Борис Џонов
Борис Џонов (познат и како Боро Џони; 1 декември 1913 во Богданци — 25 мај 1943 во Струмица) — македонски комунист, културно-национален деец и книжевен творец.[1]
Борис Џонов | ||
Роден | 1 декември 1913 Богданци, Кралство Србија | |
---|---|---|
Починал | 25 мај 1943 (возраст: 29) Струмица, Царство Бугарија измачуван до смрт | |
Народност | Македонец | |
Познат | основач на МАНАПО | |
Занимање | правник | |
Сопружник | Раџилка Џонова | |
Татко | Илија Џонов | |
Мајка | Марија Џонова | |
Роднини | Кирил Џонов | |
Деца | Илија Џонов |
Животопис
уредиЏонов е роден во Богданци на 1 декември 1913 година. Сепак, поради воените состојби предизвикани од Првата светска војна, уште како тригодишен со родителите е префрлен во Гевгелија, каде што останува до завршувањето на Првата светска војна.
Во 1926 година, како унијат, е испратен на школување во унијатскиот интернат во Загреб, каде што е подготвуван за унијатски свештеник. Но, доаѓа во судир со воспитувачите и во 1928 година е истеран од интернатот. Со самоиздржување во 1932 година ја завршува Втората класична гимназија во Загреб и во следната година се запишува на Правниот факултет, што и го завршува во 1939 година.
Наоѓајќи се во хрватската национално разбранувана средина, пројавува интерес за националното ослободување на македонскиот народ, што го доведува и до првото затворање во 1931 година. Активно се вклучува во движењето на македонската студентска младина во Загреб и станува член на Сојузот на комунистичката младина на Југославија во 1935 година. Го добива органот на ВМРО Обединета, весникот „Македонско дело“ и го пропагира меѓу Македонците на Загрепскиот универзитет. Истовремено се наоѓа меѓу основачите и поактивните членови на тогаш основаното Македонско културно-просветно друштво „Вардар“ што развива поширока културно-национална активност. Се поведува акција за проучување на македонската историја и култура и за афирмација на македонскиот јазик.
На 1 јуни 1936 година се донесува Резолуција за Македонија, правно формулирана од Џонов и се организираат предавања на актуелни македонски теми и проблеми, па се создава Студентски македонски хор, кој во јули 1936 година изведува успешна екскурзија со концерти во Македонија, иако на крајот концертите се забранети. Раководствата на македонските студенти од Загреб, Белград и Скопје на 28 август 1936 година организираат состанок во Охрид и го создаваат МАНАПО, каде што присуствувал и Џонов. На 30 март 1937 година во Загреб веќе е отпечатен првиот (и единствен) број на весникот „Наш весник“, орган на Друштвото „Вардар“, што веднаш е и забранет и запленет. Насловот на весникот графички го изработил помалиот брат на Борис, Кирил Џонов, што исто така се школувал во Загреб.
Во сите тие македонски манифестации, Џонов земал активно учество. Во 1938 година, напишал леток на македонски јазик, што е напечатен и испратен во Белград и во Македонија. Интензивно работел во Универзитетската библиотека, прави македонска библиографија и барал литература за Македонија. Тогаш ја наоѓа и картата на Македонија од Јаранов, колективно ја проучуваат, а тој ја донел и во Струмица, што одиграла важна улога во будењето и организирањето на младината. Држи предавања на Народниот универзитет и ја буди младината. Уште како ученик пишува поезија на српскохрватски, но само една од нив е напечатена (со потписот Боро). Соработува со хрватскиот напреден печат, а од дваесетината стихотворби на родниот јазик, само две се објавени (под псевдонимо БОЏО) на еден прилично унифициран македонски јазик што значајно се разликува од неговиот роден говор.
По завршувањето на студиите во 1939 година е земен на отслужување на воениот рок, а потоа и на воена вежба во Штип. По окупацијата на Македонија во 1941 година, завршениот правник останува без работа и дури во март 1942 година е назначен за кмет на родното Богданци. Но, поради соработката со ослободителното движење, уште во истата година е отпуштен од службата и станува приправник во Струмичкиот суд.
Во ноември 1942 година е примен за член на Комунистичката партија и развива поголема националнноослободителна активност. Наскоро е откриен од бугарските власти и на 13 мај 1943 година, заедно со група од 25 активисти, е затворен од струмичката полиција, но во измачувањата тешко му е повреден вратниот ’рбет и по тридневни маки умира. За да се скрие злосторот, го прогласуваат избеган и телото му е изгорено во варница, а родителите протерани низ Бугарија.
Ѕверското мачење и непоколебливиот дух на Борис Џонов, се опеани во македонската народна револуционерна песна, како пример на човек борец револуционер крајно оддаден на каузата за слобода на македонскиот народ:
Во градот Струмица тој беше фатен
Фашисти во затвор го фрлија
Крвници клети молчешкум го мачат
На маки ѕверски го стават.
Ниту да офне ниту да трепне
Од уста ни глас не пушти
Нем се претвори тој Боро Џони
Тврд ко камен ништо не збори
Младост прежали, безстрав загина
За нашата земја Македонија
Спомен-обележја
уредиПокрај бистите со ликот на Боро Џони во Богданци и Струмица постојат и спомен-плочи во сеќавање на неговото дело. Во Струмица две установи го носат неговото име: Основно музичко училиште Боро Џони и Центар за обука на Територијалната Одбрана ТО-Боро Џони.
Книжевност
уреди- Живко Исак Заев, „Живот и дело на Борис Џонов (1913-1943)“, Богданци, 2021.
Наводи
уреди- ↑ Ристовски, Блаже, уред. (2009). „Џикова“. Македонска енциклопедија. , книга II (М-Ш). Скопје: МАНУ. стр. 1640. Text "series " ignored (help)