Делбата на Јакшиќи

Делбата на Јакшиќи (српски: Диоба ЈакшиҺа) е српска епска песна (бугарштица).

Содржина

уреди

Прва верзија

уреди

Месечината ја кара ѕвездата Деница, бидејќи три дена скитала некаде, а таа одговара дека била во Белград, гледајќи како браќата Димитар и Богдан Јакшиќ го делат татковото наследство. Браќата лесно се договориле околу поделбата: Димитар ја зел земјата Каравлашка и земјата Карабогданска и целиот Банат, сè до Дунав; Богдан ги зел Срем, Посавина и Србија до Ужице, Димитар го зел долниот дел од градот, а Богдан горниот дел. Сепак, браќата се скарале за ситна работа, т.е. Димитар го сакал за себе коњот и соколот, но Богдан не ги давал. Изутрината, Димитар го јавнал коњот, го зел соколот и заминал на лов, а на својата жена Анѓелија ѝ кажал да го отруе брат му. Анѓелија не сакала да направи такво злосторство, туку отишла во подрумот, ја наполнала златната чаша со вино и му го однела на деверот Богдан, молејќи го да му ги даде коњот и соколот на брат му Димитар. Богдан се сожалил на неа и се согласил. За тоа време, Димитар цел ден ловел по шумата, но ништо не уловил. Вечерта, пристигнал крај едно езеро и таму го пуштил соколот да фати една птица, но таа му го распарчила десното крило. Димитрие запливал во езерото да го извади соколот и притоа го прашал, како му е без едното крило, а соколот му одговорил дека се чувствува како брат кој го изгубил својот брат. Тогаш, Димитар се сетил дека ѝ наредил на жена си да го отруе брат му, па набрзина се упатил кон Белград. Кога стигнал до мостот, неговиот коњ си ги скршил предните нозе, па Димитар продолжил пеш. Дома, ја прашал жена си, дали го отрула неговиот брат, но таа му кажала дека не само што не го отрула, туку успеала да ги смири.[1][2]

Оваа верзија на песната прв ја запишал Вук Караџиќ, кој ја слушнал од татко му Стефан.[3]

Втора верзија

уреди

Постои и друга верзија на истата песна, во која се кажува дека браќата Јакшиќи сложно се поделиле, но се скарале за коњот и за соколот. Поради тоа, Митар Јакшиќ заминал во лов, а на сопругата ѝ порачал да го покани неговиот брат Стјепан на ручек и да го отруе. Таа го поканила деверот, но наместо да го отруе, му ја кажала вистината, велејќи дека подобро нека коњот ги скрши нозете и соколот нека летне во планината отколку таа да си го отруе деверот. Во тој миг, Митар повикал од планината, порачувајќи ѝ на сопругата да не го труе деверот, зашто коњот ги скршил нозете, а соколот побегнал. Тогаш, таа му кажала дека не го отрула Стјепан и така Митар се вратил дома, каде ја пофалил сопругата, по што направиле веселба.[4]

Осврт кон песната

уреди

Анѓелија Јакшиќ е пример на исклучителен женски лик во народната епика. Со својата широкоградост и човечност, таа ги победува себичноста и нечовештвото на нејзиниот сопруг. Кога тој ѝ наредува да го отруе неговиот брат, целото нејзино битие се спротивставува на таа наредба. Затоа, таа се посложува со својата мудрост и бара од Богдан да ѝ ги поклони коњот и соколот, знаејќи дека тој не може да ја одбие. Така, таа ги совладува и Богдан и Дмитар. Вечерта, кога Дмитар се враќа дома, мислејќи дека брат му е мртов, Анѓелија го пречекува со простите и моќни човечки зборови: „Не го отрув брат ти, туку со братот те помирив.“[5]

Наводи

уреди
  1. Junačke narodne pesme, Rad, Beograd, 1959, стр. 95-97.
  2. Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 261-263.
  3. В.Ђ., „Поговор - О певачима“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 490.
  4. Bugarštice. Beograd: Rad, 1969, стр. 44-45.
  5. Војислав Ђурић, „О народним епским песмама“, во: Војислав Ђурић, Антологија српских народних јуначких песама. Београд: Српска књижевна задруга, 2012, стр. 16.