Википедија:Избрана статија/2015/08
Стара скопска чаршија (турски: Üsküp Türk Çarşısı, во превод „Скопска турска чаршија“; албански: Çarshia e Vjetër e Shkupit) — трговски и културно-историски дел во Скопје и една од најголемите знаменитости на градот. Се наоѓа на просторот од Камениот мост до Бит-пазар и од Калето до реката Серава. Според административната поделба на градот, просторот на чаршијата се наоѓа на подрачјето на општините Чаир и Центар.
Првите документирани податоци за постоење на трговски центар на местото на денешната чаршија датираат од XII век. Во време на отоманското владеење со Скопје, местото забрзано прераснало во најголем трговски дел од градот, во кој се наоѓале околу 30 џамии, бројни сараи и анови, како и други турски споменици. Чаршијата претрпела големи штети со земјотресите од 1555 и 1963 година, пожарот во 1689 година, како и двете светски војни, по што неколку пати била обновувана. Но, и покрај претрпените штети, чаршијата претставува единствен споменик на културата во Македонија, во кој се препознава наследството од повеќе култури и цивилизации кои учествувале во нејзиното создавање.
Во чаршијата преовладува отоманската архитектура, иако се забележителни и остатоци од византиската, а во последно време се забележува и примената на модернистичката архитектура. Голем број од градбите кои некогаш служеле како преноќувалишта за трговските патници или како амами за намесниците и управителите во градот се пренаменети и служат како простор за одржување на културно-уметнички настани. На просторот на чаршијата и во нејзината околина се останати и неколку џамии, турбиња, две цркви и саат-кула, а во втората половина на XX век биле изградени и зградите кои го сочинуваат Музејот на Македонија и зградата на Музејот на современата уметност. За развитокот на чаршијата низ историјата, нејзината културна вредност и занаетите кои биле застапени на просторот сведочат предметите изложени во Музејот на Старата скопска чаршија, сместен во рамките на Сули ан. (Дознајте повеќе...)