Википедија:Избрана статија/2008/04
Оваа седмица, пред 27 години е роден Тоше Проески (25 јануари 1981–16 октомври 2007), најпопуларниот пејач во Република Македонија и една од најголемите ѕвезди на Балканската музичка сцена, каде што е доживуван како заштитен знак на Македонија. Музичката кариера ја започнува со настапот на прилепскиот фестивал Мелфест во 1997, каде што победува изведувајќи ја песната Yesterday од Битлси. Патот кон ѕвездите му го отвораат песните Пушти ме (1997) и Остани до крај (1998). Има блиска соработка со голем број на влијателни балкански и светски музичари и композитори. Се смета дека подемот во неговата кариера започнува по изведбата на песната Твоите бакнежи на моите бели кошули на Скопскиот фестивал во 1999 година. Во меѓувреме Тоше станува дел од продуцентската куќа Авалон, каде што останува сè до истекувањето на неговиот договор во април 2002. Во 2004 година е прогласен за Амбасадор на Добрата Волја на УНИЦЕФ. Негов заштитен знак е познатиот израз Ве сакам сите.
Почина на 16 октомври после кобна сообраќајна несреќа на автопатот во Хрватска. Постхумно е прогласен за заслужен граѓанин на Македонија. Денот на неговиот погреб (17 октомври) е прогласен за Ден на Национална Жалост во Република Македонија.