Братство (културно-просветно друштво)

Братство е културно-просветно друштво создадено од битолското граѓанство со цел да се спротивстават на Бугарската егзархија и бугарска пропаганда во Македонија [1].

Основање и членство

уреди

Во 1880 година во Битола било основано друштвото Братство, а една година подоцна било основано читалиштето Просвештение, ова читалиште на 25 март 1881 година донело свој устав.

Во друштвото Братство не членувале само егзархисти туку и патријаршисти, а имало претставници и на муслиманите (Албанци и Турци). Меѓутоа егзархистите биле доминантни и затоа егзархиската црковна власт во Битола го сметала друштвото за своја компетенција бунејќи се притоа поради членувањето на другите верски и национални припадности.

Братство и Просвештение официјално имале просветни цели. Меѓутоа токму поради таквата просветно - културната дејност, тие дошле во судир со претседетелот на Битолската егзархиска општина, попот Ставре. Подоцна во судирот се замешала и самата Егзархија.

Судир со Егзархијата

уреди

Поводот за судирот се случил на 12 февруари 1883 година. Тој ден во училишната зграда се одиграла комедијата Беспаричие на Тургењев, во превод од руски на македонски народен јазик [2]. Таквата дејност продолжила и истата година била прикажана и пиесата Цилиндар од Стојчев во превот од бугарски на македонски говорен јазик [3].

Подоцна биле прикажани уште три Молиерови комедии Лажно болниот, Скаперник и Лагите на Скамен. Комедиите биле преведени од француски на македонски народен јазик од страна на Влавот Коста Косму, драмски писател и поет од селото Гопеш, Битолско [4].

Коста Косму, по потекло Влав, предавал во Битолската гимназија бугарски јазик и литература. По барање на граѓанството започнал со преведување на драмски текстови од странски автори на макеоднски јазик (битолско наречје), со што предизвикал отпор не само кај Бугарската егзархија, туку и кај романското Министарството за надворешни работи. Од романска страна му било советувано да се зафати со преведување на драмски текстови на влашки. Косму ја прифатил сугестијата и на влашки ја превел пиесата Лагите на Скапен. Изведбата на оваа пиеса станала во с. Гопеш од страна на аматерска драмска група [4]

Поп Ставре протестирал во име на општината токму поради репертоарот и употребата на македонскиот говорен јазик наместо бугарскиот јазик од страна на драмската секција, Ставре за својот протест ја известил и Егзархија [1].

Братство во однос на протестот на поп Ставре истакнало деко егзархиската црковно - училишна општина нема право да се меша во дејноста на друштвото бидејќи тоа не е во сосотав на општината.

Спорот траел до септември 1885 година. На 17 септември 1885 година општината го известило Братство дека треаба да ја прекрати својата дејност бидејќи не се покорува на своето началство. Друштвото од своја страна пак на 25 септември 1885 година донело одлука да се обрати до вилаетската власт и да биде регистрирано согласност турските закони. Во молбата која била испратена било истакнато дека:

Друштвото нема никаква врска со Егзархијата, дека е чисто граѓанско, во кое членуваат не само егзархисти, туки и патријаршисти, како и извесен број муслимани. Повикувајќи се на чл. 23 од Берлиснкиот договор, друштвото барало вилаетската власт да го регистрира како граѓанска институција [1][5]

Меѓутоа вилаетските власти одбиле да извршат регистрација на друштвото истакнувајќи дека просветата за христијаните е во исклучива компетенција на црквата па друштвото треба да се одлучи за една од двете цркви: Егзархијата или Патријаршијата [1]. Властите истовремено истакнале дека муслиманите не смеаат да членуваат во христијанкси друштва по никаква законска основа.

Распуштање

уреди

Друштвото добивајќи ваков одговор од властите и не сакајќи да се покори на Егзархија, решило да престане со својата работа.

Главниот судир меѓу нив (Братството и Егзархијата б.н) бил јазикот. Големобугарската пропаганда, како впрочем и другите нациоанлистички пропаганди, наметнувањето на јазикот на своите приврзаници го сметале како најефиксано средство за постигање на своите хегемонистички цели. Поради тоа, не случајно егзархиските управни органи во Битола толку остро реагирале против употребата на македонскиот говорен јазик во битолскиот аматерски театар... прашањето за јазикот било примарно, бидејќи македонскиот јазик, како уште неоформен во литературата, претставувал најсилна тврдина за зачувување на културните и етничките белези на Македонецот [1]

Извори

уреди
  1. 1,0 1,1 1,2 1,3 1,4 Славко Димевски, За развојот на македонската национална мисла до создавањето на ТМОРО, Култура - Скопје, 1980
  2. В.Марица VI/1 март 1883, бр. 468, с.4
  3. В.Марица VI/5 декември 1883, бр. 493, с.4
  4. 4,0 4,1 Tache Papaochgi, Antologie aromänescä. Buchuresh, 1922, XXX, s. 232, 239, 240, 245
  5. В. Зорница, X/16 декември, бр. 51, ц. 202 (Общините в Македония - продолжение осмо)