„Вини Пу“ (англиски: Winnie-the-Pооh) — роман за деца од англискиот писател Александер Ален Милн, првобитно објавен во 1926 година.

Вини Пу
Winnie-the-Pooh
Корица на американското издание
АвторАлександер Ален Милн
ИлустраторЕрнест Шепард
ЗемјаОбединето Кралство
ЈазикАнглиски
ЖанрДетска книжевност
ИздавачМетјуен (Лондон)
Датон (САД)
Издадена
14 октомври 1926
МедиумПечатено (тврда и мека корица)
СледнаКуќата во ќошето на Пу 

Содржина

уреди

Романот се состои од вовед и десет глави:

  • Глава I. Во неа се запознаваме со Вини Пу и со неколку пчели, и приказните почнуваат: Крисотфер Робин има мече кое се вика Вини Пу. Кристофер бара од авторот да му раскажува приказни и тој започнува: Еден ден, мечето Вини Пу се качува на дрво за да собере мед, но паѓа долу и не ја остварува намерата. Затоа, оди кај Кристофер Робин и позајмува балон со чија помош доаѓа во близина до дрвото, но повторно не стигнува до медот. Кристофер пука со пушката во балонот и така Пу успева да слезе на земјата.[1]
  • Глава II: Во неа Пу оди на посета и се заглавува: Вини Пу шета по шумата и ја здогледува дупката во која живее Зајачето. Пу влегува во дупката, но се прејадува, па на излегување заглавува и не може да излезе. Зајачето го повикува Кристофер Робин, но ниту тој не може да го извлече Пу, кој така е принуден да стои заглавен една недела, а за тоа време, Кристофер му чита приказни. Најпосле, по еднонеделното гладување, Пу малку ослабува и тогаш Кристофер и Зајачето успеваат да го ослободат од дупката.[2]
  • Глава III: Во неа Пу и Прасенцето одат на лов и за малку не успеваат да фатат видра: Еден ден, Прасенцето, кое живее во средината на шумата, го среќава Вини Пу како следи траги во снегот и му се придружува. Трагите постепено се умножуваат и нив ги фаќа страв, па Прасенцето се враќа дома. Вини Пу, пак, го здогледува Кристофер Робин, качен на дрво, кој му кажува дека тие двајца цело време ги следеле сопствените траги.[3]
  • Глава IV: Во неа Ушле ја губи својата опашка, а Пу ја наоѓа: Старото магаре Ушле тагува, но не знае зошто. Тогаш, доаѓа Вини Пу, кој му кажува дека му ја нема опашката. Како добар другар, Пу тргнува во потрага по опашката и стигнува до Четириесетарската шума, каде живее паметната Утка. Во разговорот со Утката, Пу сфаќа дека, всушност, тоа му ја зела опашката на магарето, мислејќи дека се работи за јаже. Така, магарето си ја добива опашката, која му ја залепува Кристофер Робин.[4]
  • Глава V: Во неа Прасенцето сретнува еден Слон-клапоушко: Кристофер Робин им кажува на Вини Пу и на Прасенцето за некаков слон-клапоушко и тие добиваат желба да фатат еден. Затоа, Прасенцето копа длабока дупка во шумата, а Пу оди дома за да донесе грне мед кое ќе послужи како мамка за слонот. Меѓутоа, Пу го јаде медот и во дупката го става празното грне. Изутрината, Прасенцето оди кај дупката и таму го здогледува Пу со главата во грнето. Прасенцето помислува дека така изгледа слонот-клапоушко и од страв бега кај Кристофер. Потоа, двајцата одат кај дупката, а таму го наоѓаат Пу како ја удира главата од едно дрво и така ја ослободува од грнето. Кристофер слатко се смее, а Прасенцето од срам бега во својата куќа.[5]
  • Глава VI: Во неа Ушле слави роденден и добива два подарока: Вини Пу го среќава Ушле, кој е тажен зашто никој не се сетил дека му е роденден. Пу веднаш заминува дома, со намера да му донесе роденденски поклон на магарето, но патем го јаде медот. Затоа, тој оди кај Утката и таа пишува на грнето „Сречен роденден“, но тоа го прави погрешно, иако Пу не може да ја забележи грешката зашто не знае да чита. Прасенцето, исто така, заминува дома со намера да му поклони балон на магарето, но патем се сопина на зајачка дупка и балонот се распарчува. Сепак, тоа оди кај магарето, а таму доаѓа и Пу со празното грне. Магарето е пресреќно поради подароците и се забавува така што остатокот од пукнатиот балон постојано го става во и го ваѓа од грнето.[6]
  • Глава VII: Во неа Кенга и бебето Ру доаѓаат во шумата и го бањаат Прасенцето: Еден ден, во шумата наеднаш се појавуваат нови жители — кенгурката Кенга и нејзиното бебе Ру. Вини Пу, Зајачето и Прасенцето одржуваат состанок на којшто Зајачето предлага да го грабнат Ру и така да ја принудат Кенга да ја напушти шумата. Тројцата одат во шумата и ги среќаваат Кенга и Ру. Тогаш, Пу ѝ го одвлекува вниманието на Кенга, Прасенцето влегува во нејзината торба, а Зајачето ја граба Ру. Кога пристига дома, Кенга ја забележува измамата и посакува да се пошегува со Прасенцето така што му се обраќа како тоа да е Ру. Знаејќи дека Прасенцето на сака капење, таа го принудува да се искапи, а потоа му дава лек со непријатен вкус. Прасенцето негодува и упорно ѝ објаснува дека не е Ру, но Кенга не обрнува внимание на тоа. Тогаш, во домот на Кенга пристига Кристофер Робин, кој претходно го видел Зајачето како си игра со Ру. И Кристофер ја прифаќа шегата на Кенга, а Прасенцето ја користи приликата и бега во својот дом. Оттогаш, Кенга и Ру остануваат во шумата и стануваат најголеми пријатели со Вини Пу, Прасенцето и Зајачето.[7]
  • Глава VIII: Во неа Кристофер Робин води експотиција на Северниот Пол: Кристофер Робин организира експедиција на Северниот Пол, иако не го знае значењето на тој поим. Во неа учествуваат Пу, Прасенцето, Кенга и Ру, Утката, Ушле и Зајачето со неговите роднини при што никој не знае што претставува Северниот Пол. Кога пристигаат до еден поток, Ру паѓа во водата и додека водата го носи со себе, таа се забавува, фалејќи се дека знае да плива, останатите се обидуваат да ја спасат. Најпосле, Вини Пу наоѓа еден кол и тој и Кенга ја извлекуваат Пу од водата. Тогаш, Кристофер прогласува дека колот е Северниот Пол, а Пу е тој што го пронашол.[8]
  • Глава IX: Во неа Прасенцето е окружено со вода од сите страни: Со денови врне и водата полека се приближува кон куќата на Прасенцето. Бидејќи не знае да плива, тоа испраќа порака во шише, барајќи помош. За тоа време, Вини Пу спие со денови, а кога се буди, гледа дека водата веќе навлегла во неговата куќа. Тој зема неколку грниња со мед и се качува на дрво. По неколку дена го здогледува шишето, но не знае да ја прочита пораката и затоа се качува на празно грне и така плови по надојдената вода. За тоа време, и Кристофер Робин е загрижен поради тоа што поплавата се приближува до неговата куќа. Тогаш, кај него пристига Пу и му ја покажува пораката од Прасенцето. Додека Кристофер попусто размислува како да дојдат до куќата на Прасенцето, Пу добива паметна идеја (ако тој е мече со малку ум) и предлага да го искористат чадорот на Кристофер како брод. Во меѓувреме, Утката долетува до куќата на Прасенцето и почнува да му раскажува долга, здодевна приказна од која тоа заспива, но тогаш пристигаат Кристофер и Пу и така Прасенцето е спасено.[9]
  • Глава X: Во неа Кристофер Робин приредува забава за Пу и ние се збогуваме: Кристофер Робин ја замолува Утката да ги извести жителите на шумата дека организира забава во чест на херојскиот подвиг на Вини Пу. Поради тоа, Пу е многу горд и смислува песна за себе.[10]

Осврт кон делото

уреди

„Вини Пу“ е најдлабокото и најсеопфатното дело на Милн. Во него се прикажани повеќе играчки-животни кои се персонифицирани, односно зборуваат, планираат, преземаат активности и носат заклучоци. Вршејќи ги своите „големи подвизи“, тие често запаѓаат во глупави и смешни состојби кои предизвикуваат радост, смеа и восхит кај детските читатели. Книгата е напишана со лесен и читлив стил, со интимни монолози и живи дијалози. Книжевниот јазик на авторот ги содржи секојдневните и едноставни зборови што ги доловуваат детските доблести.[11]

Изданија на македонски јазик

уреди

Издание на „Детска радост“ од 1988 година

уреди

Книгата, издадена во склоп на мини-џебната библиотека „Синоличка“, има 100 страници, во мек повез, со обем од 18 страници. Преводот од англиски јазик го направила Даница Цветановска, а ликовното уредување и дизајнот на корицата се дело на Александар Каевски. Покрај основниот текст, на крајот е дадена куса белешка за авторот. Книгата е каталогизирана во НУБ „Климент Охридски“, Скопје, но ја нема меѓународната ознака ISBN. Таа била испечатена во НИПРО „Нова Македонија“, ООЗТ „Печатница“ - Скопје.[12]

Наводи

уреди
  1. Александар Ален Милн, Вини-Пу. Скопје: Детска радост, 1988, стр. 9-18.
  2. Александар Ален Милн, Вини-Пу. Скопје: Детска радост, 1988, стр. 19-25.
  3. Александар Ален Милн, Вини-Пу. Скопје: Детска радост, 1988, стр. 26-30.
  4. Александар Ален Милн, Вини-Пу. Скопје: Детска радост, 1988, стр. 31-36.
  5. Александар Ален Милн, Вини-Пу. Скопје: Детска радост, 1988, стр. 37-46.
  6. Александар Ален Милн, Вини-Пу. Скопје: Детска радост, 1988, стр. 47-57.
  7. Александар Ален Милн, Вини-Пу. Скопје: Детска радост, 1988, стр. 58-69.
  8. Александар Ален Милн, Вини-Пу. Скопје: Детска радост, 1988, стр. 70-82.
  9. Александар Ален Милн, Вини-Пу. Скопје: Детска радост, 1988, стр. 83-92.
  10. Александар Ален Милн, Вини-Пу. Скопје: Детска радост, 1988, стр. 93-96.
  11. Даница Цветановска, „Александер Ален Милн“, во: Александар Ален Милн, Вини-Пу. Скопје: Детска радост, 1988, стр. 97-98.
  12. Александар Ален Милн, Вини-Пу. Скопје: Детска радост, 1988.