Гладијатори (латински gladiatōrēs) биле борци во Стариот Рим кои се бореле во арена против животни и едни против други. Терминот „гладијатор“ потекнува од зборот „гладиус“ (латински gladius), краток римски меч за бодење и сечење.

Гладијаторските борби се воведени во Рим во првата половина на 3 век п.н.е. во состав на погребните свечености, како ритуал на жртвување човечки животи за сенките на покојниците. Во првата забележана борба 264 п.н.е. се бореле само три пара. Кон крајот на 2 век гладијаторските борби станале многу популарни претстави кои римските цареви му ги подарувале на својот народ. Првобитно се изведувале во Форумот, а подоцна во амфитеатрите низ целото Римското Царство. Најпознат амфитеатар е римскиот Колосеум.

Гладијаторите биле робови или воени заробеници кои биле задолжени да се борат, криминалци кои сакале да побегнат од смртна казна, или слободни луѓе кои на тој начин сакале да заработат и да се извлечат од сиромаштијата. Постоеле и гладијатори жени, кои обично се маскирале како легендарните Амазонки. На почетокот на 3 век, царот Септимиј Север ги забранил борбите на жените.

Гладијаторските борби се укинати со јакнењето на христијанството, врз основа на законот на цар Константин Велики од 325 година, но и натаму се одржувале одвреме-навреме до околу 450 година. Последните гладијаторски борби во самиот град Рим се одржани на 1 јануари 404 година. Повеќе...