Горан Миноски
Горан Миноски (Прилеп, 27 декември 1972 – на автопатот Скопје - Тетово, Карпалак, 8 август 2001) бил македонски бранител, резервист во АРМ и учесник во воениот конфликт во Македонија во 2001 година. Загинал на 8 август 2001 на автопатот Скопје - Тетово во масакрот кај Карпалак.[1]
Горан Миноски | |
---|---|
27.12.1972 – † 08.08.2001 (28 г.) | |
Роден во: | Прилеп, СР Македонија |
Починал во: | Масакрот кај Карпалак |
Служба во: | Македонија |
Чин: | Резервист во АРМ |
Битки/војни: | Војна во Македонија 2001
|
Одличја: | Медал за храброст |
Животопис
уредиЖивот и војната 2001 година
уредиГоран Миноски е роден на 27 декември 1972 година во Прилеп. Горан има брат близнак. Во Прилеп вклучувајќи го и непосредното соседство, никој не можел да ги препознае и разликува. Имале иста висина, тежина и апсолутно ист лик. Само домашните знаеле да ги препознаат „по видување“. Горан е постар „цели“ 15 минути. Во животот никогаш не биле одделени. Од првите дни до почетокот на август 2001 година постојано биле заедно. Заедно ги направиле и првите чекори на „Белградска“ во Прилеп. Заедно тргнале во училиште, во исто одделение и иста клупа. Така било и при завршување на средно рударско училиште. Потоа во ист ден се регрутирани и во ист ден заминале на отслужување на воениот рок. Биле во иста касарна, во иста спална. Едниот спиел на долниот, а другиот на горниот кревет. Никој не се обидел да ги дели ниту на стража. Стражареле во исто време. Ако Горан бул на стражарско место „еден“, Марјан бил веднаш до него, на стражарско место „два“. Исти денови користеле отсуство и во ист час ја завршиле воената обврска. Кога се вратиле дома, по неколку месеци, некому му текнало да ги раздели: Горан и натаму останал воен обврзник, а Марјан бил префрлен во резервата на полицијата.
Имале исти другари. Каде бил едниот, таму бил и другиот. Бидејќи не нашле работа според образованието, работеле се и сешто. Само во моментите кога не ќе имало работа за двајцата, можело да се случи едниот да биде на едно, другиот на друго место. Никогаш не било значајно кој заработил повеќе или кој воопшто донел денар дома. Заработеното влегување во семејниот буџет со кој, во прв ред располагала мајката што целиот живот го минала како домаќинка, а потоа и таткото кој долги години работел во „Црн бор“, а последните години сега ги минува како стечаен работник.
Втора можност да бидат забележани единечно, биле саботите и неделите, поточно деновите за свадби и семејни веселби. Двајцата биле врвни тапанџии. Бидејќи ретко еден оркестар трпи два тапана, формирале две групи и така настапувале. Кога двете сестри се омажиле и заминале за Скопје и кога малку закрепнале, и близнаците се ожениле. Браќата вложувале напор за повеќе работа и речиси се обиделе во сè што носи некаква пара. Бидејќи имале заедно положено и возачки, одлучиле да почнат со такси. Пет години работеле со туѓи возила, за плата. Набргу им се родиле и дечиња. Горан доби машко чедо, а неговиот брат женско.
Смрт
уредиНа крајот на јули, Горан бил мобилизиран. Во касарната останал неколку дена а потоа, заради Илинден ги пуштиле на викенд. Продолжениот одмор траел четири дена. Последната вечер, со гостите подолго се задржале. Имале и повод, за два дена, новороденчето на Горан, Кристијан, наполни два месеца. Куќата трештела од музика и славје. Во вторникот сабајлето, Марјан го однел својот брат до касарната. На разделбата, некаква, дотогаш непозната мачнина лебдела меѓу нив. Брат му ќе рече: Цело време молчевме. Речиси ни збор не сменивме. Наместо поздрав, Горан само ме прегрна и удирајќи ме по рамото, ми прошепоти: Чувај го Кристијан. Толку. Дури, убаво и не се погледнавме в лице. Наредното утро замина со конвојот за Тетово, и загинува кај Карпалак.
Според преживеаните од заседата кај Карпалак, до Скопје Горан одел со автобусот во кој биле и најголемиот дел од мобилизираните. Горан беше митралезец. Во Скопје, некому му се слошило, но не се знае дали на Горан или на неговиот колега на митралезот. Затоа Горан минал во камионот. Горан зад себе ја остави сопругата и неговиот син.[2] Посмртно е одликуван со медал за храброст од Претседателот на Р Македонија.[3]
Поврзано
уредиНаводи
уреди- ↑ „13 години од загинувањето на македонските резервисти кај Карпалак“. Фокус. 8 август 2014. Посетено на 2015-06-03.
- ↑ „Татковино, за што загинавме?“, Македонска книга 2002, стр. 123 – 126
- ↑ „Медал за храброст за сите загинати припадници на вооружените сили на Република Македонија“. MKD.mk. 17 август 2012. Архивирано од изворникот на 2019-03-29. Посетено на 2019-03-29.