023 година, до кога бил и рокот за целосно чистење и извоз на суровината.

Концесијата, пак утврдена со Дозволата за експлоатација на техногена минерална суровина од Министерството за економија, компанијата ја добила неколку месеци порано, во мај 2019 година и таа има важност од седум години или до мај 2026 година.

Од моментот кога се доделени Договорот и дозволата, па до 2023 година биле извезени само 500 тони пробни количини суровина во Малезија во 2019 година, која забранила увоз на почетокот на 2020 година, и 368,9 тони во Србија, Албанија, Турција и Косово во 2020 година.

Министерството за животна средина и просторно планирање го одобрило елаборатот за заштита на животната средина за проектот „Експлоатација на техногена минерална суровина на локалитетот „Баш Kолиби“ со поставување на постројка за дополнителни активности на дробење и мелење на ТМС во Општина Велес“. Со тоа, концесионерот добил и зелено светло да воведе уште две дополнителни активности за обработка на техногената минерална суровина за да може полесно да ја извезе.

Сепак, во октомври 2023 година на концесионерот „Кепс Монт груп“ му истекла Б-интегрираната дозвола која ја издала Општината Велес. Компанијата на 15 ноември 2023 побарала „Б” интегрирана еко дозвола за работа во следните четири години, но покрај обновувањето побарале и измена на документот, односно дозвола за експлоатација на техногена минерална суровина со поставување на постројка за дополнителни активности на дробење и мелење на локалитетот „Баш колиби“.

Ова барање предизвикало силни негодувања кај граѓаните и еко-активистите во Велес за нејзин извоз како техногена минерална суровина. Во однос на барањето од Одделението за животна средина во Општина Велес изјавиле:

-Барањето на концесионерот „Кепс монт груп“[8] за измена и дополнување на Б-интегрираната дозвола заради воведување на дополнителна технологија е отфрлено, бидејќи до крајниот рок, не ги доставиле потребните документи.[9]

-Барањето е отфрлено и поради фактот дека никој досега не го испитал теренот колку е погоден за вакви активности и стабилноста на ридот, од концесионерот било побарано да достави документација од ИЗИИС за сеизмичката активност на подрачјето околу троската, Оценка на влијанието врз животната средина на процесот на дробење на суровината и градежна дозвола за поставување на фундамент за дробилката“. На локалитетот „Баш колиби“ сеуште се наоѓаат неколку машини и дел од постројката за сепарација на суровината, но нема работници, ниту пак околината на депонијата е заградена.Велешани не се задоволни што ридот со троска сѐ уште е во нивниот град. Велат дека очекувале посериозна динамика на чистењето на депонијата, за да може да се премине на ремедијација на загадената почва[10] и проценка на штетите кои се направени на подземните води од долгогодишното загадување.

Сведоштва на вработените и екологистите

уреди

Екологистите од двете здруженија од Велес „Вила Зора“ и „Грин Пауер“ се здружиле во Зелена коалиција[11], заедно со сите граѓански здруженија чија мисија е еколошки чист и здрав Велес. Тие биле иницијатори за решавање на проблемот со топилничарската депонија и во целост ја имаат поддршката на велешани.

Љубе Јолдашев – Шико за медиумите раскажува дека тој бил еден од повеќето багеристи кој работел како багерист со транспорт на троската од погоните на депонијата. Тој се сеќава дека кога почнал да работи во 1973 година на местото на денешната депонија имало лозја и дол со длабочина од околу 3о метри. Наоколу било маркирано со камења кои и денес сведочат на тоа место. Секој ден по 30 камиони  на оловен отпад, цинк и кадмиум се изнесувале од фабриката.

Троската од камионите била истурана на точно определени места а потоа започнувал процесот на рамнење и тапкање за да не се познава колкави количества на отпад се истураат секојдневно. Така три децении растел црниот рид со троска над Велес.

Д-р Ненад Коциќ од здружението „Вила Зора“ за медиумите изјавил дека од испитувањата кои ги вршеле со експерти во велешката почва има кадмиум дури петнаесет пати повеќе од дозволеното.

Ако кадмиумот во интервентна вредност од 0,8 мг/м2  е катастрофална состојба, замислете овде е утврдено дека го има во вредност од 12 мг/м2. Според мислењето на експертите е преседан и секоја институција, којашто е надлежна, би се запрашала што се случува и би презела итни мерки за санација. – Топилничарската згура е само дополнително одржување на лошиот квалитет на почвата и мислам дека свесно се дозволува понатамошно труење на граѓаните кои секојдневно се во директен контакт со почвата, хранејќи се со зеленчук и овошје одгледани во велешките градини, а децата играјќи на улица и во парк, ја вдишуваат прашината.

Галерија

уреди

Наводи

уреди
  1. „Топилница за цинк и олово „Злетово" – Титов Велес – МАРХ“ (англиски). Посетено на 2024-05-22.
  2. „Еколошките жешки точки се решаваат со брзина на полжав“. Разбистри сè!. Посетено на 2024-05-22.
  3. Наумовска, Сања (2022-08-18). „Депонијата со згура од Топилница и понатаму го демне Велес [фото]“. Посетено на 2024-05-22.
  4. Наумовска, Сања (2023-01-21). „Интервју со професор Трајче Стафилов: Решенија за жешките точки има одамна, само треба да се спроведат“. Посетено на 2024-05-22.
  5. Јаневска, Убавка (2013-12-13). „Сеништето на топилницата сè уште загадува, велешани чекаат спас од државата“. Призма. Посетено на 2024-05-22.
  6. Јаневска, Убавка (2013-12-13). „Сеништето на топилницата сè уште загадува, велешани чекаат спас од државата“. Призма. Посетено на 2024-05-22.
  7. „Почетната - KEPS MONT GROUP“. Посетено на 2024-05-22.
  8. „Велес пред нова еко-катастрофа: Троската од Топилница полна со олово ќе се дроби и меле пред да се извезува“. А1он (англиски). 2023-12-22. Посетено на 2024-05-22.
  9. Наумовска, Сања (2022-08-18). „Депонијата со згура од Топилница и понатаму го демне Велес [фото]“. Посетено на 2024-05-22.
  10. „Создавање на Депонија со троска во Велес — Википедија“. mk.wikipedia.org. Посетено на 2024-05-22.
  11. „Зелената коалиција се обедини за Велес“. arhiva.veles.gov.mk. Посетено на 2024-05-22.

Надворешни врски

уреди