Дебарски земјотрес (1967)
Дебарски земјотрес од 1967 година — природна катастрофа која го погодила градот Дебар, изутрината на 30 ноември 1967 година.[1] Од низата земјотреси најразорниот од нив се случил во 07:23 часот.[2]
Датум | 30 ноември 1967 |
---|---|
Време | 07:23:52 CET |
Магнитуда | 6,7 ML |
Длабочина | 20 км |
Епицентар | близу Гиновец (Голо Брдо, 41°23′10″N 20°31′55″E / 41.386° СГШ; 20.532° ИГД) |
Зафатени земји/подрачја | НСР Албанија, СР Македонија |
Жртви | 19 загинати, 214 повредени |
Сеизмичност на областа
уредиДебарското епицентрално подрачје има голема сеизмичност, што може да се забележи од големиот број на случени земјотреси во периодот 1900-2016 година. На ова подрачје често се случуваат слаби земјотреси со магнитуда ML <3 и ретка појава на умерени до силни, како што бил случајот во 1967 година.[2]
Епицентар
уредиЕпицентарот на земјотресот бил на територијата на тогашна НСР Албанија, во областа Голо Брдо. Серија натамошни потреси продолжиле до април 1968 година.[1]
Последици
уредиЗемјотресот предизвикал материјални штети во 41 населено место во Македонија и 177 населени места во Албанија (во подрачјето на Пешкопеја и Либражд), со 7 загинати лица во Македонија, 12 загинати лица во Албанија и вкупно 214 ранети.[1]
Во Албанија биле оштетени 6.536 згради, 534 биле урнати до темел, а 1.623 имале тешко оштетување. Во селата Клење, Острени, Луник, Макелара, Себисхит, Ланде, Превала и Лејкан уништени или оштетени биле 75-90 % од куќите.[2]
Во Македонија, штети од случениот земјотрес се забележани на 41 место, со околу 17.600 жители. Околу 55 % од вкупниот број штети отпаѓа на станбениот фонд.[2]
Од главниот удар на земјотресот најтешко бил погоден градот Дебар со околината. Во градот 30% од објектите биле тешко оштетени или срушени, 50% претрпеле оштетувања што дозволуваат санација и 20% останале неоштетени или претрпеле незначителни оштетувања, кои лесно можеле да се отстранат со релативни мали градежни зафати.[2]
Во напорите да не се предизвика поголема катастрофа при исклучувањето на струјата од главната трафостаница, животот го загубил Шуип Кобеци, татко на две малолетни деца.
Обнова
уредиСо помошта што доаѓаше од сите делови на тогашна СФРЈ и од Меѓународниот Црвен крст, последиците биле санирани. Во знак на солидарност, скопјани на Дебар му го подарија и Општествениот дом „Скопје“.
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ 1,0 1,1 1,2 Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Дебарски“. Македонска енциклопедија. , книга I (А-Љ). Скопје: МАНУ. стр. 435. Text "series " ignored (help)
- ↑ 2,0 2,1 2,2 2,3 2,4 Порта3 (2018-02-07). „Земјотрес во зона со највисока сеизмичност во земјава – Дебар 1967 година“. Порта3 - градежништво, архитектура и екологија. Посетено на 2022-12-06.