Гаврил Радомир

Македонски владетел
(Пренасочено од Гаврило Радомир)

Гаврил Радомир (октомври 1014 - август 1015) — средновековен македонски цар, првороден син на Самоил и Агата. Совладетел и наследник на Самоил. Се истакнува во војната со Византија и му бил десна рака на Самоил. Учествувал во сите поважни битки против Византијците: во Битката кај Ихтиман (Трајановата Порта - 986), Битката кај Сперхеј (996) и Беласичката битка (1014). На двапати го спасил Самоил, извлекувајќи го од бојното поле, по загубените битки кај Сперхеј и кај Беласица. Во Битола имал свои дворци и главна резиденција. На престолот се искачил во 1014 година, по смрта на Самоил. Во 1015 година бил убиен во лов.

Гаврил Радомир
Цар на Македонија
Неговото височество, император и владетел на Словените[1]
Саркофази во базиликата на островот Св. Ахил, за кои се претпоставува дека им припаѓаат на македонските цареви Самуил и Гаврил Радомир и дукљанскиот владетел Јован Владимир
На престолоктомври 1014 – август 1015
ПретходникЦар Самоил
НаследникЈован Владислав
Починал(а)1015
ДецаПетар Делјан
четири сина
ДинастијаКомитопули
ТаткоСамоил
МајкаКосара
Гаврил Радомир (октомври 1014 - август 1015)

Животопис

уреди

Гаврил Радомир бил првороден син единец на Самоил и Агата. Во пишаните извори нема податоци за годината на неговото раѓање, а за првпат неговото име се спомнува во борбата за власт меѓу двата преостанати синови на комитопулот Никола, неговиот татко Самоил и чичкото Арон.

Во вековната борба меѓу Цариград и Рим за доминација на Балканот, по смртта на браќата Давид и Мојсеј, Византија го поддржува Арон во неговите обиди сам да застане на чело на средновековната македонска држава, создадена по востанието во 976 година. Обвинет за предавство, Самоил го ликвидирал целото семејство на Арон. Единствено, по заложбите на Гаврил Радомир, се спасува синот на Арон, Јован Владислав.

Македонската средновековна држава, изградена на темелите на Кирило-Методиевото дело и нивните ученици Св. Климент и Св. Наум, а чии стремежи биле создавање на трето славјанско царство, покрај грчкото и алеманското се спротивставува на доминацијата на еленизираниот Цариград. На 17 август 986 година, доаѓа до судир на двете војски кај т.н Тројанова врата (Ихтиман). Во Битката кај Ихтиман во која учествувале Гаврил Радомир и Јован Владислав, византиската војска предводена од царот Василиј II била страшно поразена, а самиот император одвај ја избегнал смртта.

Гаврил Радомир учествувал и во походот на неговиот татко, кој го презел против Солун. Во борбите во 995 година, пред градот загинал заповедникот на Солун, Григориј Таронит, по што Василиј II го упатил врховниот заповедник на Западот, магистерот Никифор Уран. Двете војски се судриле кај реката Сперхеј во 996 година. Во битката која се водела покрај надојдената река, биле изненадени и заробени околу 12.000 македонски војници, а Гаврил Радомир го извлекол неговиот татко и двајцата ранети се вратиле во Македонија.

По Битката кај Спархеј, Самоил бил принуден да му даде писмена согласност за послушност на византискиот цар Василиј II, но набрзо потоа со поддршка на Рим, Самоил се прогласил за цар. Својата позиција Самоил ја зацврстува со венчавката на Гаврил Радомир со унгарската принцеза Маргарета, ќерка на унгарскиот владател Геза (971 – 997). Всушност, Рим единствено доделувал титули на владетелите на Франките, а потоа и на германските владетели.

Политичкиот брак на престолонаследникот и совладар Гаврил Радомир со унгарската принцеза, набрзо ќе пропадне. По смрта на Геза во 997 година, Македонците не го прифатиле барањето да го поддржат синот на Геза, Стефан I, да застане на унгарскиот престол. Како резултат на ова одбивање биле заедничките напади на Унгарците и Византијците и уништување на македонските војски на северозападната граница. Најистурената гранична стражарница бил Видин, кој паднал на 15.VIII.1002 година. По заострувањето на односите со Унгарците и приближувањето на Стефан I со византискиот цар Василиј II, бремената принцеза Маргарета била протерана, а од овој брак, потоа се родил Петар Делјан кој подоцна го предводел востанието во 1040/41 година.

По протерувањето на унгарската принцеза од Македонија, вниманието на Гаврил Радомир ќе го привлече убавата робинка Ирена, која била доведена во Македонија по освојувањето на Лариса во 985/6 година. Со дозвола на Самоил, Гаврил Радомир се оженил за Ирена со која имал седум деца.

Во текот на овие воени дејствија, македонската средновековна држава изгубила голем дел од територијата, но сепак била доволно моќна да го заштити останатиот дел од византиските напади. По релативен мир со повремено навлегување на византиската војска, на почетокот на втората деценија од вториот милениум, зачестиле византиските напади.

Знаејќи дека непријателските војски навлегуваат низ родопските клисури, македонските војници ги затвориле премините со опкоп и бројна посада. Известени дека византиските војници се тргнати во поход и дека навлегуваат на територијата на Македонија, на 29 јули 1014 година дошло до судир со Самоиловите војници на Беласица. Не можејќи да се пробијат низ тесниот премин, византискиот стратег Теофилакт Ботанијат со забрзан марш извршил заобиколување на планината и со војската удрил од зад грб на Самоиловата војска. Имало многу убиени и уште повеќе заробени. Самоила го спасил неговиот син, кој го качил на коњ и го одвел во Прилеп.

По поразот кај Беласица, во теснината, југозападно од Струмица, Гаврил Радомир ја победил византиската војска и го убил нејзиниот предводник, солунскиот дукс Теофилакт Ботанијат. Последиците од поразот на Беласица, биле трагични. Византискиот цар Василиј II, откако слушнал дека загинал стратегот Ботанијат наредил на 15.000 заробени војници да им се извадат очите, а на секој стоти да му биде оставено по едно око за да може да ги води. Кога ги видел во каква состојба се војниците, Самоил починал на 6 октомври 1014 година.

Гаврил Радомир, кој како совладетел ги управувал териториите околу Петерско и Островско Езеро и Пелагонија, по смртта на татко му го презел престолот. Како владетел водел одбранбена политика, настојувајќи да ги зачува преостанатите територии. Меѓутоа, не успеал да го спречи императорот Василиј II, кој ги освоил Прилеп и областа Раец, а во Битола ги запалил неговите дворци, но градот не го освоил.

Во 1015 година, Византијците ја освоиле и Мегленската област. Гаврил Радомир понудил склучување мир, откако увидел дека со несредена внатрешна состојба и отворени аспирации за престолот од страна на својот братучед Јован Владислав, не може рамноправно да се носи со воената надмоќ на Византија. Но, императорот Василиј II ја одбил понудата и му дал поддржка на Јован Владислав, кој како син на Арон, постар брат на Самоил, сметал дека има повеќе право на престолот. Византијците го поттикнуваат Јован Владислав да го убие својот роднина Гаврил Радомир за да ја освети смртта на татко му и да го преземе престолот.

Иако познат како храбар и искусен воин, Гаврил Радомир, не успеал посериозно да ги загрози Византијците и бил принуден постојано да се брани. Љубовта кон власта го надвладува разумот кај Јован Владислав, кој заборава дека Гаврил Радомир му го спасил животот од одмздата на Самоил. Во летото 1015 година, Гаврил Радомир, средновековниот благороден македонски цар бил убиен од Јован Владислав, за време на лов, кај местото Петерско, на југозападниот брег од истоименото езеро.

Извори

уреди
  1. Балкански битки и кралеви во средновекието, Филаделфија, 1978 стр. 23 ISBN 0786106826
Претходник
Цар Самоил
Цар на Самоиловото Царство
1014–1015
Наследник
Јован Владислав