Арпад Штербик
Арпад Штербик (20 ноември 1980 година) е српски ракометен голман со шпански пасош. Висок е 200 см и тежок 120 кг. Со екипите за кои настапувал, Штербик освоил вкупно 55 медали и добил 8 поединечни награди.
Клупска кариера
уредиВо 2005 година, Штербик бил прогласен за најдобар голман во Унгарија, а ИХФ го прогласила за најдобар светски ракометар. Потоа, Штербик играл во шпанската АСОБАЛ лига, каде настапувал за тимовите на Сиудад Реал, РК Атлетико Мадрид и РК Барцелона. Притоа, од 2006 до 2010 година, петпати по ред бил прогласуван за најдобар голман во лигата, а во 2006 година бил прогласен за најкорисен играч (МВП) на лигата. Во јуни 2014 година, Штербик потпишал четиригодишен договор за РК Вардар од Скопје.
Репрезентативна кариера
уредиВо својата кариера, Штербик играл за две репрезентации: СР Југославија и Шпанија и со двете освоил медали на светските првенства. На европското младинско првенство во 1998 година, Штербик освоил сребрен медал, а идната година, освоил златен медал на Универзијадата. На светското првенство во 2005 година, Штербик бил прогласен за најдобар голман. На светските првенства во 1999, 2001 и 2011 година, Штербик освоил бронзени медали, а на светското првенство во 2013 година, со репрезентацијата на Шпанија, конечно го освоил златниот медал.[1]
Наводи
уреди- ↑ "Штербик во Вардар доаѓа за да го освојат трофејот во ЛШ", Дневник, година XVIII, број 5482, среда, 4 јуни 2014, стр. 23.