Протогеровистите биле приврзаници на Александар Протоѓеров, личности што ги обединувале заедничките симпатии кон неговата личност и дејност, фракција на ВМРО и македонското револуционерно движење [1]. На 7 јули 1928 година во Софија бил извршен атентат врз Александар Протоѓеров, членот на ЦК на ВМРО. Убиството било извршено од тројца атентатори: Стефанов, Гузданов и Витларев под раководство на Кирил Дрангов од михајловистичкото крило на ВМРО. Наредбата за атентатот била издадена од другиот член на ЦК, Иван Михајлов, под обвинение дека Протоѓеров учествувал во заговорот против Тодор Александров.

Александар Протоѓеров

Суштинската причина за убиството на Александар Протоѓеров била борбата за превласт во редовите на ВМРО, каде Иван Михајлов решил преку физички ликвидации да ги отстрани сите негови евентуални конкуренти за водачкото место во ЦК.

По убиството на членот на ЦК на ВМРО, Александар Протоѓеров, покрај вербалните пресметки преку весниците, расправиите и несогласувањата меѓу двете спротивставени фракции - протоѓеровисти и михајловисти, се преселиле на улиците на бугарските градови и се расчистувале со куршуми. Според бројот на жртвите овие неколку години претставувале период со најмногу меѓусебни физички ликвидации во македонската историја.

На една страна се наоѓале приврзаниците на убиениот Протоѓеров кои во тие пресметки повеќе влегле изнудено и претежно се наоѓале во дефанзива, а нивниот начин на вооружено дејствување имал карактер на самоодбрана. На другата страна се наоѓале приврзаниците на Иван Михајлов, кои биле поенергични, подобро вооружени и со повеќе финансиски средства и затоа имале повеќе успех во извршените атентати.

Во меѓусебните убиства и атентати биле убиени повеќе стотина македонски дејци од сите идејни теченија во македонското националноослободително движење, со што му биле зададени големи загуби на македонското револуционерно ткиво.[2]

Извори

уреди
  1. Предавствата и атентатите во македонската историја, Виолета Аковска и Никола Жежов, Скопје, 2004 год
  2. Мићић, Срђан (2018). „Протогеровисти ВМРО у југословенској служби 1930-1935“. Војноисторијски гласник. 2: 70–109.